По вкупно шест меѓусебни пресметки сезонава, една од нив во финалето на купот и три во финалната серија од првенството, одбојкарките на Вардар жени 2019 и на Јанта волеј Кисела вода за шампионскиот престол ќе решаваат во еден единствен натпревар. Мајсторката во финалето на Првата лига е во населбата Ченто во Скопје, а кој ќе победи денеска ќе ја заработи привилегијата да го крене пехарот. За црвено-црните би бил прв во кратката историја на клубот, а за ривалот трет по двата во 2017 и 2019.
Јанта волеј Кисела вода во понеделникот имаше меч-топка да ја заврши низата со 3-1 во победи и да ја запечати двојната круна за натпреварувачката 2020/21. Не успеа, вардарки се извлекоа и ја задржаа предноста на домашен терен во битката за врвот. Откако загубија на три средби едноподруго, иако не блескаа, триумфираа во Кисела вода, израмнија на 2-2 во финалето прекинувајќи ја успешната низа на противничките од три победи во меѓусебните соочувања. Параметрите покажуваат дека е тешко да се прогнозира, вардарки имаат персонални проблеми, неизвесно е дали и колку воопшто може да придонесе Марија Лазарова, која се повреди на претходниот дуел, но дури и да може да игра без ограничување, извесно е дека домашниот состав нема да ја формира најдобрата двојка на блокерската позиција. Јанта волеј Кисела вода има подобри бројки во сите елементи освен во грешките на сервис, па тоа е една од нијансите којашто може значително да влијае на резултатот. Освојувачките на годинашниот куп делуваат подобро во одбрана, па доколку успеат да го нападнат противничкиот прием, а со тоа да оневозможат организиран напад, тогаш ќе бидат многу поблиску до успехот. Но како и да е, многу работи ќе зависат и од психолошката подготовка, затоа што на претходните мечеви имаше премногу осцилации не само во текот на еден натпревар, туку и во сетовите, па постојаноста во играта е уште еден предуслов за решение, како што без сомневање се и подарените поени.
Според сево ова, пред нас е интересен натпревар во којшто секој поен може да го одреди текот на мајсторката од финалната серија во разигрувањето. Во него Вардар жени 2019 влезе со почетна предност од 1-0 како подобар тим од полуфиналната двојка 1-4, но потоа Јанта волеј Кисела вода славеше двапати, а црвено-црните израмнија на 2-2. Сезоната кулминира денеска, а преносот е на МРТ-3 од 17 часот и 25 минути.