Последно коло во Втората фаза-2, дилемите се за второто и за петтото место

 

Екипите од втората квалитативна група во македонската женска одбојка за сезоната 2020/21, утре ќе го завршат првенствениот настап со натпреварите од 14.коло во Втората фаза-2. Со максимален биланс во ова друштво, екипата на Фит фан волеј одамна го обезбеди првото место, со тоа седмото во конечното рангирање, па во пресметката со УГД Студент ќе влезе со амбиција да го потврди одличниот впечаток во дебитантското учество во Првата лига. Штипјанки се петтопласирани, а позицијата можат да ја задржат дури и со пораз, затоа што освоија бод повеќе во однос на Ускана, која има идентичен ефект на победи и на порази. Кичевските одбојкарки ќе гостуваат кај Јанта волеј Форца – тимот чијшто амбиции се да го преземе второто место на Пелистер волеј. Во пресрет на соочувањето со Македонија Макс на свој терен, битолчанки имаат два бода повеќе од Јанта волеј Форца, па сами решаваат за конечниот пласман. Оттука, каков било триумф на Пелистер волеј ќе значи сигурен пласман на осмата позиција сезонава, втора во Втората фаза-2.

 

Од аспект на табелата, никакво влијание нема дуелот на Бами Кор и на Виктори волеј, екипите со најслаб ефект во ова првенство. Бами Кор досега не забележа победа, а освои три бода во 19 натпревари, додека, пак, Виктори волеј има три триумфи, со напомена дека во овој натпреварувачки сегмент славеше само над тетовскиот состав.

 

Во трката за шампионскиот трон, пак, Јанта волеј Кисела вода има предност од 2-1 во победи против Вардар жени 2019. Наредниот натпревар е в понеделник од 17 часот и 30 минути со пренос на МРТ-3, а може да биде последен во женската одбојка сезонава доколку слави составот од Кисела вода. На вардарки им е потребен гостински триумф за да израмнат, а со тоа да се изборат за мајсторка на домашен терен.

 

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (14.коло)

Фит фан волеј – УГД Студент (сабота, 13.00)
Пелистер волеј – Македонија Макс (сабота, 13.00)
Јанта волеј Форца – Ускана (сабота, 14.00)
Бами Кор – Виктори волеј (сабота, 13.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *