Македонските одбојкари минаа уште една важна етапа во Европската сребрена лига. Ја потврдија фаворитската улога против Кипар и со три победи на турнирот во Шлагелсе, а вкупно пет во шест натпревари, ја заработија првата позиција со што го оправдаа реномето во ова натпреварувачко друштво. Не беше ленсно ниту денеска против Кипар, кој остана на еден триумф, но без никаков притисок уживаше во дуелот сонас.
Почнавме со Деспотовски на позиција техничар и со Илиев на примачка дијагонала, затоа што немаше потреба да се ризикува со повредата на Милев. Другите во првиот состав беа стандардни, па во рамноправниот прв сет притиснаа кон крајот за 25:22. Во вториот Кипарците почнаа подобро, но за разлика од воведот, ние во тој сегмент грешевме помалку, па силата на црвено-жолтите дојде до израз за убедливи 25:18. Потоа се опуштивме и без оглед што имавме 11:9, противникот направи серија од 9:2 и намали со 25:18, а во четвртиот сет повторно на рутина, Македонија ја заврши работата со 25:22.
Капитенот Никола Ѓорѓиев со 26 поени беше наш лидер на теренот, Љафтов заврши со 11, а двоцифрен беше и Маџунков со 10. Девет имаше Илиев, Николов 8, а Деспотовски 2. Во колективната статистика бевме рамноправи според поените од напад, имавме идентичен број блокови, но полесно реализиравме контри, па тоа беше доволно за нов успех.
Остварена е уште една цел, но за конечната, а тоа е злато во евролигата, потребни се уште две победи. В сабота против Хрватска во полуфиналето во салата „Парк“ во Струмица, в недела против подобриот од пресметката меѓу првопласираниот во групата „Бе“ – Унгарија и Данска, која заврши зад нас во досегашниот дел од натпреварувањето. По три сребрени и еден бронзен медал, време е Македонија да го освои тронот.