Македонија слави убедлива победа над Данска со 3:0 (25:23, 25:17, 25:20)

 

Македонските одбојкари ја прегазија Данска во првиот натпревар на вториот турнир од групата „А“ во Европската сребрена лига. Во Шлагелсе како да играа две различни репрезентации во споредба со соочувањето во Струмица пред пет дена, па црвено-жолтите доминираа во сите елементи, имаа постојана контрола над резултатот, подобар прием, соодветна одбрана на нивните најсилни офанзивни оружја, па го добија ривалот со 14 поени во вкупниот биланс.

 

Одличен натпревар одигра Александар Љафтов како лидер во нападот, со одличен сервис ги откажа Данците во неколку ротации, оствари 4 аса, имаше и 3 блока, а вкупно освои 23 поени. Капитенот Никола Ѓорѓиев заврши со 11, но денеска едноставно немаше потреба да се троши затоа што имавме разновидна игра во којашто средните блокери Маџунков и Николов искомбинираа 11 поени. Маџунков освои 7, а Николов 4. Во третиот триумф во четвртиот настап во натпреварувањето, Ѓорѓи Ѓорѓиев и Владо Милев придонесоа со по пет поени. Македонија едноставно беше подобра и по седмиот успех во деветтито меч со Данците во Европската лига, се врати на првото место на табелата.

 

Утре ќе се сретнеме со Израел, а в недела со Кипар, по што македонските одбојкари ќе се вратат во Струмица за последните подготовки пред завршниот турнир во салата „Парк“ на 5 и на 6 јуни. Целта да ја подобруваме формата и да го качуваме нивото за елиминиациската фаза засега ја остваруваме, а уште поголема потврда за тоа може да биде претстојната пресметка со Израелците, кои денеска изненадувачки загубија од Кипар, а со тоа се надвор од трката за учество во полуфиналето. Прогнозите се остваруваат, па покрај нашиот национален состав, на завршниот турнир во Струмица би требало да играат и Данците.

 

Утре, во второт коло на турнирот во Шлагелсе, а вкупно петто, македонската селекција ќе сервира против Израел од 16 часот, а во вечерниот термин Данска ќе се сретне со Кипар.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *