Мирко Трајков ја заврши делегатско-контролорската кариера, но засекогаш останува член на македонското одбојкарско семејство

 

Нераскинливиот член на македонската одбојка Мирко Трајков објави крај на делегатската и на контролорската кариера. Првиот натпревар од финалната серија во разигрувањето меѓу Универзитет во Тетово и Џио Струмица за него беше последен во улога на официјално лице во нашата одбојка. Пензионираниот полковник во АРМ од осамостојувањето постојано беше дел од сите одбојкарки настани кај нас, на оние со домашен, но и на тие со меѓународен предзнак. Трајков беше судија, претседател на судиската организација на ОФМ, делегат-контролор, а во долг период ја извршуваше функцијата комесар за натпреварување. Тој беше ментор на многу судии и е еден од најзаслужните за изготвување на актите според коишто се организираат одбојкарските натпревари кај нас. Матичната судиска организација на Скопје и Судиската организација на ОФМ му врачија пригодни подароци како благодарност за неговото истакнато одбојкарско дело.

 

Без оглед што веќе нема да биде официјален претставник на натпреварите во првенството, во купот и во младинските категории, поради големиот ентузијазам и професионалност во неговата работа, Трајков секогаш ќе биде дел од македонското одбојкарско семејство и со сигурност и натаму ќе го дава својот несебичен придонес во организација на сите активности на ОФМ. Поинаку е незамисливо да биде!

 

Мирко Трајков, ти благодариме!

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *