Втор ден за завршниот куп-турнир, полуфинале кај дамите со прогноза за неизвесност и големи возбудувања

 

За разлика од машките, женските полифинални натпревари во македонскиот одбојкарки куп би требало да донесат многу поголема неизвесност. Во салата „Парк“ во Струмица, денеска ќе играат најдобрите четири екипи од Првата лига, две од нив првпат ќе настапат во натпревар од оваа етапа на купот, во конкуренција за престижниот пехар е последниот освојувач, а тука е и тимот со досегашни четири настапи во финалето. Токму затоа, за очекување е да има тесни резултати, а со тоа и вистинска спортска возбуда во обидот да се мине уште еден чекор кон проектираната цел.

 

Во првото полуфинале ќе играат скопските ривали Вардар жени 2019 и Работнички Скопје. Знаејќи дека сезонава секој триумфираше на гости без да загуби сет, како и тоа дека во последните две сезони билансот во меѓусебните одмерувања на силите е 2-2, тешко е да се прогнозира која екипа е во предност. Работнички Скопје во 2019 славеше на истото место, тогаш против Наковски волеј, а во сегашниот состав се шест одбојкарки, сега засилени со Србинката Терзиќ.

 

Слични се очекувањата и од пресметката на Струмица жени со Јанта волеј Кисела вода. Коорганизаторот на турнирот првпат е во полуфинале, а скопскиот тим се надева на петто финале и на прва титула. Во досегашните четири обиди Јанта волеј двапати губеше од Работнички жени, а по еднаш од Форца волеј и од СВСК Куманово. Тоа се екипи коишто веќе не постојат, што доволно зборува дека за подлабока традиција во претставувањето на полуфиналните двојки во македонската женска одбојка, не може да стане збор. Но секако дека има лични спортски ривалства за коишто вреди да се гледаат преносите на МРТ-3, од 15 и 55 (Вардар жемни 2019 – Работнички Скопје) и од 18 и 55 (Струмица жени – Јанта волеј Кисела вода).

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *