Ќе се вратат ли отпишаните?

На поразените им останува да се подобрат, на отпишаните да се борат до крај! Со поразите од Финска и од Холандија македонските одбојкари се во двете категории. Затоа третиот натпревар на Европското првенство во Тампере треба да биде уживање. Поради настанот, поради противникот, поради можноста за промоција со секој одигран поен. Турција е силна, ги совлада моќната Русија, а го издража и шпанскиот предизвик, така што пред првиот сервис во „Хакаметса“ арена нашите одбојкари треба само да се потсетат дека нема што да загубат. Во спортот генерално понекогаш таквите натпревари се најлесни за играње.

Во меѓусебниот биланс Македонија има тритриумфи против Турците, последниот беше клучен за наше второ учество на континенталните самити, а тимот на селекторот Недим Озбеј го доби соочувањето на европскиот шампионат во Љубљана пред две години. Турците беа поуспешни и во првиот од двата квалификациски натпревара во јануари во Скопје, а загубија во двете средби во Еврпската лига во 2014, со напомена дека тогаш играа со втор тим. Некои од играчите во тој состав сега се носители на играта, а тоа ја покажува долгорочната турска одбојкарска стратегија. Сега, на теренот во Тампере, Македонија треба да најде одговор на противничката игра со нов техничар и со нов примач. Знаејќиго квалитетот на коректорот Лагумџија, на поискусните примачи Ѓулмезоглу и Ѓунгор, како и на тинејџерот Мандирачи и на центрите Саваш и Матиќ, задачата нема да биде лесна, но многу работи повторно се кај нас. Ние се уште го немаме нивото од победите над Белорусија и над Словенија во „Стожице“, а тоа е нашата основна цел. Доколку ја реализираме, колку и да е клише, резултатите ќе бидат логична последица. Преносот од натпреварот Македонија-Турција е на МРТ-1 и на МРТ-3 од12 часот и 40 минути.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *