Најдобрите четири екипи во македонската женска одбојка одамна обезбедија учество во полуфиналето од разигрувањето, но за формирање на двојките ќе решаваат натпреварите од последното, 10.коло во Втората фаза-1. По вчерашниот триумф над Струмица жени на гости со 3:1 (17:25, 25:15, 25:18 и 25:22), одбојкарките на Вардар жени 2019 се вратија на водечката позиција, а најверојатно и ќе ја задржат затоа што во оваа рунда се фаворити на утрешниот натпревар против Наковски волеј. Освојувачот на купот за сезоната 2020/21, Јанта волеј Кисела вода, има идентичен биланс како вардарки, но два бода помалку, така што дури и со максимална победа над Струмица жени на домашен терен, нема да решава сам за тоа дали ќе напредува од второто место. Трета е Струмица жени поради подобар сет-количник од Работнички Скопје, но и значително потежок противник во последното коло, така што постои можност составот од главниот град да оди чекор понапред. Според сите параметри, Работнички Скопје би требало да биде поблиску до победа на теренот на Универзитет во Тетово.
Во Втората фаза-2 настапуваат осум екипи, така што до крајот на сезоната за нив ќе има уште по четири натпревари. Во 11.коло ќе има дерби меѓу двете најдобри досега, Фит фан волеј и Јанта волеј Форца, а без оглед на резултатот позициите нема да се менуваат. Првопласираниот Фит фан волеј има две победи повеќе и максимален ефект во ова друштво, а беше подобар од ривалот и на претходниот меѓусебен дуел. Трет е Пелистер волеј кој и со очекуван успех кај Виктори волеј ќе остане на своето место, барем по овој меч. Ускана и Македонија Макс ќе решаваат за четвртата позиција во оваа конкуренција што одговара на десеттата во конечното рангирање, а шанса за таков резултат има и УГД Студент особено што денеска е апсолутен фаворит против последнопласираниот Бами Кор.
Прва лига (жени), Втора фаза -1, (10.коло)
Универзитет во Тетово – Работнички Скопје (денеска, 18.00)
Вардар жени – Наковски волеј (утре, 17.30)
Јанта волеј КВ – Струмица жени (утре, 18.00)
Струмица жени – Вардар жени 2019 1:3 (25:17, 15:25, 18:25, 22:25)
Прва лига (жени), Втора фаза -2, (11.коло)
Јанта волеј Форца – Фит фан волеј (денеска, 19.45)
Виктори волеј – Пелистер волеј (денеска, 16.00)
Ускана – Македонија Макс (денеска, 17.00)
УГД Студент – Бами Кор (денеска, 17.00)