Одиме на прво злато во Европската лига, Македонија – Данска на МРТ-3 од 19 часот и 50 минути

 

Словенија, Естонија и Украина се зад нас, а пред нас е финалето на завршниот тунрир во Струмица против Данска и единствената мисла – по три сребра, вечерва првпат да се зграпчи златниот медал во Европската сребрена лига. Македонските одбојкари го издржаа исцрпувачкото полуфинале со Хрватска, во групата победја на гостувањето во Шлагелсе, па без оглед дека загубија од истиот ривал на свој терен пред две недели, чувствуваат дека се носители на фаворитската улога. Тоа некогаш не годи, но оваа репрезентативна генерација го потврди квалитетот со неколку големи победи над подоброрангирани селекции, така што не смее да бега од каква било пресија дека вечерва во салата „Парк“ во Струмица, има голема шанса да ја оствари втората проектирана цел за 2021.

 

Финалето на Европската сребрена лига е четврто за црвено-жолтите, но разликата во однос на претходните три е што Македонија сега ќе игра пред своја публика. Како и против Хрватите, третина од салата ќе биде исполнета, а присуството на македонскиот премиер Зоран Заев, како и на претседателот на ЦЕВ Александар Боричиќ, треба да биде само уште еден мотив да се заработи првото злато во нашиот шести настап во натпреварувањето на ЦЕВ.

 

Решавачки можат да бидат сите фактори, свежината, пристапот кон натпреварот, данскиот сервис, нашиот прием, менталната подготовка… Владо Милев се повреди, па многу веројатно е дека повторно треба да се потпреме на Стојан Иванов како негова замена. Сеедно, каков и да биде индивидуалниот квалитет, ќе решава тимот, па секој треба да ја одигра својата улога, дури и оние коишто ќе добијат шанса да влезат за само еден, или, пак, неколку поени во мечот. Во полуфиналето со Унгарија Данска покажа дека има и средни блокери коишто можат да освојуваат поени од напад, па притисокот со наш сервис, исто така, ќе биде значаен за да му откинеме некоја опција на техничарот Јакобсен. За ефектот на првиот поентер во Европската лига воопшто, нашиот капитен Никола Ѓорѓиев, немаме никакви дилеми, а доколку третиот сервер севкупно, а прв кај нас, Александар Љафтов, го фати вистинскиот ритам како на последниот дуел во Шлагелсе, тогаш се чини дека ќе имаме полесна задача да се закитиме со златото и да имаме мирни подготовки за претстојното Европско првенство во септември во Тампере.

 

Програмата на завршнјиот турнир од Европската сребрена лига 2021 ќе почне од 17 часот со битката за бронзата меѓу Хрватска и Унгарија, а финалето меѓу Македонија и Данска е од 20 часот. Двата преноса се на МРТ-3, првиот од 16 и 50, вториот од 19 и 50.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *