Вардарки му се придружија во финалето на составот на Јанта волеј Кисела вода, а Џио Струмица поведе против ГОК Борец со 1-0

 

Одбојкарките на Вардар жени 2019 го совладаа Работнички Скопје со 3:1 (24:26, 25:23, 25:19 и 25:19) во мајсторката од полуфиналната серија во Првата македонска лига и ќе играат со Јанта волеј Кисела вода за шампионската титула во сезоната 2020/21. Откако црвено-црните го добија првиот натпревар на свој терен со 3:2, а противничките вратија со 3:1 во вториот, денешниот мина со многу резултатски пресврти и со падови и со подеми во играта на двете страни.

 

Вардарки отворија подобро, но иако водеа со 21:16 во првиот сет, влегоа во низа грешки во завршницата, па со серија од 10:3 Работнички Скопје поведе со 1-0 и се закани дека ќе направи комплетен пресврт во полуфиналето. Потоа, во вториот сет сликата беше спротивна, Работнички Скопје имаше навидум недостижно водство од 23:19, но со блок и со поен од напад на Курјерова и со три аса по ред на Ковачевиќ како дел од серијата од 6:0, екипата на тренерот Горан Славков израмни на 1-1 и го сврте натпреварот во своја полза. По ваквиот расплет на вториот сет, гостинските одбојкарки не успеаја да се рехабилитираат, па во третиот имаа негатива дури од 15-5, а во четвртиот беа поблиску, но постојано го бркаа резултатот и не успеаја да обезбедат финале, а со тоа и шанса да го бранат пехарот од пред две години кога ја освоија двојната круна.

 

Во колективната статистика забележливо беше дека Вардар жени 2019 грешеше помалку, подари 21, а доби 30 поени од ривалките, додека, пак, другите параметри беа поизедначени. Вардарки освоија 44 поени од напад, еден повеќе од Работнички Скопје, кој имаше подобар блок (12 наспроти 8), но полош сервис. За одбележување се 17-те аса на црвено-црните коишто со грешките веројатно беа решавачки фактор во мајстројката. Во овие два елемента црвено-црните заработија 25, а гостинските 21 поен. Приемот не беше на ниво и кај двете екипи, но во тие нијанси, сепак, составот на Вардар жени 2019 го мина полуфиналниот филтер.

 

Кубанката Агуеро заврши со 24 поени во победничкиот состав, Ковачевиќ беше одлична со 17, Павловска од центарската позиција придонесе со 9, Славкова, Курјерова и Илиева имаа по 9, а Пејовска отсервира еден ас. Кај поразените, Стојанова со 19 и Србинката Терзиќ со 17 искомбинираа 36 поени од примачка дијагонала, Баталаковска придонесе со 11, Јонузи со 7, Ѓурѓевиќ со 6, а Николова со 5.

 

Серијата до три победи за освојување на пехарот ќе почне в понеделник на теренот на Јанта волеј Кисела вода, кој во полуфиналето беше подобар од Струмица жени со 2-0, а го освои и пехарот во купот со триумф во финалето токму над составот на Вардар жени 2019. Поради успех во полуфиналната двојка 1-4, црвено-црните ќе го почнат финалето во првенството со предност од 1-0 во победи.

 

Во машкиот шампионат, пак, полуфиналето почна со очекувана победа на Џио Струмица над ГОК Борец со 3:0 (25:22, 25:11, 25:22). Реваншот ќе биде во вторник во Велес, а Универзитет во Тетово и Вардар се договорија двата меча да ги одиграат утре на теренот на тетовскиот клуб. Според сите параметри, за шампионскиот пехар би требало да играат Џио Струмица и Универзитет во Тетово, а нивната серија би почнала наредниот петок.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *