Пријателските натпревари против Србија исполнија повеќе цели на македонските одбојкари пред предизвикот во Европската сребрена лига. Тешките тренинзи за компензација на прекинатиот работен процес по завршувањето на клупската сезона не можеа да дадат вистинска слика за формата на националниот состав, но контролите со европскиот првак беа реален показател дека националниот состав може да се чувствува фаворит за златниот медал во шестиот настап во натпреварувањето на ЦЕВ. Данска, Израел и Кипар треба да бидат загревање за вистинскиот предизвик на завршниот турнир на којшто од другата група за очекување е да играат Хрватска, Австрија, или, пак, Унгарија. Хрватите викендов ја завршија задачата и обезбедија пласман на септемвриското Европско првенство, Австријците не успеаја во јануарските квалификации, па за нив Сребрената лига е единствена шанса за да ја оправдаат годината, а Унгарците, исто така, ќе бараат мевлем за фактот што повторно нема да бидат во друштво на 24-те најдобри репрезентации во Европа.

Во мајскиот квалификациски циклус, покрај Хрватите, таа привилегија ја заработија Белорусија, Португалија, Словачка, Холандија, Грција, Црна Гора и Шпанија која го чекаше епилогот на сите групи. Претходно, Турците, Бугарите, Летонците, како и Македонија вторпат едноподруго и воопшто во историјата, обезбедија влез во реномираната европска конкуренција во којашто се и четирите коорганизатори и селекциите од првиот ешалон. Ждрепката за групите е на 27.овој месец во Хелсинки, токму како дополнителна инспирација за учеството на турнирот во Шлагелсе, втор во нашата група „А“ од Европската сребрена лига. Првиот, како и завршниот ќе бидат во Струмица. Од 21-ви до 23-ти Македонија ќе игра со Кипар, со Израел, па со Данска како наш најсериозен ривал. Реномето обврзува победнички крај не само на групната фаза, туку и на целата лига, а тоа ќе биде вистинска инспирација за остварување на другиот план – осминафинале на Европското првенство.