Завршна пресметка во групата во Тампере

Четирите порази со само два освоени сета ќе ги остават македонските одбојкари на последното место на табелата во групата во Тампере, но нужно не мора да значат дека ќе завршиме на дното на континенталниот собир. Од сегашна перспектива можеме да бидеме подобри само од Црна Гора која покрај тоа што нема победа или бод, нема ниту сет. А тоа,пак, ни остава простор да бидеме 23-ти во конечното рангирање што би можело да има важност за некои идни калкулации

Како и да е, македонската одбојка полека треба да се подготвува за наредните предизвици, во прв ред за Европското првенство во 2023-та на кое што ќе ја имаме улогата на коорганизатори. Фактот дека трет пат по ред ќе се најдеме во престижното друштво создава обврска да подготвиме натпреварувачка репрезентација, на еден или на друг начин. Тоа никогаш нема да биде лесно, но часовникот немилосрдно отчукува и потсетува дека процесот треба да се почне веднаш. Утрешниот дуел со Русија ќе биде формален знаејќи го односот на силите, но може да биде уште една шанса за промоција на нашиот млад кадар без оглед каков и да е. Актуелните олимписки вицепрваци нема да дозволат опуштање затоа што ќе направат се за да стигнат барем до второто место во завршните два дена во „Хакаметска“ арена, што би им донело полесен противник во осминафиналето. Иста идеја ќе имаат и Холанѓаните и Турците, како и Финците, па затоа натпреварите во групата во Тампере се уште имаат привлечност и соодветно резултатско значење. Преносите се на каналите на Македонската телевизија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *