Очекувано финале, Данска ќе игра со Македонија за златото

 

Данците ја совладаа Унгарија со 3:1 (24:26, 25:17, 25:21, 29:27) во второто полуфинале на завршниот турнир од Европската сребрена лига и утре од 20 часот ќе играат со Македонија за златниот медал. Унгарците го освоија првиот сет со пресврт откако се вратија од резултат 24:22, но потоа беа немоќни да ги запрат расположените Јенсен, Кјаер и Мадсен, а за одбележување се и блоковите на данските центри коишто вечерва во салата „Парк“ го одиграа најдобриот натпревар сезонава.

 

Унгарија се обиде да дојде до 2-2 и да се избори и за петти сет, беше блиску до намерата, но откако пропушти пет сет-топки од коишто две во низа, а нивниот најдобар напаѓач Падар не реализираше, Данска заслужено се избори за прво финале во Европската лига. Македонските одбојкари ќе го одиграат четвртото и се надеваат на прво злато, додека, пак, со денешниот триумф, Данска првпат обезбеди медал во престижното натпреварување на ЦЕВ.

 

Утрешната програма во Струмица ќе почне со соочувањето за бронзата меѓу Хрватска и Унгарија од 17, а финалето е од 20 часот. Десетина минути пред тоа ќе почнат преносите на МРТ-3 каналот.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *