Работнички – Жени, Работнички – Скопје и Наковски волеј бараат потврда за пласман во разигрувањето
Најдобрите шест екипи досега, во таканаречената Втора фаза-1, ќе играат според двокружен бод систем (еден натпревар дома, еден на гости, вкупно десет натпревари), при што важат резултатите од досегашната етапа од сезоната. По завршувањето на овој дел, првопласираните четири екипи ќе обезбедат настап во разигрувањето за пехарот, а другите две ќе завршат со натпреварувањето
1) „Работнички – Жени“ – „Виктори волеј“ (петок, 18.00)
По максимални десет победи во есенскиот дел, од коишто осум беа со резултат 3:0, екипата на Работнички – Жени влегува како најголем фаворит за првото место и по Втората фаза-1 во нашата најквалитетна женска одбојкарска лига. Виктори волеј ја оствари целта и успеа да се пласира во првите шест на табелата, со што и натаму ќе биде дел од елитното друштво, а со оглед дека е на негатива од само еден триумф во однос на четвртопласираниот Пелистер волеј, струмичкиот состав има шанса да обезбеди полуфинале од разигрувањето за титулата. Сепак, и покрај тоа што се засили со Софија Ричлиева, која се врати од Турција и со Симона Митрева, која досега настапуваше за Наковски волеј, одбојкарките на Работнички – Жени се апсолутни фаворитки во денешниот дуел во салата „Градски парк“ во Скопје. Првиот меѓусебен дуел сезонава беше одигран во Струмица, а на него славеше гостинскиот тим со 25:17, 25:22 и 25:13. Анастасија и Ѓорѓина Јорданова се нови одбојкарки во редовите на екипата од главниот град.
2) „Работнички – Скопје“ – Јанта волеј“ (сабота, 15.00)
Како и во првиот сегмент од сезоната 2018/2019, Работнички – Скопје и Јанта волеј ќе играат и на отворањето на вториот. На 20-ти октомври актуелните првенки ја имаа предноста на домашниот терен, но Работнички – Скопје славеше со 3:1 (25:15, 25:19, 20:25 и 25:13). Според остварувањето досега, а имајќи ја предвид предноста на домашниот терен во салата „Градски парк“ во Скопје, второпласираниот тим на табелата ја носи фаворитската ролја. Работнички – Скопје има биланс 9-1, а единствениот пораз го претрпе од водечкиот состав на табелата. Јанта волеј, пак, имаше половичен ефект 5-5, играше променливо, а сега ќе се обиде да изненади користејќи ги трите нови одбојкарки во ротацијата: Вероника Анастасова, Николина Грујова и Рони Настева. Работнички – Скопје може да се пофали со ангажман на две искусни одбојкарки. Еми Веселкоска, која најголем дел од кариерата мина во шампионската екипа на Јанта волеј, дебито за новиот ќе го има токму против поранешниот клуб. Ерјона Јонузи дојде од Универзитет во Тетово и исто така ќе биде силен адут за Работнички – Скопје во трката за пехарот.
3) „Наковски волеј“ – „Пелистер волеј“ (сабота, 17.00)
Најблиску до двете скопските екипи со името Работнички беше Наковски волеј. Струмичкиот тим се израдува на осум победи, а единствените два пораза ги претрпе токму од подобропласираните од него. Затоа, во пролетниот дел од шампионатот сосема очекувано е Наковски волеј да остане блиску до врвот, а со тоа и да обезбеди учество во полуфиналето од разигрувањето. Пелистер волеј се врати во нашата Прва лига и беше пријатно освежување со шест победи со коишто го освои четвртото место. Амбициите на битолскиот клуб се да остане во водечкиот квартет, а со тоа да игра и во елиминацискиот дел. Наковски волеј го доби есенското соочување во својата сала со 3:1 (25:19, 21:25, 25:13, 25:15), а на Пелистер волеј останува обврската да се обиде да го поправи гостинскиот биланс. Одбојкарките во зелено-бело есеноска остварија само една гостинска победа, но таа беше токму во Струмица против Македонија Макс. Надежите се дека засилувањето Хане Олденхоф од Холандија можеби ќе придонесе да се надмине гостинската бариера. Наковски волеј има две нови одбојкарки, Ивана Андонова и Емилија Тасева.
Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-2, (1.коло)
Универзитет во Тетово и УГД Студент се во пол-позиција за утешната награда
Петте екипи коишто не успеаја да обезбедат учество во елитниот натпреварувачки сегмент, во Втората фаза-2, исто така ќе играат според двокружен бод систем (еден натпревар дома, еден на гости, десет кола, вкупно по осум натпревари), по што ќе биде познат нивниот конечен пласман за сеонзта 2018/19
4) „УГД Студент“ – „Македонија Макс“ (сабота, 18.00)
Штипјанки не можеа да се надеваат на влез во елитното натпреварувачко друштво само за една победа, но би требало да гсо водат главниот збор во сегментот за пласман од седмото до единаесеттото место. УГД Студент славеше четири победи на десетте есенски натпревари, а Македонија Макс не победи ниту еднаш, а притоа не освои ниту сет, па јасно е со какви шанси струмичанки ќе патуваат во СС „Јордан Мијалков“. Засилувањата од Виктори волеј Велика Карајлиска и Даниела Владевска носат надеж кај Македонија Макс дека оваа пролет може да биде попријатна. УГД Студент ги задржа одбојкарките што настапуваа и во досегашната фаза од сезоната.
5) „Ускана“ – „Бами Кор“ (сабота, 16.00)
Во меѓусебната пресметка во второто коло од сезоната, Ускана и Бами Кор одиграа неизвесен натпревар во којшто гостинките од Тетово се радуваа со 3:2 иако противничките двапати водеа освојувајќи ги првиот и третиот сет. Тогаш Бами Кор дојде до максимални две победи, но потоа влезе во низа од осум порази, за разлика од Ускана која ги доби последните два меча есеонска. Така, двете екипи имаа ист биланс 2-8, но кичевки се позиција погоре на табелата поради поголем број бодови. Ускана во пролетниот дел ќе настапува со значително променет состав, затао што има дури девет нови одбојкарки: Михаела Тодороска, Марија Илиевска, Бранислава Тасевска, Ивана Пејоска, Елена Нестерова, Матеа Кофилоска, Ања Шумејко, Михаела Тодороска и Марија Илиевска. Кај Бами Кор нема промени во играчкиот кадар.
Во ова коло слободна е екипата на Универзитет во Тетово.