Мајсторка ќе решава за женскиот одбојкарски трон, Вардар израмни во финалето со Јанта

 

Финалната серија меѓу Јанта волеј Кисела вода и Вардар жени 2019 ќе се решава во мајсторка откако вечерва црвено-црните славеа со 3:2 (14:25, 25:19, 14:25, 25:22, 17:15) на гости во третиот натпревар од низата за шампионскиот трон. Домашниот состав водеше двапати, прв имаше сет и меч-топка за да ја освои третата првенствена титула во клупската историја, но вардарки преживеаја, го затворија петтиот сет со 17:15 иако пред тоа губеа со 9:5. Јанта волеј Кисела вода вечерва во салата „Македонија“ ја имаше расположената Украинка Собол која заврши со 35 поени, имаше и два одлични сета во коишто го остави ривалот на 14 поени, но сепак, не успеа да ја заврши работата и куп-пехарот да го надгради со шампионскиот трофеј.

 

Тимот на Вардар жени 2019 денеска повторно играше променливо, но за разлика од претходните две средби од финалето грешеше помалку, а во нападот отвори повеќе опции преку Ковачевиќ, Лазарова и Славкова. И покрај тоа што повторно приемот осцилираше, вардарки денеска направија помалку грешки, 28 во пет сета, што е напредок во споредба со натпреварите на коишто губеше. Јанта волеј Кисела вода подари идентичен број поени, имаше девет повеќе од напад, а два позитива во елементите блок и сервис, во периоди подобра енергија, но во решавачките моменти премногу зависеше од Собол. Блокерката Стојановска имаше забележителен настап со 15 поени, а примачките Серафимова и Маројевиќ освоија по 10. Тасевска заврши со 4, а Стевановска со 3. Кај Вардар, Кубанката Агуеро собра 20, Ковачевиќ 17, Славкова 9, Курјерова и Лазарова по 8, Илиева 2, а Зарева 1.

 

Мајсторката ќе биде одиграна в четврток со пренос на МРТ-3, а во неа Јанта волеј Кисела вода ќе се обиде да ги повтори успесите од 2017 и од 2019 кога беше македонски првак. Вардар жени 2019 се надева на првиот трофеј во клупската историја којашто почна минатата сезона.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *