Category: Домашно првенство

Без изненадување во Велес, Џио Струмица обезбеди првенствено финале

 

Одсбојкарите на Џио Струмица го совладаа ГОК Борец со 3:0 (25:17, 25:14, 25:15), ја добија полуфиналната серија од разигрувањето во Првата македонска лига со 2-0 во победи и според очекувањата, со целосна доминација и експресно се пласираа во финалето против Универзитет во Тетово. На денешниот реванш во Велес, ГОК Борец не беше блиску да го заработи вториот сет во седмиот меѓусебен натпревар со струмичани сезонава, па освојувачот на годинашниот куп-пехар лесно се израдува на седмиот триумф над четвртопласираниот тим во основниот дел од шампионатот, шести со резултат 3:0.

 

Во финалната низа за титулата силите ќе ги одмерат двете најдобри екипи сезонава, а во неа Џио Струмица ќе влезе со предност од 1-0 во победи. Тоа значи дека најмалку ќе има две, а најмногу четири средби. Првата е закажана в петок во Тетово со почеток од 18 часот, а таа, како и сите други ќе бидат емитувани на МРТ-3 каналаот.

Втор дел од полуфиналето меѓу ГОК Борец и Џио Струмица, фаворитот бара влез во финалето

 

Џио Струмица денеска во Велес ќе игра за потврда за настап во уште едно финале во Првата македонска машка одбојкарска лига. Актуелниот освојувач на купот и шампион од 2019, го доби првиот полуфинален натпревар на свој терен со 3:0, а беше доминантен во сите досегашни пресметки со ГОК Борец сезонава. Двете екипи одиграа вкупно шест меѓусебни натпревари, а струмичани се радуваа на сите дозволувајќи противникот да освои само еден сет. Но не само поради ова, туку и со оглед на квалитетот на двата состава, се освен победа на Џио Струмица денеска, а со тоа и пласман во финалето, би бил резултат во рамки на спортско чудо.

 

Серијата за титулата 2020/21 би почнала в петок, се разбира доколку ГОК Борец не се избори за мајсторка. Во финалето е веќе Универитет во Тетово кој го елиминираше Вардар со 2-0, а според правилата за натпреварувањето, во низата против Џио Струмица тетовци ќе тргнат со негатива од 1-0. Пехарот ќе оди во витрините на тимот којшто прв ќе оствари три победи.

 

Во женското финале резултат е 1-1 откако Јанта волеј Кисела вода вчера славеше во првиот дуел со Вардар жени 2019 со 3:0. Црвено-црните ќе ја имаат предноста на домашнен терен во вториот меч в четврток со пренос на МРТ-3. Засега јасно е само дека на планот сигурни се уште најмалку две средби, а во случај резултатот да биде 2-2, мајсторката ќе биде одиграна на теренот на вардарки.

Слаба игра на вардарки, Јанта волеј Кисела вода израмни на 1-1 во финалето кај дамите

 

Јанта волеј Кисела вода го совлада тимот на Вардар жени 2019 со 3:0 (25:20, 27:25, 25:9) во првиот натпревар од финалето во најсилната македонска женска одбојкарска лига и израмни на 1-1 во победи во трката за тронот. Двократниот првак имаше подобра завршница во првиот сет, грешеше помалку и успеа негативата во воведот од пресметката да ја претвори во предност. Во таа фаза Јанта волеј Кисела вода направи само пет, а вардарки дури 13 грешки, но тоа сепак не се одрази на резултатот во почетниот дел од вториот сет, во којшто гостинските во салата „Независна Македонија“ во ОУ „Невена Георгиева Дуња“ имаа водство од 11:6. Сепак, откако црвено-црните не искористија две сет-топки на 24:22, а потоа уште една, вкупно три, домашниот тим се одлепи на 2-0 во сетови и ги реши дилемите за вечерва.

 

Во третиот сет, одбојкарките на Вардар жени 2019 ја задржаа концентрацијата до 5:5, а потоа целосно се распаднаа што се гледа најдобро од резултатот 25:9. Украинката Валерија Собол повторно беше во главна улога со 18 поени, од нив четири блока во третиот сет во којшто целосно ја доби битката на мрежа со Кубанката Агуеро на другата страна. Средната блокерка Тамара Тасевска придонесе со 13 поени, од нив шест аса кога Јанта волеј ја правеше серијата од 13:0 по првиот тајм-аут на вардаровиот тренер Горан Славков, а одлична поддршка имаше и од нејзината колешка на истата позиција Симона Стојановска со 8 поени. Исто толку освои Сара Серафимова, а Бојана Маројевиќ заврши со 2.

 

Во редовите на Вардар жени 2019 немаше расположена одбојкарка. Преодна оценка не заработи ниту Агуеро со 12 поени, а за разлика од мајсторката во полуфиналето со Работнички Скопје, не можеше да повлече ниту Ковачевиќ со 6. Техничарката од Казахстан Курјерова, исто така, не беше на ниво на задачата.

 

Во колективната статистика, впечатлива беше доминацијата на Јанта волеј во поените од блок и од ас (20 наспроти 7). Во првите два сета Вардар жени 2019 имаше повеќе поени од напад, но и повеќе грешки, така што не можеше да влезе во вистински ритам. Со целосно немоќен блопк, црвено-Црните имаа вкупно 26 подарени поени во мечот, а противничките дури 9 помалку, што го илустрира убедливиот резултат.

 

Вториот натпревар од финалната серија ќе биде одигран в четврток на теренот на вардарки, а јасно е дека каков и да биде епилогот, ќе има уште најмалку еден, за седум дена отсега во Кисела вода. Доколку на нив двете екипи остварат по една победа, за шампионскиот пехар ќе решава мајсторка во којашто улогата на фаворит ќе ја има Вардар жени 2019. По четири меѓусебни средби сезонава, резултатот е 2-2, црвено-црните ги добија двете соочувања во основниот тек, а Јанта волеј славеше денеска и претходно во финалето на купот во Струмица.

Универзитет во Тетово експресно обезбеди финале, Џио Струмица ја доби првата пресметка со ГОК БОрец

 

Полуфиналето во Првата македонска машка одбојкарска лига се одивива според очекувањата. Универзитет во Тетово двапати го совлада Вардар во саботните натпревари одиграни во Тетово според договор на двете екипи и без никакви дилеми го заработи финалниот билет. Второпласираниот состав во основниот тек од првенството немаше никакви проблеми и не загуби ниту еден од шесте сета во полуфиналната серија со црвено-црните, кои еднаш сезонава го совладаа противникот, но ниту еднаш во пролетниот дел во којшто Универзитет триумфираше петпати во меѓусебните средби. Вкупниот биланс од 6-1 во полза на тетовскиот клуб зборува доволно во насока на тоа каков беше односот на силите по зимската пауза.

 

Кога се споредува квалитетот, идентично е и во полуфиналната серија меѓу Џио Струмица и ГОК Борец. Најдобрата екипа во основниот дел од сезоната се радуваше во првата средба со 3:0, а утре на реваншот во Велес се очекува да ја продолжи серијата победи во меѓусебните дуели и да го потврди влезот во финалето коешто е предвидено да почне в петок. Во него освојувачот на купот за 2021, Џио Струмица, ќе влезе со почетна предност, а тетовци ќе играат на домашен терен во првиот меч.

 

Прва лига (мажи), полуфинале (први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар 3:0 (25:15, 25:12, 25:14)
Џио Струмица – ГОК Борец 3:0 (25:22, 25:11, 25:22)

Прва лига (мажи), полуфинале (втори натпревари)

Вардар – Универзитет во Тетово 0:3 (20:25, 14:25, 16:25)
ГОК Борец – Џио Струмица (вторник)

Прва епизода од финалето меѓу Јанта волеј Кисела вода и Вардар жени 2019, преносот е на МРТ-3 од 17 часот и 55 минути

 

Двете најдобри екипи во македонската женска одбојка денеска ќе ја почнат трката за шампионскиот пехар за сезоната 2020/21. Јанта волеј Кисела вода ќе го пречека тимот на Вардар жени 2019 којшто во финалната серија од разигрувањето ќе влезе со почетна предност од 1-0 во победи затоа што беше подобар во полуфиналето на двојката 1-4. Во таа фаза Јанта волеј Кисела вода полесно ја одработи задачата против Струмица жени, триумфираше двапати и за разлика од црвено-црните одигра натпревар помалку, па може да се потпре на поголема свежина пред првиот чин од низата којшто ќе трае најмалку два, а најмногу четири меча. За освојување на посакуваниот пехар потребни се три победи во серијата.

 

Досега во сезоната, вардарки беа подобри од Јанта волеј Кисела вода во двете лигашки пресметки и тоа со убедлив резултат, но ривалките го добија досегашниот најважен дуел, а тоа е во финалето на купот, кога во салата „Парк“ во Струмица ги совладаа конкурентките по четири сета. Оттука, привлечноста на финалето во Првата македонска женска одбојкарска лига е томку во тоа што е тешко да се прогнозира епилогот. Јанта волеј ќе игра за третата првенствена титула во клупската историја, а Вардар жени 2019 за премиерната. Преносот од денешниот натпревар е на МРТ-3 каналот од 17 часот и 55 минути, а без оглед на резултатот, сигурно е уште едно соочување, в четврток на теренот на вардарки.

 

Во меѓувреме, додека се одвива битката за тронот, и екипите од Втората фаза-2 ги завршуваат обврските за тековното првенство. Фит фан волеј славеше на госи кај Ускана и ја продолжи максималната серија во ова друштво потврдувајќи го водечкото место. Откако ја одигра заостанатата средба со Виктори волеј, тимот на Пелистер волеј го презеде второто место на табелата, а Јанта волеј Форца сега е третопласирана поради тоа што има помал број бодови. Викендов битолчанки се вратија со победа и од натпреварот во Штип против УГД, што значеше обезбедена четврта позиција во Втората фаза-2, а со тоа и десеттта вкупно за Македонија Макс. Струмичкиот состав во препоследното, 13.коло беше поуспешен од Бами Кор.

 

Прва лига (жени), финале (прв натпревар)

Јанта волеј Кисела вода – Вардар жени 2019 (МРТ-3, 17.55)

***Екипата на Вардар жени 2019 во финалната серија влегува со предност од 1-0 во победи. Пехарот ќе му припадне на тимот којшто прв ќе оствари три триумфи, што значи дека ќе има најмалку два, а најмногу четири натпревари.

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (13.коло)

Ускана – Фит фан волеј 0:3 (15:25, 20:25, 12:25)
Виктори волеј – Јанта волеј Форца 0:3 (11:25, 17:25, 19:25)
УГД Студент – Пелистер волеј 0:3 (10:25, 19:25, 17:25)
Македонија Макс – Бами Кор 3:0 (25:13, 25:19, 25:14)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (4.коло)

Пелистер волеј – Виктори волеј 3:1 (25:14, 25:21, 26:28, 25:23)

Вардарки му се придружија во финалето на составот на Јанта волеј Кисела вода, а Џио Струмица поведе против ГОК Борец со 1-0

 

Одбојкарките на Вардар жени 2019 го совладаа Работнички Скопје со 3:1 (24:26, 25:23, 25:19 и 25:19) во мајсторката од полуфиналната серија во Првата македонска лига и ќе играат со Јанта волеј Кисела вода за шампионската титула во сезоната 2020/21. Откако црвено-црните го добија првиот натпревар на свој терен со 3:2, а противничките вратија со 3:1 во вториот, денешниот мина со многу резултатски пресврти и со падови и со подеми во играта на двете страни.

 

Вардарки отворија подобро, но иако водеа со 21:16 во првиот сет, влегоа во низа грешки во завршницата, па со серија од 10:3 Работнички Скопје поведе со 1-0 и се закани дека ќе направи комплетен пресврт во полуфиналето. Потоа, во вториот сет сликата беше спротивна, Работнички Скопје имаше навидум недостижно водство од 23:19, но со блок и со поен од напад на Курјерова и со три аса по ред на Ковачевиќ како дел од серијата од 6:0, екипата на тренерот Горан Славков израмни на 1-1 и го сврте натпреварот во своја полза. По ваквиот расплет на вториот сет, гостинските одбојкарки не успеаја да се рехабилитираат, па во третиот имаа негатива дури од 15-5, а во четвртиот беа поблиску, но постојано го бркаа резултатот и не успеаја да обезбедат финале, а со тоа и шанса да го бранат пехарот од пред две години кога ја освоија двојната круна.

 

Во колективната статистика забележливо беше дека Вардар жени 2019 грешеше помалку, подари 21, а доби 30 поени од ривалките, додека, пак, другите параметри беа поизедначени. Вардарки освоија 44 поени од напад, еден повеќе од Работнички Скопје, кој имаше подобар блок (12 наспроти 8), но полош сервис. За одбележување се 17-те аса на црвено-црните коишто со грешките веројатно беа решавачки фактор во мајстројката. Во овие два елемента црвено-црните заработија 25, а гостинските 21 поен. Приемот не беше на ниво и кај двете екипи, но во тие нијанси, сепак, составот на Вардар жени 2019 го мина полуфиналниот филтер.

 

Кубанката Агуеро заврши со 24 поени во победничкиот состав, Ковачевиќ беше одлична со 17, Павловска од центарската позиција придонесе со 9, Славкова, Курјерова и Илиева имаа по 9, а Пејовска отсервира еден ас. Кај поразените, Стојанова со 19 и Србинката Терзиќ со 17 искомбинираа 36 поени од примачка дијагонала, Баталаковска придонесе со 11, Јонузи со 7, Ѓурѓевиќ со 6, а Николова со 5.

 

Серијата до три победи за освојување на пехарот ќе почне в понеделник на теренот на Јанта волеј Кисела вода, кој во полуфиналето беше подобар од Струмица жени со 2-0, а го освои и пехарот во купот со триумф во финалето токму над составот на Вардар жени 2019. Поради успех во полуфиналната двојка 1-4, црвено-црните ќе го почнат финалето во првенството со предност од 1-0 во победи.

 

Во машкиот шампионат, пак, полуфиналето почна со очекувана победа на Џио Струмица над ГОК Борец со 3:0 (25:22, 25:11, 25:22). Реваншот ќе биде во вторник во Велес, а Универзитет во Тетово и Вардар се договорија двата меча да ги одиграат утре на теренот на тетовскиот клуб. Според сите параметри, за шампионскиот пехар би требало да играат Џио Струмица и Универзитет во Тетово, а нивната серија би почнала наредниот петок.

Јасна поделба на фаворити и на аутсајдери во полуфиналното разигрување кај одбојкарите

 

Квалитетот на полуфиналистите во Првата македонска машка одбојкарска лига однапред ги посочува учесниците во завршната серија за шампионскиот пехар во сезоната 2020/21. Џио Струмица и Универзитет во Тетово се апсолутни фаворити против ГОК Борец, односно против Вардар, не само за да закажат меѓусебна пресметка во првенственото финале, туку и тоа да го напрват по два одиграни натпревара.

 

Освојувачот на купот, составот на Џио Струмица, денеска ќе го пречека ГОК Борец кој на пет меѓусебни дуели со противникот сезонава освои само еден сет. Вардар има подобар ефект против Универзитет во Тетово, го доби првиот меч од елитната Втора фаза-1, но тоа беше во есенскиот дел, а потоа не ја издржа трката, па со четири порази на пет соочувања ќе влезе во серијата со Универзитет во Тетово. Фактот што црвено-црните решија двата меча да ги одиграат утре на теренот на ривалот, доволно зборува за епилогот од овој двомеч.

 

Оттука, доколку се биде според очекувањата, финалната серија во шампионатот треба да биде реприза на финалето на купот во коешто Џио Струмица славеше над Универзитет во Тетово. Најуспешниот македонски клуб во последната деценија во таа низа до три победи би почнал со предност од 1-0, а тетовци би биле домаќини на првиот натпревар наредниот петок.

 

Прва лига (мажи), полуфинале (први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар (сабота, 13.00)
Џио Струмица – ГОК Борец (денеска, 18.30)

Прва лига (мажи), полуфинале (втори натпревари)

Вардар – Универзитет во Тетово (сабота, 16.00)
ГОК Борец – Џио Струмица (вторник)

Вардар жени 2019 и Работнички Скопје играат за финале, преносот е на МРТ-3 од 17 часот и 25 минути

 

Откако го искористија домашниот терен на претходните две пресметки, Вардар жени 2019 и Работнички Скопје денеска ќе решаваат за тоа кој ќе му се придружи на тимот на Јанта волеј Кисела вода во финалето на Првата македонска женска одбојкарска лига за сезоната 2020/21. Црвено-црните славеа во првиот полуфинален натпревар со 3:2, а освојувачките на двојната круна од 2019 триумфираа во вториот по четири сета, така што поуспешниот од денешната мајсторка пред камерите на МРТ ќе оди чекор понапред, а поразениот ќе го заврши натпреварувањето. И покрај тоа што не успеаја во понеделникот да заработат влез во финалето, вардарки и натаму се подобри со три победи на пет меѓусебни средби, а имаат и подобар вкупен биланс во првенството, три порази на 18 настапи, наспроти Работнички Скопје со биланс 11-7.

 

Каков и да биде резултатот, финалето ќе почне в понеделник во Кисела вода со предност на победничкиот тим од денешната мајсторка, а викендов кај одбојкарките е резервиран за екипите од Втората фаза-2. Фит фан волеј веќе го обезбеди првото место во оваа конкуренција што одговара на седмото во конечниот пласман, па од тој аспект гостувањето кај Ускана за дебитантот во најсилното друштво нема да има значење. Во трка за втората позиција се Јанта волеј Кисела вода и Пелистер волеј, а доколку битолчанки слават против УГД Студент утре и в недела во заостанатиот меч од 4.коло против Виктори волеј, тогаш ќе го прескокнат скопскиот тим којшто утре е фаворит на гостувањето во Струмица кај Виктори волеј. Македонија Макс цели на четвртата позиција и има реални шанси да ја обезбеди уште утре со очекуван успех во соочувањето со последнопласираниот Бами Кор.

 

Прва лига (жени), полуфинале (мајсторка)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (денеска, 17.25, пренос МРТ-3)

***Екипата на Јанта волеј Кисела вода е прв финалист по триумфот над Струмица жени со 2-0 во победи

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (13.коло)

Ускана – Фит фан волеј (сабота, 13.00)
Виктори волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 14.00)
УГД Студент – Пелистер волеј (сабота, 14.00)
Македонија Макс – Бами Кор (сабота, 14.00)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (4.коло)

Пелистер волеј – Виктори волеј (недела, 13.00)

Финале за Јанта волеј Кисела вода, мајсторка во скопското поуфинале кај дамите

 

Одбојкарките на Јанта волеј Кисела вода вторпат ја совладаа екипата на Струмица жени, денеска со 3:0 (25:22, 25:21 и 25:19) на гости и со 2-0 во победи ја минаа полуфиналната серија од разигрувањето. Во скопската пресметка, пак, Работнички Скопје триумфираше над Вардар жени 2019 со 3:1 (25:21, 25:13, 14:25 и 25:15) и израмни на 1-1, така што за пласман во финалната серија ќе решава натпреварот в петок на којшто црвено-црните ќе играат на домашен терен.

 

Во малата сала на арената „Борис Трајковски“, освојувачките на двојната круна од 2019 им се реваншираа на ривалките за поразот на саботниот дуел од полуфиналето во разигрувањето за титулата, како и за загубениот дуел во истата фаза од годинашниот куп. Работнички Скопје беше поконцентриран, примаше подобро и како резултат на тоа ги користеше нападите преку Србинката Терзиќ и преку Стојанова, а освои дури осум поени повеќе од блок и од сервис, така што во поголемиот тек од натпреварот играше со значителна резултатска предност. Вардарки не можеа да организираат напад како последница на лошиот прием, па Кубанката Агуеро заврши со скромен ефект од 11 поени, а Ковачевиќ забележа 13. Кај Работички Скопје, Терзиќ освои 17, а Стојанова 10.

 

Црвено-црните не влегоа добро во натпреварот, а несигурноста им се чувствуваше долго, па за второ израмнување по 1:1 и за прво водство чекаа до третиот сет. Иако намалија, сепак, денеска немаа сили да обезбедат пласман во финалето. За тоа кој ќе се обиде да го запре екипата на Јанта волеј Кисела вода на патот до двојната круна, ќе решава мајсторката меѓу Вардар жени 2019 и Работнички Скопје, в петок, со пренос на Македонската телевизија.

 

Во македонскиот машки одбојкарска шампионат, полуфиналето ќе почне следниот викенд, а двојките се одамна познати, па последните два натпревара од лигашкиот сегемнт нема да решаваат ништо. Универзитет во Тетово денеска очекувано го победи ГОК БОрец во Велес со 3:0 (25:18, 25:21, 25.18) во 12.коло од Втората фаза-1, а утре Џио Струмица ќе се сретне со Вардар. Полуфиналните двојки се Џио Струмица – ГОК Борец и Универзитет во Тетово – Вардар.

Победи за подобропласираните во првите натпревари од разигрувањето за шампионскиот трон, Работнички Скопје-Вардар жени 2019 утре на МРТ-3 од 17 и 25

 

Екипите коишто имаа подобар ефект во лигашиот дел успешно ги отворија полуфиналните пресметки во македонскиот женски одбојкарски шампионат. Вардар жени 2019 славеше над Работнички Скопје со 3:2 откако имаше водство од 2:0, па ривалките израмнија, а Јанта волеј Кисела вода беше сигурна против Струмица жени и се радуваше по три одиграни сета. Тоа значи дека доколку во утрешните средби Работнички Скопје и Струмица жени не го искористат домашниот терен за да израмнат, веќе ќе бидат познати учесничките во финалната серија. За да нема експресноа завршница во оваа фаза, во мечот што ќе оди во живо на МРТ-3 каналот, составот на Работнички Скопје треба да го оствари вториот триумф во петтиот сезонски дуел со вардарки, а струмичанки да ја забележи првата победа над Јанта волеј Кисела вода, исто така во петтото меѓусебно соочување. Евентуалните мајсторки се планирани за в петок, се разбира доколку има потреба од нив.

 

Домашните тимови беа успешни и во Втората фаза-2. Фит фан волеј ја потврди фаворитската улога против Виктори волеј, а тоа важи и за Пелистер волеј против Виктори волеј, додека, пак, Македонија Макс релативно лесно славеше над УГД Студент и ја потврди четвртата позиција во ова друштво, што одговара десеттата во конечното рангирање. Фит фан волеј веќе го обезбеди првото место во оваа конкуренција, Пелистер волеј го презеде второто од Јанта волеј Форца, а УГД Студент и Ускана се во трка за петтото и евентуално за да го достигнат билансот на Македонија Макс. До крајот на сезоната треба да бидат одиграни две комплетни кола, како и два заостанати натпревара, меѓу нив и неодиграниот во саботата меѓу Бами Кор и Јанта волеј Форца.

 

Прва лига (жени), полуфинале (први натпревари)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје 3:2 (28:26, 25:22, 23:25, 20:25, 15:10)
Јанта волеј Кисела вода – Струмица жени 3:0 (25:21, 25:21, 25:15)

Прва лига (жени), полуфинале (втори натпревари)

Работнички Скопје – Вардар жени 2019 (утре, 17.30, пренос МРТ-3)
Струмица жени – Јанта волеј Кисела вода (утре, 18.00)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (12.коло)

Фит фан волеј – Виктори волеј 3:0 (25:17, 25:15, 25:22)
Бами Кор – Јанта волеј Форца (одложен)
Пелистер волеј – Ускана 3:0 (25:15, 25:17, 25:17)
Македонија Макс – УГД Студент 3:0 (25.10, 25:20, 27:25)