По завршниот турнир во купот, македонските одбојкари се враќаат на првенствените обврски иако до крајот на лигашкиот сегмент нема многу отворени прашања. Познати се позициите на екипите во пресрет на полуфиналето од разигрувањето, па претстојните три натпревари ќе бидат подготовка за настапот во елиминацискиот дел. Вардар денеска ќе го пречека Универзитет во Тетово, а утре ГОК Борец ќе се сретне со Џио Струмица во 10.коло од Втората фаза-1. Тетовци ќе се обидат да се вратат на победнички патеки по поразот во финалето на купот од струмичани, кои се на врвот на табелата со биланс 17-1. Универзитет има три победи помалку од нив, а четири повеќе во однос на Вардар пред нивната серија до две победи во полуфиналето во шампионатот. Со оглед на пласманот, јасно е дека во првата рунда од нокаут-сегментот, Џио Струмица ќе сервира против ГОК Борец, па нивниот утрешен дуел е најава на таа низа.
Во Втората фаза-2, се уште е отворена битката за водечките три места, а со тоа и за подобар пласман во конечното рангирање за сезонава. Првопласираната Шкендија ќе гостува кај Весна Пробиштип со надеж да ја поправи разнишаната форма и да ја забележи 12.победа. Лирија ќе игра со Штип УГД во директна пресметка за второто место затоа што каков и да биде резултатот од денешните средби, Шкендија ќе остане лидер. Штипските одбојкари имаат една победа помалку од Шкендија, но заостануваат пет бода, така што дури и со триумф кај Лирија не можат да напредуваат во пресрет на завршното коло наредниот викенд. Лирија, пак, доколку слави над Штип УГД, ќе го преземе второто место. Весна Пробиштип веќе го обезбеди четвртото во ова друштво и е подобра само од Јанта волеј и од Дибра волеј, кои денеска ќе ги одмерат силите во Кисела вода.
Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (10.коло)
Вардар – Универзитет во Тетово (денеска, 18.30)
ГОК Борец – Џио Струмица (утре, 17.00)
Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (9.коло)
Весна Пробиштип – Шкендија (денеска, 18.00)
Лирија – Штип УГД Штип (денеска, 17.00)
Јанта волеј – Дибра волеј (денеска, 17.00)