Победа и реванш се двата најспоменувани збора за македонските одбојкари пред денешната пресметка со Данците, прва од вториот турнир во Европската сребрена лига. Резултатот не значи ништо во насока на пласманот на завршниот во Струмица, но иако главно се најважни, бројките не се единствениот значаен показател во спортот. Се игра и за личното реноме, за потврда на вистинската концепција, за постојаниот раст на тимот во глазурата на формата, конечно и никако последно, се игра за Македонија.
„Овие натпревари ни се контролни пред почетокот на елиминациската фаза, ќе се обидеме да дадеме максимум и да ја кренеме самодовербата за да влеземе подготвени на завршниот турнир. Сакаме да го освоиме златото“, категоричен е Владо Милев.
Билансот против Данска ни е 6-2 во евролигата. Но знаејќи дека секој поен е различен од другиот и не доаѓа сам од себе, во Шлагелсе традицијата не мора да значи ништо, особено што противникот има реновиран состав во споредба со претходните натпревари. Затоа вистински репер е играта во Струмица во неделата кога Данците славеа со 3-0.
„Сите знаеме дека овој натпревар и целиот турнир не ни се важни, но ние сакаме да покажеме дека не сме дојдени неподготвени. Се надевам дека вечер ќе покажеме квалитет и дека ќе победиме со 3-0“, вели Александар Љафтов.
Денеска против Данска од 19 часот со пренос на МРТ-3, утре против Израел и в недела против Кипар, македонските одбојкари ќе играат без камери во салата. Одбојката нема секаде идентичен третман, ниту сите федерации се исти, ниту сите телевизии се исти. Финалниот турнир во Европската сребрена лига на 5 и на 6 јуни значи нова можност да се изнагледаме одбојка на Македонската радиотелевизија. Се надеваме со радост за освоено злато, повеќе од заслужено по три сребра и една бронза во натпреварувањето на ЦЕВ.