Category: Домашно првенство

Универзитет во Тетово уште еднаш ја совлада Џио Струмица, екипите ги задржаа позициите на крајот на Втората фаза-2

 

Иако натпреварите во завршницата на лигашкиот сегмент не можат да променат ништо околу двојките за полуфиналето во разигрувањето, сепак тие се показател за тоа како може да се одвива битката за титулата меѓу Универзитет во Тетово и Џио Струмица. Откако струмичани го одбранија куп-пехарот, тетовци повторно славеа во меѓусебниот дуел од Втората фаза-1 во првенството, овој пак на домашен терен со 3.1. Претходно, Џио Струмица се раудваше трипати во првите три одмерувања на силите во сезоната, но фактот што последните два меча во шампионатот му припаднаа на Универзитет, посочува дека финалната серија може да биде максимално неизвесна. Сите параметри одат во насока на тоа дека полуфиналето ќе биде експресно, односно дека Вардар не може да му парира на тетовскиот, а ГОК Борец на струмичкиот клуб. Велешани во саботата уште еднаш успеаја да слават над црвено-црните, сега и на гостински терен со 3:1, но тоа не може да им помогне да напредуваат на табелата.

 

Втората фаза-2 заврши според очекувањата, сите екипи го задржаа пласманот по натпреварите од десеттото, последно коло за сезоната 2021/21. Шкендија, која уште претходно го обезбеди првото место во оваа конкуренција, а со тоа и петтото во конечното рангирање, беше поуспешна од Јанта волеј и ја забележа 13.победа. Лирија ја потврди фаворитската улога против Дибра волеј со 3:0 за втора, а вкупно шеста позиција во македонскиот машки одбојкарски шампионат. Идентичен број победи сезонава, 11 на 19 натпревари, оствари и Штип УГД, последната над Весна Пробиштип во четири сета, но поради помалку бодови е трета во ова друштво, односно седма вкупно. Пробиштипјани се осми, Јанта волеј деветти, а Дибра волеј десетти состав во сезоната 2020/21.

 

Првенството ќе продолжи в среда со последните два натпревара од Втората фаза-1, а веќе од претстојниот викенд планирано е разигрувањето. Полуфиналните двојки се Џио Струмица – ГОК Борец и Универзитет во Тетово – Вардар, а билет за наредната етапа ќе заработат екипите коишто први ќе остварат две победи.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (11.коло)

Универзитет во Тетово – Џио Струмица 3:1 (21:25, 25:23, 25:22, 25:21)
Вардар – ГОК Борец 1:3 (16:25, 26:24, 22:25, 17:25)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (10.коло)

Шкендија – Јанта волеј 3:0 (25:16, 25:12, 25:23)
Штип УГД – Весна Пробиштип 3:1 (25:20, 25:21, 18:25, 25:17)
Лирија – Дибра волеј 3:0 (25:6, 25:16, 25:18)

Идентични дуели во полуфиналето на првенството како оние во купот

 

Вардар жени 2019 ќе игра со Работнички Скопје, а Јанта волеј Кисела вода ќе се сретне со Струмица жени во полуфиналето на најсилната македонска женска одбојкарска конкуренција. Вардарки очекувано го совладаа составот на Наковски волеј со 3:0 и го освоија првото место по лигашкиот сегмент иако триумф оствари и Јанта волеј Кисела вода против Струмица жени. Сепак, без оглед што имаат еднаков биланс 14-2, поради поголем број освоени бодови, првопласирана е екипата на Вардар жени 2019, па во полуфиналето до две победи, значи во серијата којашто најмногу може да трае три натпревари, црвено-црните ќе се соочат со бранителот на титулата од пред две години Работнички Скопје. Освојувачките на годинашниот куп-пехар, одбојкарките на Јанта волеј Кисела вода, ќе вкрстат со Струмица жени која заврши третопласирана поради тоа што има подобар сет-количник од Работнички Скопје.

 

Во Втората фаза-2 ќе бидат одиграни уште три кола, првото викендов со можна, или подобро речено, со најверојатна одлука за првото место, вкупно шесто во конечното рангирање. Фит фан волеј ќе го пречека составот на Виктори волеј, а со триумф ќе заврши водечки во оваа конкуренција без оглед на резултатите од другите натпревари. Јанта волеј Форца се обидува да ја одбрани втората позиција од Пелистер волеј, а гостувањето кај последнопласираниот Бами Кор ќе придонесе за остварување на целта. Пелистер волеј ќе ја пречека Ускана, а со победа ќе ги задржи шансите да напредува затоа што има натпревар помалку од Јанта волеј Форца. Три екипи конкурираат за четвртото место во ова друштво, а директниот дуел за него викендов ќе биде во Струмица каде што Македонија Макс ќе го пречека УГД Студент.

 

Прва лига (жени), полуфинале до две победи

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје
Јанта волеј Кисела вода – Струмица жени

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (10.коло)

Универзитет во Тетово – Работнички Скопје 3:0 (25:15, 25:13, 25:21)
Вардар жени – Наковски волеј 3:0 (25:14, 25:16, 25:19)
Јанта волеј КВ – Струмица жени 3:1 (25:22, 25:19, 22:25, 25:18)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (12.коло)

Фит фан волеј – Виктори волеј
Бами Кор – Јанта волеј Форца
Пелистер волеј – Ускана
Македонија Макс – УГД Студент

Лирија славеше во пресметката со Штип УГД и ја отстрани единствената дилема во завшницата од лигашкиот дел од првенството

 

Фаворитите остварија победи во натпреварите коишто се загревање за полуфиналето во разигрувањето во Првата лига. Универзитет во Тетово експресно славеше на гостувањето кај Вардар, а Џио Струмица загуби сет во Велес и потоа го совлада ГОК Борец со 3:1. Во македонската машка одбојка одамна е јасно дека во првиот елиминациски круг од шампионатот двојките ќе изгледаат идентично со оние од 10.коло во Втората фаза-2, односно дека водечката Џио Струмица ќе игра со ГОК Борец, а второпласираниот Универзитет во Тетово со Вардар. Последните две кола од лигашкиот сегмент нема да променат ништо без оглед каков ќе биде ефектот од нив. Викендов во Тетово силите ќе ги одмерат двете најдобри екипи, струмичани се надеваат на 19.успех, а Универзитет на 16.победа, додека, пак, вардарци против ГОК Борец ќе сервираат за триумф број 11. Велешани остварија седум.

 

Поголеми предизвици нема да донесе ниту последното, десетто коло од Втората фаза-2. Во претходното Шкендија се врати со победа од теренот на Весна Пробиштип и математички ја потрвди првата позиција којашто одговара на петта во конечното рангирање. Од тој аспект, пресметката со претпоследниот состав Јанта волеј нема да значи ништо. Во директното соочување за второто место во ова друштво, Лирија го совлада Штип УГД во резултатски тесен натпревар, а со оглед дека викендов ќе се сретне со Дибра волеј, нема дилеми дека тимот од Жеровјане ќе остане најблиску до Шкендија, а штипјани ќе завршат трети во оваа конкуренција, односно вкупно седми. Зад нив ќе биде Весна Пробиштип без разлика на тоа дали ќе го добие локалниот дуел со штипјани за крај на сезонските настапи.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (10.коло)

Вардар – Универзитет во Тетово 0:3 (9:25, 15:25, 19:25)
ГОК Борец – Џио Струмица 1:3 (25:23, 18:25, 17:25, 20:25)

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (11.коло)

Универзитет во Тетово – Џио Струмица
Вардар – ГОК Борец

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (9.коло)

Весна Пробиштип – Шкендија 0:3 (16:25, 20:25, 22:25)
Лирија – Штип УГД Штип 3:1 (23:25, 25:20, 25:14, 25:23)
Јанта волеј – Дибра волеј 3:0 (25:12, 25:16, 25:21)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (10.коло)

Шкендија – Јанта волеј
Штип УГД – Весна Пробиштип
Дибра волеј – Лирија

Продолжува првенството кај одбојкарите без дилеми околу формирањето на полуфиналните двојки

 

По завршниот турнир во купот, македонските одбојкари се враќаат на првенствените обврски иако до крајот на лигашкиот сегмент нема многу отворени прашања. Познати се позициите на екипите во пресрет на полуфиналето од разигрувањето, па претстојните три натпревари ќе бидат подготовка за настапот во елиминацискиот дел. Вардар денеска ќе го пречека Универзитет во Тетово, а утре ГОК Борец ќе се сретне со Џио Струмица во 10.коло од Втората фаза-1. Тетовци ќе се обидат да се вратат на победнички патеки по поразот во финалето на купот од струмичани, кои се на врвот на табелата со биланс 17-1. Универзитет има три победи помалку од нив, а четири повеќе во однос на Вардар пред нивната серија до две победи во полуфиналето во шампионатот. Со оглед на пласманот, јасно е дека во првата рунда од нокаут-сегментот, Џио Струмица ќе сервира против ГОК Борец, па нивниот утрешен дуел е најава на таа низа.

 

Во Втората фаза-2, се уште е отворена битката за водечките три места, а со тоа и за подобар пласман во конечното рангирање за сезонава. Првопласираната Шкендија ќе гостува кај Весна Пробиштип со надеж да ја поправи разнишаната форма и да ја забележи 12.победа. Лирија ќе игра со Штип УГД во директна пресметка за второто место затоа што каков и да биде резултатот од денешните средби, Шкендија ќе остане лидер. Штипските одбојкари имаат една победа помалку од Шкендија, но заостануваат пет бода, така што дури и со триумф кај Лирија не можат да напредуваат во пресрет на завршното коло наредниот викенд. Лирија, пак, доколку слави над Штип УГД, ќе го преземе второто место. Весна Пробиштип веќе го обезбеди четвртото во ова друштво и е подобра само од Јанта волеј и од Дибра волеј, кои денеска ќе ги одмерат силите во Кисела вода.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (10.коло)

Вардар – Универзитет во Тетово (денеска, 18.30)
ГОК Борец – Џио Струмица (утре, 17.00)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (9.коло)

Весна Пробиштип – Шкендија (денеска, 18.00)
Лирија – Штип УГД Штип (денеска, 17.00)
Јанта волеј – Дибра волеј (денеска, 17.00)

Натпревари за одредување на полуфиналните двојки во женскиот шампионат

 

Најдобрите четири екипи во македонската женска одбојка одамна обезбедија учество во полуфиналето од разигрувањето, но за формирање на двојките ќе решаваат натпреварите од последното, 10.коло во Втората фаза-1. По вчерашниот триумф над Струмица жени на гости со 3:1 (17:25, 25:15, 25:18 и 25:22), одбојкарките на Вардар жени 2019 се вратија на водечката позиција, а најверојатно и ќе ја задржат затоа што во оваа рунда се фаворити на утрешниот натпревар против Наковски волеј. Освојувачот на купот за сезоната 2020/21, Јанта волеј Кисела вода, има идентичен биланс како вардарки, но два бода помалку, така што дури и со максимална победа над Струмица жени на домашен терен, нема да решава сам за тоа дали ќе напредува од второто место. Трета е Струмица жени поради подобар сет-количник од Работнички Скопје, но и значително потежок противник во последното коло, така што постои можност составот од главниот град да оди чекор понапред. Според сите параметри, Работнички Скопје би требало да биде поблиску до победа на теренот на Универзитет во Тетово.

 

Во Втората фаза-2 настапуваат осум екипи, така што до крајот на сезоната за нив ќе има уште по четири натпревари. Во 11.коло ќе има дерби меѓу двете најдобри досега, Фит фан волеј и Јанта волеј Форца, а без оглед на резултатот позициите нема да се менуваат. Првопласираниот Фит фан волеј има две победи повеќе и максимален ефект во ова друштво, а беше подобар од ривалот и на претходниот меѓусебен дуел. Трет е Пелистер волеј кој и со очекуван успех кај Виктори волеј ќе остане на своето место, барем по овој меч. Ускана и Македонија Макс ќе решаваат за четвртата позиција во оваа конкуренција што одговара на десеттата во конечното рангирање, а шанса за таков резултат има и УГД Студент особено што денеска е апсолутен фаворит против последнопласираниот Бами Кор.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (10.коло)

Универзитет во Тетово – Работнички Скопје (денеска, 18.00)
Вардар жени – Наковски волеј (утре, 17.30)
Јанта волеј КВ – Струмица жени (утре, 18.00)

Струмица жени – Вардар жени 2019 1:3 (25:17, 15:25, 18:25, 22:25)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (11.коло)

Јанта волеј Форца – Фит фан волеј (денеска, 19.45)
Виктори волеј – Пелистер волеј (денеска, 16.00)
Ускана – Македонија Макс (денеска, 17.00)
УГД Студент – Бами Кор (денеска, 17.00)

Фит фан волеј и натаму има максимален биланс во Втората фаза-2

 

Дебитантот во најсилната македонска женска одбојкарска конкуренција Фит фан волеј граби кон првото место во Втората фаза-2, а со тоа кон рангирање на седмата позиција на крајот на сезоната 2020/21. Во натпреварот од 10.коло во овој натпреварувачки сегмент, скопската екипа на гости очекувано го совлада Бами Кор со 3:0, по што е јасно дека ќе остане на врвот на табелата во ова друштво без разлика како ќе завршат саботните средби, во прв ред онаа на Јанта волеј Форца со Пелистер волеј. Фит фан волеј има максимални десет триумфи во Втората фаза-1, но дали ќе остане на врвот најверојатно ќе решава во директна пресметка со Јанта волеј Форца наредното коло. Најблискиот ривал има две победи помалку, но и натпревар за доигрување, претстојниот во Битола против третопласираниот состав на Пелистер волеј.

 

На четвртото место и натаму е Ускана и покрај тоа што во оваа рунда загуби од УГД Студент со 3:1. Штипјанки се реваншираа за поразот на првиот натпревар во Кичево и му се доближија на конкурентот на негатива од еден триумф. Ускана има шест, а УГД Студент пет, но во трка за четвртото место е и тимот на Македонија Макс особено доколку се радува в сабота во локалното соочување со Виктори волеј. Во тој случај, Македонија Макс ќе го потисне УГД Студент од петтото место во Втората фаза-2.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (10.коло)

Бами Кор – Фит фан волеј 0:3 (13:25, 10:25, 17:25)
УГД Студент – Ускана 3:1 (25:18, 25:14, 21:25, 25:15)
Пелистер волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 15.00)
Македонија Макс – Виктори волеј (сабота, 13.00)

Продолжува натпреварувањето за конечен пласман од 7-14 место во сезоната 2020/21

 

Со оглед дека во Втората фаза-2 од најквалитетната женска одбојкарска конкуренција кај нас се предвидени 14 кола, четири повеќе од елитниот сегмент, во овој натпреварувачки дел ќе има два вонредни термина, а првиот е денеска и в сабота за кога се закажани средбите од 10.рунда. Водечкиот тим, Фит фан волеј, ќе гостува кај последнопласираниот Бами Кор, а доколку ја потврди фаворитската улога, тогаш ќе ја забележи вкупно 13.победа сезонава. Тетовки немаат ниту една, досега ги загубија сите пресметки, па нивните шанси против дебитантот во лигата изгледаат минимални.

 

Во Штип, УГД Студент ќе ја пречека Ускана со амбиција да дојде до петтиот триумф, а со тоа и да ја потисне Македонија Макс од петтото место во ова друштво. Ускана е четврта со шест успеси, па без разлика како ќе заврши денешниот натпревар, барем засега, не може да ја менува позицијата на табелата. Тоа важи и за третопласираниот Пелистер волеј, кој в сабота ќе сервира против втората екипа во оваа конкуренција, Јанта волеј Форца, а во струмичкото соочување Македонија Макс се надева на петта, а Виктори волеј на четврта сезонска победа.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (10.коло)

Бами Кор – Фит фан волеј (денеска, 19.00)
УГД Студент – Ускана (денеска, 15.00)
Пелистер волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 15.00)
Македонија Макс – Виктори волеј (сабота, 13.00)

Два лигашки натпревара како подготовка за завршниот турнир во купот

 

Со оглед дека Втората фаза-1 во најсилната македонска машка одбојкарска конкуренција сезонава се игра според четирикружен систем, екипите од најдобриот квартет ќе играат во два вонредни термина заради навремен крај на Првата лига. Денеска водечкиот состав на Џио Струмица ќе му гостува на Вардар со цел да се врати на победнички патеки откако го загуби претходниот меч со Универзитет во Тетово. Сепак, првиот пораз во 17.настап не влијаеше на пласманот на последниот освојувач на двојната круна којшто има позитива од три победи во однос на најблискиот ривал.

 

Со успехот во салата „Парк“, Универзитет во Тетово речиси го реши прашањето за второто место, а тоа дефинитивно може да го направи денеска со евентуален и очекуван триумф над ГОК Борец. Велешани го совладаа Вардар во саботата, првпат се израдуваа во Втората фаза-1, но сезонава не освоија ниту сет во три пресметки со тетовци, така што е јасно кој е носител на фаворитската улога. Без никави дилеми тоа може да се каже и за Џио Струмица против Вардар, кој е во лоша форма со пет порази на последните шест средби и со само еден освоен сет на три соочувања со струмичани во тековното првенство.

 

Оттука, денешните натпревари од 9.коло може да се толкуваат и како подготовка за Џио Струмица и за Универзитет во Тетово за нивната битка на завршниот турнир за куп-пехарот од петок до недела во салата „Парк“ во Струмица. На него ќе учествуваат и Вардар и Шкендија, но со мали шанси да направат изненадување во полуфиналените натпревари. Скопските црвено-црни ќе ја предизвикаат Џио Струмица, што значи дека нивниот денешен лигашки дуел ќе биде најава за куп-пресеметката за два дена, а Шкендија ќе се сретне со Универзитет во Тетово.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (9.коло)

Универзитет во Тетово – ГОК Борец (денеска, 17.00)
Вардар – Џио Струмица (денеска, 17.00)

Дербито и првото место за Јанта волеј Кисела вода

 

Екипата на Јанта волеј Кисела вода триумфираше над Работнички Скопје во дербито на 9.коло од Втората фаза во најсилната македонска одбојкарска конкуренција, со што го презеде водечкото место на табелата. Гостинскиот состав беше поконцентриран и ги доби првите два сета на разлика, а откако противничките намалија во третиот, успеа соодветно да одговори и да го затвори натпреварот по четири одиграни сета (23:25, 25:27, 25:20, 15:25).

 

Поради денешниот успех, како и поради фактот дека Вардар жени 2019 во саботата не го одигра мечот со Струмица жени, Јанта волеј Кисела вода се искачи на чело на нашата женска одбојка. Со 13 победи и само два пораза досега, секако и со зголемена самодоверба по загубената средба со вардарки, одбојкарките на Јанта волеј ќе учествуваат на завршниот турнир од купот закажан за наредниот викенд во салата „Парк“ во Струмица. Работнички Скопје има биланс 10-5 и остана четврти, но се уште има шанса да напредува и да влезе во полуфиналето од разигрувањето од подобра почетна позиција, За да се случи тоа, освојувачките на двојната круна од пред две години треба да го совладаат Уникверзитет во Тетово во последното коло, а притоа да им одат во прилог и резултатите од натпреварите на Струмица жени, која покрај со Вардар, ќе се сретне и со Јанта волеј Кисела вода.

Работнички Скопје – Јанта волеј Кисела вода на МРТ-3 од 17 и 55

 

Саботното дерби меѓу Струмица жени и Вардар жени 2019 бeше одложено, па најголемо внимание во деветтото, претпоследно, коло од Втората фаза во најсилната македонска женска одбојкарска конкуренција привлекува деншната пресметка на Работнички Скопје со Јанта волеј Кисела вода. И овој натпревар е со префиксот дерби затоа што пред камерите на МРТ-3 од 17 часот и 55 минути ќе играат четвртопласираната и втората екипа во Првата лига. Освојувачките на двојната круна од 2019 досега забележаа десет победи на 14 настапи, а тимот од Кисела вода има биланс 12-2, па со триумф ќе го преземе врвот на табелата од вардарки, коишто се водечки поради поголем број освоени бодови. Работнички Скопје со победа или со два освоени сета ќе ја потисне Струмица жени од третата позиција, со напомена дека струмичанки и Вардар ќе имаат натпревар помалку. Во малата сала на арената „Борис Трајковски“ се очекува неизвесен дуел во којшто победничките ќе добијат самодоверба пред завршниот турнир од купот од петок до недела во Струмица.

 

На него нема да настапат Наковски волеј и Универзитет во Тетово, а без нив ќе мине и полуфиналето од лигашкото разигрување затоа што во поквалитетниот натпреварувачки сегмент немаа доволно сили да им парираат на најдобрите четири. Нивното меѓусебно соочување во оваа рунда им припадна на одбојкарките на Наковски коишто славеа со 3:1 и го запишаа шестиот триумф сезонава. Универзитет во Тетово има биланс 4-11.

 

Во Втората фаза-2, немаше поместување на водечките две екипи. Фит фан волеј се радуваше над Пелистер волеј со 3:0 што значи дека во наредното коло ќе влезе со 12 успеси на 15 натпревари сезонава. Јанта волеј Форца го одржа чекорот откако беше поуспешна од Македонија Макс со 3:2, со што им се одлепи на битолчанки за три победи, а остана на негатива од една победа зад Фит фан волеј. Во ова друштво четврта е Ускана која на свој терен го совлада Бами Кор со 3:2, а УГД Студент беше поуспешен од Виктори волеј во Струмица со 3:0. Штипјанки ја забележаа четвртата победа и му се одлепија на ривалот којшто е претпоследен.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (9.коло)

Струмица жени – Вардар жени 2019 (одложен)
Наковски волеј – Универзитет во Тетово 3:1 (25:21, 25:19, 22:25, 25:13)
Работнички Скопје – Јанта волеј КВ (денеска, 17.55, МРТ-3)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (9.коло)

Фит фан волеј – Пелистер волеј 3:0 (25:18, 25:13, 25:19)
Јанта волеј Форца – Македонија Макс 3:2 (20:25, 25:20, 22:25, 25:17, 15:11)
Ускана – Бами Кор 3:2 (25:18, 13:25, 25.23, 20:25, 15:9)
Виктори волеј – УГД Студент 0:3 (19:25, 17:25, 20:25)