Двете најдобри екипи во македонската женска одбојка денеска ќе ја почнат трката за шампионскиот пехар за сезоната 2020/21. Јанта волеј Кисела вода ќе го пречека тимот на Вардар жени 2019 којшто во финалната серија од разигрувањето ќе влезе со почетна предност од 1-0 во победи затоа што беше подобар во полуфиналето на двојката 1-4. Во таа фаза Јанта волеј Кисела вода полесно ја одработи задачата против Струмица жени, триумфираше двапати и за разлика од црвено-црните одигра натпревар помалку, па може да се потпре на поголема свежина пред првиот чин од низата којшто ќе трае најмалку два, а најмногу четири меча. За освојување на посакуваниот пехар потребни се три победи во серијата.
Досега во сезоната, вардарки беа подобри од Јанта волеј Кисела вода во двете лигашки пресметки и тоа со убедлив резултат, но ривалките го добија досегашниот најважен дуел, а тоа е во финалето на купот, кога во салата „Парк“ во Струмица ги совладаа конкурентките по четири сета. Оттука, привлечноста на финалето во Првата македонска женска одбојкарска лига е томку во тоа што е тешко да се прогнозира епилогот. Јанта волеј ќе игра за третата првенствена титула во клупската историја, а Вардар жени 2019 за премиерната. Преносот од денешниот натпревар е на МРТ-3 каналот од 17 часот и 55 минути, а без оглед на резултатот, сигурно е уште едно соочување, в четврток на теренот на вардарки.
Во меѓувреме, додека се одвива битката за тронот, и екипите од Втората фаза-2 ги завршуваат обврските за тековното првенство. Фит фан волеј славеше на госи кај Ускана и ја продолжи максималната серија во ова друштво потврдувајќи го водечкото место. Откако ја одигра заостанатата средба со Виктори волеј, тимот на Пелистер волеј го презеде второто место на табелата, а Јанта волеј Форца сега е третопласирана поради тоа што има помал број бодови. Викендов битолчанки се вратија со победа и од натпреварот во Штип против УГД, што значеше обезбедена четврта позиција во Втората фаза-2, а со тоа и десеттта вкупно за Македонија Макс. Струмичкиот состав во препоследното, 13.коло беше поуспешен од Бами Кор.
Прва лига (жени), финале (прв натпревар)
Јанта волеј Кисела вода – Вардар жени 2019 (МРТ-3, 17.55)
***Екипата на Вардар жени 2019 во финалната серија влегува со предност од 1-0 во победи. Пехарот ќе му припадне на тимот којшто прв ќе оствари три триумфи, што значи дека ќе има најмалку два, а најмногу четири натпревари.
Прва лига (жени), Втора фаза-2, (13.коло)
Ускана – Фит фан волеј 0:3 (15:25, 20:25, 12:25)
Виктори волеј – Јанта волеј Форца 0:3 (11:25, 17:25, 19:25)
УГД Студент – Пелистер волеј 0:3 (10:25, 19:25, 17:25)
Македонија Макс – Бами Кор 3:0 (25:13, 25:19, 25:14)
Прва лига (жени), Втора фаза-2, (4.коло)
Пелистер волеј – Виктори волеј 3:1 (25:14, 25:21, 26:28, 25:23)