Македонските одбојкарски репрезентативци загубија од Данска со 3:0 (25:21, 25:23, 26:24) во третото, последно, коло од првиот турнир во групата „А“ од Европската сребрена лига 2021. За разлика од вчера кога исто така со недоволно добра игра го совладавме Израел, вечерва во салата „Парк“ во Струмица, не можевме да се извлечеме. Данците сервираа извонредно, го оптоварија нашиот прием, постојано бевме во грч, не можевме да организираме напад, блокот на ривалот ја заврши работата, а младите дански одбојкари имаа голема самодоверба и ја решетаа нашата немоќна одбрана.
„Тажен сум поради поразот, мора да изанализираме добро и да почнеме да се поправаме. Не сакам да ни се случи 2018 кога губевме во група и дојдовме на завршниот турнир со мала самодоверба. Сега треба да одиме во Данска да се реваншираме, а за да го сториме тоа, ние мора да ја играме основната игра. Признавам дека тие вечерва беа одлични, но и ние им помогнавме“, изјави македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој и овој пат беше наш најефикасен одбојкар. Го следеа Љафтов и Николов, но тоа не беше на ниво за да се неутрализира ефектот на данскиот коректор Јенсен, на стандардните примачи Кјаер и Мадсен, а во средбата со нас на повисоко ниво беа и средните блокери и искусниот техничар Јакобсен, па Данска славеше вторпат во осмиот меѓусебен дуел во Европската лига.
Во другиот натпревар денеска, Израел потешко од очекувањата го совлада Кирар со 3-2 и ги задржа шансите за настап во полуфиналето, но според првите три кола, Данска има значително поголеми шанси затоа што е и домаќин на вториот турнир од петок до недела во Шлагелсе, Таму, првиот меч нашите одбојкари ќе го одиграат со Данска, а преносот ќе оди на МРТ. Амбицијата на македонскиот национален тим ќе биде да се достигне вистинската форма за учеството на завршниот турнир на којшто ние сме пласирани без оглед на резултатите.