Повторно ден за финале кај дамите! Одбојкарките на Вардар жени 2019 и на Јанта волеј Кисела вода ќе ги одмерат силите петтипат сезонава, а вторпат во финалната серија за шампионкиот трон во Првата македонска одбојкарска лига. Двете екипи се на еднаква дистанца од пехарот, резултатот во финалето е 1-1 во победи, а за освојување на престижната титула потребни се три триумфи.
Вардарки беа подобри на двата натпревара во основниот сегмент, но двократните првенки вратија во наредните два коишто имаа поголемо значење. Покрај успехот на свој терен во понеделникот за израмнување на почетокот на финалето во разигрувањето, составот на Јанта волеј Кисела вода беше подобар и во завршната средба од купот во салата „Парк“ во Струмица. Тоа може да значи психолошка предност за гостинскиот тим пред денешата пресметка во салата „Македонија“ во населбата Ченто иако досегашните теоретски претпоставки не добиваа секогаш потврда на терен. Во секој случај, целта на одбојкарките на Вардар жени 2019 ќе биде да ја намалат негативата во споредба со поените на ривалките освоени преку блок и сервис. Јанта волеј имаше дури 13 поени повеќе во овие два елемента, а во убедливата победа од 3:0 на првиот финален натпревар големо влијание имаа и деветте грешки помалку. По трите неискористени сет-топки за 1-1, од коишто две по ред, вардарки не се рехабилитираа, па во третиот сегмент од мечот освоија само девет поени што претпоставува дека денеска ќе се обидат да тргнат силно за да ја задржат предноста на домашниот терен во финалната серија.
Без разлика на епилогот од денешниот дуел, ќе има уште најмалку еден, в понеделник во Кисела вода, а доколку резултатот е 2-2 во победи, тогаш мајсторката ќе биде закажана на теренот на Вардар жени 2019.