Џио Струмица и Универзитет во Тетово денеска влегуваат во завршната трка за шампионскиот пехар во Првата македонска машка одбојкарска лига. Последниот освојувач на тронот има почетно водство од 1-0 во победи поради успешен настап во полуфиналната двојка 1-4, а тоа значи дека ја заработи привилегијата да ја има и предноста на домашен терен во низата којашто може да содржи најмалку два, а најмногу четири натпревари. Првиот е на теренот на Универзитет кој досега нема пехар, првпат е во финалето на првенството, а претходно одигра две во купот, во 2019 и годинава, но беше поразен токму од составот на Џио Струмица, кој се надева на 16.трофеј во клупските витрини. Покрај осумте во купот, струмичани седумпати беа македонски прваци, а шестпати од 2021 досега, така што се најуспешна екипа кај нас во последната деценија.
За поголема самодоверба во пресрет на финалната серија, Универзитет во Тетово славеше над ривалот во последните две лигашки соочувања. Со оглед дека Џио Струмица рано ја обезбеди најдобрата позиција во разигрувањето, тие средби резултатски немаа големо значење, но би требало да донесат стабилност во играта и верба кај тетовци дека можат да му париираат и да го совладаат противникот. Седумкратниот шампион доби четири од шесте меѓусебни пресметки сезонава, а осум од вкупно десет ако се бројат и натпреварувачките 2018/19 и 2019/20, што сугерира дека и во ова финале треба да биде носител на фаворитската улога. Впрочем, струмичани загубија само две од 25 средби, за разлика од тетовци чијшто биланс е 20-5.
За очекување е Универзитет да се обиде да нападне со сервис како што беше во првиот сет од финалето во купот во салата „Парк“ на 28.март. Доколку успее да му оневозможи на противникот добра организација на нападите, тогаш шансите за долга серија ќе бидат поголеми. Значајна улога ќе има и одбраната, како и процентот на искористени контранапади, но и психолошката стабилност којашто се покажа клучна на некои од претходните натпревари. Резултатскиот императив од денешниот дуел може да биде товар за Универзитет во Тетово зашто во случај на неуспех во својата сала, Џио Струмица ќе дојде до предност од 2-0 во победи и ќе и биде потребен само уште еден триумф за да ја заврши работата. Засега сигурно е дека ќе има уште еден меч во вторник во Струмица од 19 часот, исто така, со пренос на МРТ-3, а доколку денеска тетовци израмнат, ќе заработат можност уште еднаш да играат дома, што би било наредниот петок. Ако има потреба од мајсторка, домаќин ќе биде Џио Стррумица.