Македонските одбојкари низ статистичка произма во Европската сребрена лига

Според полуфиналниот статус, македонските одбојкари не отстапија од пласманот во претходните сезони во Евролигата. Седмипат од премиерниот настап во тогашната единствена Европска,а третпат откако натпреварувањето има два сегмента и се нарекува Сребрена лига,црвено-жолтите ќе дефилираат во елиминациската фаза. Ниту еднаш не проуштија да се најдат во престижното друштво, годинава со три победи во групата, со променлива игра, но што е најважно, и со бунтовен дух работите да се свртат восопствена полза кога изгледа неможно.

Иако во составот не беа тројца стандардни: Љафтов, Николов и Ангеловски, а потоа се повреди Костадин Ричлиев, Македонија извади билет за завршниот турнир во Будимпешта наредниот викенд, заедно со нашиот ривал во полуфиналето Финска, со Романија и со домаќинот Унгарија. Сега на сите треба да им биде полесно, на селекторот Ратко Павличевиќ затоа што со намален играчки кадар успеа да ја достигне досегашната одредница, на играчите затоа што во последните два меча потсетија на убавите времиња кога во Европската лига добивавме натпревари со звучни репрезентации како Полска, Естонија, Турција, Бугарија…

Пред саботното полуфинале со стариот должник Финска, младите веројатно сфатија дека можат да одговорат на предизвикот. Филип Савовски е прв блокер во натпреварувањето со 21 поен од овој елемент, односно во просек еден на сет. Илиев е наш трет реализатор со 54 поени, но покрај нападот, тој и Костиќ треба да бидат значителна поддршка во приемот како основен елемент за нашата игра. Искуството на Милев како либеро на последните две средби целосно ја крена македонската репрезентација, па примачите беа посигурни во нападот играјќи на чисти топки. Техничарите се стандардни, Ѓорѓи Ѓорѓиев имаше најдобар процент (60,61) во Евролигата воопшто, но со Деспотовски, кој е вкупно четврти според ефикасноста кај организаторите, ние ги забележавме победите над Романија и над Босна и Херцеговина. Никола Ѓорѓиев е константа, повторно е апсолутен поентер и во златниот и во сребрениот сегментсо над шест поени во сет во просек, вкупно 148 на шест натпревари. Радува иголемиот исчекор на Маџунков, кој е втор стрелец кај нас, а речиси половина од 57-те поени вкупно ги освои на претходните две пресметки на коишто имаше одличен процент во напад. Се разбира, сето тоа беше можно поради стабилниот прием како резултат на одлуката Владо Милев да застане на позиција либеро.

Заклучок е дека во македонската одбојкарска репрезентација сите параметри се поврзани, и оние на теренот, како и оние надвор од него. До завршниот турнир во Будимпешта има доволно време нишанџиите да станат уште попрецизни.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *