Македонските младинци целат на медал на Балканијадата во Приштина

 

Македонската репрезентација за одбојкари до 20 години од утре до сабота ќе учествува на Балканското пртвенство во Приштина. Во конкуренција се уште пет национални состави, а според реномето, најголеми ривали на избраниците на селекторот Ванче Санев би требало да бидат Бугарија и Турција. Покрај домаќинот Косово, на турнирот ќе настапат и Црна Гора и Албанија, а нашите амбиции се да играме за медал.

 

Подготовките за Балканијадата беа реализирани во Штип од четврти овој месец, а од вкупно 22 одбојкари, селекторот Санев одреди 12 коишто ќе го носат црвено-жолтиот дрес на шампионатот. Во утрешниот натпревар ќе ссервираме против домаќинот Косово, а потоа до сабота редоследно ќе се соочиме со Бугарија, со Албанија, со Црна Гора и со Турција. Натпреварувачкиот систем е „секој со секого“, предвидени се пет кола по што ќе биде одреден конечниот пласман.

 

„Трениравме добро и многу верувам во овие играчи. Затоа нашите амбиции се да освоиме медал, дури сметам дека реално можеме да играме за златниот. Одбојкарите се познаваат добро, голем дел од нив имаат искуство од настапи на балканските собири и во помладите категории веќе освоија медал, така што претстојниот турнир е шанса за нас да напредуваме“, оптимист е селекторот Санев, кој во тимот има неколку постојани и повремени членови на сениорската репрезентација, а со нивна помош се надева дека Македонија може да ги оствари плановите во Приштина.

 

На Балканското првенство во Приштина право за настап имаат одбојкари родени на и по први јануари 2001. Сепак, во тимот на селекторот Ванче Санев има дури десетмина играчи од генерациите 2002, 2003 и 2005-та, што би требало да претпоставува одредена перспектива за македонската машка одбојка. Сениорските репрезентативци Лука Костиќ и Филип Савовски, интернационалецот Давид Стојанов и Стојче Арсов, Филип Лепидовски и Тино Шулајковски како експонирани играчи од домашното првенство, ќе бидат предводници на црвено-жолтите.
Состав на македонската репрезентација за играчи до 20 години: Бојан Џамбазов, Давид Стојанов, Филип Савовски, Лука Костиќ, Филип Пуздарлиски, Ангел Бошков, Филип Лепидовски, Тино Шулајковски, Стојче Арсов, Блертон Бафтијари, Никола Младеновски, Михајло Мирасчиев. Селектор: Ванче Санев, асистенти: Кристијан Ристески, Љупчо Зенделов.
Македонската одбојка ќе има уште еден претставник на Балканијадата, а тоа е судијата Стојанче Јовчевски.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *