Category: Домашно првенство

Прв пораз на Џио Струмица, прва победа на ГОК Борец во Втората фаза-1

 

Откако ги загуби претходните три меѓусебни натпревари, Универзитет во Тетово конечно успеа да го совлада составот на Џио Струмица. Во саботното дерби во салата „Парк“, тетовци му го нанесоа првиот пораз сезонава на последниот освојувач на двојната круна кај нас, а со тоа можеби ја кренаа самодовербата пред претстојните завршни средби за пехарот во купот. Водечката екипа успеа да направи пресврт и да поведе со 2:1, но гостинските одбојкари ја задржаа смиреноста и ја запишаа 13. победа во 17. сезонски настап. Сепак, овој резултат нема некое посебно влијание на табелата затоа што Џио Струмица е безбедна на врвот со биланс 16-1, односно со три триумфи предност пред Универзитет во Тетово, којшто уште отсега го обезбеди второто место пред разигрувањето.

 

Иако до крајот на Втората фаза-1 има уште четири рунди, делува неверојатно тетовци да напредуваат, како што изгледа само теоретски можно да бидат загрозени од Вардар. Црвено-црните претрпеа пораз од ГОК Брец со 3:2, па сега се на негатива од три победи во однос на Универзитет. Велешани се радуваа првпат во најсилното друштво, но и тие имаат само теоретска опција да исчекорат од четвртото место. Според сите параметри, двојките за полуфиналето во Првата лига се познати одамна, а во однос на полуфиналето на купот, разликата е во тоа што на завршниот турнир за куп-пехарот, од петок до недела во Струмица, наместо ГОК Борец ќе учествува Шкендија, која е првопласирана во Втората фаза-2, сега со победа предност пред Штип УГД. Тетовскиот тим го загуби локалното дерби со Лирија со 3:1, а штипјани очекувано се вратија со триумф со од гостувањето кај Дибра волеј. Лирија е трета и во директен дуел ќе има шанса да ја преземе втората позиција од Штип УГД, а со тоа да биде на шестото место во конечното рангирање за сезоната 2020/21. Весна Пробиштип е зад водечката тројка во оваа конкуренција, а седмиот успех зелено-црните викендов го остварија кај Јанта волеј со 3:1.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (8.коло)

Џио Струмица – Универзитет во Тетово 2:3 (21:25, 25:19, 25:22, 18:25, 11:15)
ГОК Борец – Вардар 3:2 (25:23, 17:25, 19:25, 25:22, 16:14)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (8.коло)

Шкендија – Лирија 1:3 (13:25, 27:25, 23:25, 22:25)
Дибра волеј – Штип УГД 1:3 (10:25, 11:25, 16:25)
Јанта волеј – Весна Пробиштип 1:3 (20:25, 25:21, 22:25, 13:25)

Дерби натпревари на водечките четири во македонската женска одбојка

 

Деветтото коло од Втората фаза-1 во одбојкарската лига кај дамите ги содржи пресметките на најдобрите четири екипи сезонава коишто ќе бидат актери на полуфиналето во првенството, исто како и на завршниот куп-турнир закажан за наредниот викенд. Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода имаат биланс 12-1, а Струмица жени и Работнички Скопје 10-4, но на две две рунди до крајот на овој лигашки сегмент се уште се можни промени на табелата, а со тоа и во одредувањето на двојките за елиминацискиот дел.

 

Струмица жени утре ќе ги пречека вардарки со надеж да го повтори успехот од гостувањето во Скопје кога на ривалот му го нанесе првиот сезонски пораз. Доколку успеат, струмичанки ќе ја задржат опцијата да напредуваат од третото место на коешто се поради подобар сет-количник од Работнички Скопје. По триумфот на црвено-црните, освојувачките на двојната круна од 2019 в понеделник ќе играат со Јанта волеј Кисела вода полни со самодоверба дека можат да влезат во низа и да исчекорат од четвртото место. Одбојкарките на Јанта волеј се втори, но до крајот на лигашкиот сегмент ќе играат две-дерби среби, покрај со Работнички Скопје в понеделник со пренос на МРТ-3, ќе се сретнат и со Струмица жени, така што ништо не им е загарантирано, исто како што им е отворена можноста да бидат први, а со тоа да играат реванш на домашен терен во полуфиналната серија до две победи во разигрувањето. Наковски волеј и Универзитет во Тетово не беа на ниво по паузата, па нивниот утрешен дуел е за престиж.

 

Во Втората фаза-2, водечкиот Фит фан волеј ќе го пречека Пелистер со амбиција да ја продолжи низата од максимални осум победи по формирањето на ова квалитативно друштво. Битолчанки се радуваа на претходните четири настапи, па доколку триумфираат во Скопје, ќе ги задржат шансите за освојување на првите две места, коишто можат да бидат значајни затоа што ќе обезбедат билет за учество во елитната конкуренција во наредната сезона доколку се формира Втора лига.

 

Пред битолскиот тим е и составот на Јанта волеј Форца, кој утре ќе им биде домаќин на одбојкарките на Македонија Макс. Со пораз на дебитантот од Пелистер волеј, Јанта волеј Форца може да го преземе првото место, но и да не се случи тоа, триумф над струмичанки секако ќе биде добредојден во пресрет на следните пет рунди до крајот на сезоната во оваа конкуренција. Во неа, од аспект на битката за врвот, барем засега, не можат да влијаат средбите Ускана – Бами Кор и Виктори волеј – УГД Студент, но и тие ќе имаат тежина пред одредувањето на конечниот пласман во натпреварувачката 2020/21.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (9.коло)

Струмица жени – Вардар жени 2019 (сабота, 17.00)
Наковски волеј – Универзитет во Тетово (сабота, 17.00)
Работнички Скопје – Јанта волеј КВ (понеделник, 17.55, МРТ-3)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (9.коло)

Фит фан волеј – Пелистер волеј (сабота, 13.00)
Јанта волеј Форца – Македонија Макс (сабота, 13.00)
Ускана – Бами Кор (сабота, 13.00)
Виктори волеј – УГД Студент (сабота, 15.00)

Лигашко дерби за подготовка за надмудрувањето за куп-пехарот

 

Осмото коло во Втората фаза во најквалитетната македонска одбојкарска лига ќе биде последна проверка за екипите пред завршниот турнир од купот. Во првенството работите се главно познати, па единствените отворени прашања се во насока на тоа кој ќе биде второпласиран во двата натпреварувачки сегмента. Во посилниот од којшто ќе произлезат двојките во полуфиналето од разигрувањето, Џио Струмица ќе го пречека Универзитет во Тетово во пресметката на двата најуспешни состава досега. Освојуваччот на двојната круна од 2019 има максимални 16 победи, четири повеќе од тетовци против коишто славеше на трите дуели сезонава. Оттука, дури и со евентуален успех на гостинскиот тим во салата „Парк“, макар што има уште четири кола до крајот на лигашкиот дел, се чини дека Џио Струмица е безбедна на првото место. Според сите параметри, тоа треба да важи и за Универзитет во Тетово на второто со оглед на квалитетот пролетва и на предноста од два триумфа во однос на Вардар кој утре ќе гостува кај ГОК Борец. Црвено-црните се фаворити и доколку им одговара резултатот од Струмица, тогаш можат да му се доближат на Универзитет на една победа, а со тоа да ја продолжат надежта за подобра почетна позиција во разигрувањето. Во оваа натпреварувачка сезона тоа значи трет меч на домашен терен во серијата до две победи во полуфиналето. Иако теоретски се уште се можни промени, со голема сигурност полуфиналните двојки ќе бидат Џио Струмица – ГОК Борец и Универзитет во Тетово – Вардар.

 

И во Втората фаза-2, јасна е битката за првото место коешто одговара на петто во конечниот пласман сезонава. Шкендија ја заврши низата од шест триумфи, но се уште има голема позитива пред најблискиот конкурент, а против Лирија ќе игра за да се врати во вистинска насока пред завршниот турнир во купот. Штип УГД е апсолутен фаворит на теренот на Дибра волеј, па доколку Шкендија ја совлада Лирија во локалното соочување, тогаш штипјани ќе направат клучна разлика во трката за втората позиција. На три кола до крајот на сезоната во овој натпреварувачки дел, Лирија заостанува една победа зад Штип УГД, па се уште се можни различни математики особено што двата тима се пред меѓусебна средба во 9.коло. Досегашните резултати јасно ги лоцираа Јанта волеј и Весна Пробиштип, а тоа значи дека нивниот утрешен дуел ќе биде само за престиж.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (8.коло)

Џио Струмица – Универзитет во Тетово (сабота, 17.00)
ГОК Борец – Вардар (сабота, 15.00)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (8.коло)

Шкендија – Лирија (сабота, 16.00)
Дибра волеј – Штип УГД (сабота, 14.00)
Јанта волеј – Весна Пробиштип (сабота, 16.00)

Втор пораз на вардарки, Работнички Скопје останува во трка за подобра позиција пред разигрувањето

 

Работнички Скопје го доби дербито со Вардар жени 2019 во осмото коло од Втората фаза во најсилната македонска одбојкарска конкуренција. Освојувачот на двојната круна од 2019 се радуваше со 3:0 (25:16, 25:22 и 30:28) на гостински терен, ја забележа десеттата победа сезонава, но поради полош сет-количник од Струмица жени, остана на четвртото место на табелата. Црвено-црните вторпат претрпеа пораз, но и натаму се на врвот на табелата зашто имаат поголем број бодови од второпласираниот тим на Јанта волеј Кисела вода.

 

Во салата на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, одбојкарките на Работнички Скопје грешеа многу помалку, имаа подобар напад со исклучок на завршницата на третиот сет, а поголемиот број поени од сервис и од блок не им помогнаа на вардарки да го извадат овој натпревар. Во победничкит состав, Србинката Милица Терзиќ освои 16, Тамара Стојанова и Антонија Баталаковска по 10, блокерката Николова 9 поени, а техничарката Јонузи 5, додека, пак, кај Вардар најефикасна беше Кубанката Агуеро со 18, Ковачевиќ изброја 10, а центарките Павловска и Лазарова заработија по седум, но тоа не беше доволно за 13. триумф сезонава.

 

Двете екипи се меѓу најдобрите четири во купот, а веќе обезбедија и полуфинале во разигрувањето во Првата лига, но преостанатите две кола од Втората фаза-1 ќе го дадат одговорот на прашањето кој со кого ќе вкрсти во првиот круг од елиминациите. Според позициите на табелата, можен е дуел на Вардар жени 2019 и на Работнички Скопје уште во овој сегмент.

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје на МРТ-3 од 17 и 55

 

Дербито на Првата женска одбојкарска лига е меѓу Вардар жени 2019 и Работнички Скопје не може да донесе промена на табелата, но секако ќе има влијание на калкулациите во пресрет на завршните две кола од Втората фаза-1, а со тоа и на формирање на полуфиналните двојки. Црвено-црните на теренот ќе истрчаат со само еден пораз на досегашните 13 натпревари, а со тој биланс се водечки во најквалитетната македонска одбојкарска конкуренција. Работнички Скопје не е на нивото од 2019 кога ја освои двојната круна, па претрпе пораз на четири средби вклучувајќи ја и првата меѓусебна со вардарки. Оттука, доколку сакаат да напредуваат од четвртото место, а со тоа да го избегнат денешниот ривал во првиот круг од елиминациите, одбојкарките на Работнички Скопје треба да победат денеска и да се радуваат десеттипат сезонава. Без оглед на резултатот, Вардар ќе остане прв по осмото коло, но со триумф значително ќе се доближи до потврда на најдобрата почетна позиција пред разигрувањето.

 

Идентичен број победи како црвено-црните има и Јанта волеј Кисела вода, но со натпревар повеќе. И покрај успешниот настап кај Универзитет во Тетово без загубен сет, одбојкарките на Јанта волеј не можеа да исчекорат на табелата поради тоа што имаат два бода помалку од водечката екипа, но ја задржаа предноста од два триумфа пред третопласираната Струмица жени, која славеше во локалното дерби со Наковски волеј, исто така, во три сета. Со оглед дека до крајот на лигашкиот дел ќе играат меѓу себе, се уште постојат комбинации Јанта волеј Кисела вода и Струмица жени да ги заменат позициите, а трката за второто место и за предност во полуфиналето од разигрувањето се уште е отворена и за Работнички Скопје.

 

Во Втората фаза-2, Фит фан волеј го забележа осмиот успех во осмиот настап, а вкупно 11. сезонава. Во сабоата, во пет сета, дебитантот во лигата се радуваше на гостувањето кај Македонија Макс, кој загуби вторпат по ред откако претходно триумфираше четирипари едноподруго. Добрата серија од четири победи, екипата на Пелистер волеј очекувано ја продолжи кај Бами Кор без да загуби сет, а шест од седум во ова друштво има Јанта волеј Форца откако го совлада УГД Студент во Штип. Ускана го искористи домашниот терен против Виктори волеј за да се врати на победнички патеки по четири пораза, а со тоа ја потисна Македонија Макс од четвртото место во оваа конкуренција. Прв е тимот на Фит фан волеј со победа повеќе од Јанта волеј Форца, а три во однос на Пелистер волеј кој има натпревар помалку, дома против Виктори волеј.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (8.коло)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (денеска, 18.00, МРТ-3)
Универзитет во Тетово – Јанта волеј КВ 0:3 (16:25, 16:25, 19:25)
Наковски волеј – Струмица жени 0:3 (16:25, 14:25, 15:25)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (8.коло)

Македонија Макс – Фит фан волеј 2:3 (23:25, 25:20, 15:25, 25:20, 13:15)
УГД Студент – Јанта волеј Форца 0:3 (12:25, 21:25, 23:25)
Бами Кор – Пелистер волеј 0:3 (19:25, 12:25, 18:25)
Ускана – Виктори волеј 3:0 (25:13, 25:17, 25:20)

Вардарци освоија сет во Тетово, штипјани ја запреа Шкендија

 

Сите екипи ги задржаа позициите на табелата по седмото коло од Втората фаза во најсилната македонска машка одбојкарска конкуренција. Џио Струмица очекувано убедливо го совлада ГОК Борец и го задржа максималниот биланс – 16 победи на исто толку натпревари, а велешани го претрпеа седмиот пораз во овој сегмент, вкупно осми едноподруго. Иако потешко од очекувањата, Универзитет во Тетово се радуваше против Вардар со 3:1 и направи предност од две победи во однос на саботниот ривал. Црвено-црните ги загубија сите дерби пресметки во пролетниот дел од сезоната, така што тешко е да се верува дека ќе можат да го нападнат второто место на тетовци, кои теоретски се уште се во трка за водечкото место во пресрет на разигрувањето. Сепак, веќе е јасно дека полуфиналните двојки ќе бидат идентични со оние од ова коло во Втората фаза-1, односно дека Џио Струмица ќе се соочи со ГОК Борец, а Универзитет во Тетово со Вардар. Целосна потврда за ваквата претпоставка може да има веќе наредното коло доколку освојувачот на двојната круна од 2019 го совлада Универзитет на свој терен.

 

Во Втората фаза-2, Штип УГД стави крај на серијата од шест триумфи на Шкендија. Со третиот успешен настап по ред, овој пат во своја сала со 3:1 против водечкиот тим во ова друштво, штипјани го задржаа второто место коешто одговара на шесто во конечното рангирање за тековната сезона. Шкендија има две победи предност пред Штип УГД, а три во однос на третопласираната Лирија која беше подобра од Јанта волеј во четири сета. Лирија претрпе два пораза на последните пет меча, па доколку сака да напредува, ќе биде потребно да слави над Шкендија во наредното коло. Во спротивно, штипјани ќе бидат блиску до втората позиција во оваа конкуренција, во којашто четврта е Весна Пробиштип со шест триумфи досега. Последниот зелено-црните го остварија против Дибра волеј со 3:0 и на тој начин се доближија до Лирија на негатива од две победи.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (7.коло)

Џио Струмица – ГОК Борец 3:0 (25:12, 25:14, 25:14)
Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:15, 17:25, 25:23, 25:18)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (7.коло)

Штип УГД Штип – Шкендија 3:1 (25:21, 26:24, 23:25, 25:14)
Лирија – Јанта волеј 3:1 (28:30, 25:21, 25:12, 25:6)
Весна Пробиштип – Дибра волеј 3:0 (24:14, 25:16, 25:18)

Скопска пресметка во најава на можна полуфинална серија во разигрувањето

 

Откако најдобрата четворка во македонскиот женски одбојкарски шампионат го реши прашањето за влез во полуфиналето од разигрувањето, преостанатите натпревари од Втората фаза-1 единствено може да влијаат на формирањето на двојките за нокаут-сегментот. Со убедливиот триумф во меѓусебниот дуел, екипата на Вардар жени 2019 направи голема предност во однос на второпласираниот состав на Јанта волеј Кисела вода, па со уште еден успех, овој пат против Работнички Скопје, со едната нога веќе ќе ја потврди првата позиција. Доколку не успее против последниот освојувач на двојната круна кај нас во понеделничкиот натпревар пред камерите на МРТ, тогаш Јанта волеј Кисела вода ќе има можност да се израмни според бројот на победи со вардарки, но не и да го преземе врвот по осмото коло во Втората фаза-1. Црвено-црните направија и бодовна разлика, така што и од тој аспект можат да бидат растоварени пред пресметката со Работнички Скопје, кој поради полош сет-количник е зад третопласираната Струмица жени. Оттука, можни се уште многу комбинации во преостанатите средби од лигашкиот дел од првенството. Во локалниот дуел, Наковски волеј ќе ја пречека Струмица жени, а резултатот од овој натпревар, исто така, ќе има влијание на конечниот пласман пред почетокот на елиминациите. Наковски ги загуби шансите за учество во полуфиналето, а тоа важи и за Универзитет во Тетово, кој во соочувањето со Јанта волеј Кисела вода ќе влезе со максимален број порази (7) во ова натпреварувачко друштво.

 

Најуспешниот тим во Втората фаза-2, Фит фан волеј, пак, е во позитивна серија од седум победи, а осмата ќе ја бара на теренот на Македонија Макс. Струмичанки славеа на четири од последните пет меча, но не можеа да му се доближат на третопласираниот Пелистер волеј поради поразот во меѓусебниот дуел минатиот викенд. Битолчанки се фаворитки кај Бами Кор, но сепак, не можат да ја загрозат втората позиција на Јанта волеј Форца зашто имаат две победи помалку. Во осмото коло, скопскиот тим ќе гостува кај УГД Студент, а со успех може да се надева дека ќе го преземе водечкото место, но само доколку Фит фан волеј загуби кај Македонија Макс. Ускана против Виктори волеј се надева на петтата победа сезонава, а струмичките одбојкарки на четвртата со којашто би се изедначиле со билансот на ривалките.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (8.коло)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (понеделник, 18.00, МРТ-3)
Универзитет во Тетово – Јанта волеј КВ (сабота, 18.00)
Наковски волеј – Струмица жени (сабота, 17.00)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (8.коло)

Македонија Макс – Фит фан волеј (сабота, 16.00)
УГД Студент – Јанта волеј Форца (сабота, 17.30)
Бами Кор – Пелистер волеј (сабота, 16.00)
Ускана – Виктори волеј (сабота, 14.00)

Трка за второто место во двете лигашки групи кај одбојкарите

 

Седмото коло од Втората фаза содржи натпревари коишто ќе решаваат за второто место во двете квалитативни конкуренции. Во елитната, Универзитет во Тетово ќе го пречека Вардар со амбиција да направи предност од две победи во однос на ривалот, а со тоа да обезбеди подобра позиција во пресрет на нивниот, се повеќе извесен, меѓусебен дуел во полуфиналето од разигрувањето. Тетовци досега остварија биланс 11-4, а црвено-црните 10-5, но за разлика од првата пресметка во Втората фаза-1 кога скопскиот тим се радуваше на гостински терен, сега составите имаат поинаков квалитет, па домашниот во средбата ќе влезе со фаворитска улога. Ако ја потврди, ќе се радува на третиот триумф во четвртиот сезонски настап против Вардар. Универзитет досега беше подобар на двете соочувања во Скопје, а третопласираната екипа на табелата славеше во Тетово. Во Втората фаза-1, Џио Струмица денеска против ГОК Борец треба само да го завери 16. првенствен успех, а со тоа да ја продолжи максималната серија против велешани со коишто ќе се соочи во полуфиналето на разигрувањето.

 

И во Втората фаза-2 битката за првото место изгледа завршена. Шкендија дојде до 11 триумфи и во пресрет на гостувањето кај Штип УГД има три повеќе од најблискиот конкурент, а тоа е токму утрешниот противник. Лирија е трета со победа заостанување во однос на штипјани, но со успех на свој терен против Јанта волеј може да се врати на втората позиција во ова друштво доколку Штип УГД го загуби дуелот со Шкендија. Весна Пробиштип е апсолутен фаворит против Дибра волеј, но според досегашните резултати, нема да може да го подобри пласманот иако теоретски се уште има шанси да го стори тоа до крајот на сезоната.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (7.коло)

Џио Струмица – ГОК Борец (денеска, 18.00)
Универзитет во Тетово – Вардар (сабота, 15.30)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (7.коло)

Штип УГД Штип – Шкендија (сабота, 14.00)
Лирија – Јанта волеј (сабота, 18.15)
Весна Пробиштип – Дибра волеј (сабота, 14.00)

Вардарки доминираа во дербито и ја потврдија лидерската позиција

 

Екипата на Вардар жени 2019 максимално ја искористи конфузијата во играта на Јанта волеј Кисела вода и убедливо го доби дербито во нашата женска одбојка со 3:0 (25:16, 25:12, 25:12). Во судирот на двете најдобри екипи на табелата, црвено-црните покажаа надмоќ во квалитетот и во ниту еден момент не дозволија ривалките да се понадеваат дека можат да го избегнат вториот пораз во меѓусебните дуели сезонава. Ковачевиќ освои 12, Агеро 10, техничарката Курјерова 7, Павловска 6, а Славкова 4 поени, а на ова нивно постигнување, гостинскиот состав не можеше да парира.

 

Вардарки се радуваа на 12. победа на 13 натпревари досега, па покрај тоа што имаат трумф повеќе во однос на второпласираниот состав на Јанта волеј Кисела вода, сега се и на пет бода плус. Таквата предност не им го гарантира првото место по Втората фаза-1 од којашто има уште три рунди, но значи дека можат да си дозволат и еден максимален пораз, а притоа да не ја загубат водечката позиција. Со оглед дека се два чекора понапред во споредба со Струмица жени и со ефектот на Работнички Скопје, одбојкарките на Јанта волеј Кисела вода се блиску до потврда на второто место пред почетокот на разигрувањето. Покрај актерките на денешното дерби во малата сала на арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во полуфиналето се и Струмица жени и Работнички Скопје.

Вардар жени 2019 – Јанта волеј Кисела вода на МРТ-3 од 17 часот и 55 минути

 

Веќе нема отворени прашања во контекст на учесниците во полуфиналето од разигрувањето во најсилната македонска женска одбојкарска конкуренција. Наковски волеј загуби кај Работнички Скопје, а Струмица жени ја потврди фаворитската улога на свој терен против Универзитет во Тетово, па овие две екипи со по девет победи имаат недостижна предност пред Наковски на три кола од крајот на Втората фаза-1 во натпреварувањето. Според досегашните резултати и изгледот на табелата, во преостанатите средби ќе биде решено прашањето за првото и за третото место, а со тоа и за формирањето на полуфиналните двојки. Во таа насока големо значење ќе има денешното дерби меѓу Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода, двата тима коишто досега загубија само по еднаш на 12 настапи. Црвено-црните се на водечката позиција затоа што имаат два бода повеќе од противничките против коишто се радуваа на првиот натпревар одигран во Кисела вода со 3:0. Потоа вардарки претрпеа домашен пораз од Струмица жени, а одбојкарките на Јанта волеј не кикснаа и остварија четири победи по ред, така што ја задржаа можноста во директна пресметка со конкурентот да се надмудруваат за првото место. Се разбира дека успех денеска во малата сала на арената „Борис Трајковски“ нема да значи целосно завршена работа зашто до крајот на лигашкиот сегмент има уште три рунди. Дербито ќе биде емитувано со пренос на МРТ-3 каналот од 17 часот и 55 минути во рамки на проектот „одбојкарски понеделник“.

 

Во Втората фаза-2, односно во битката за пласман од 7-14 место во конечното рангирање за сезоната 2020/21, Фит фан волеј го одржа максималниот биланс и по гостувањето кај УГД Студент. Дебитантот во Првата лига има седум триумфи во ова друштво, а штипјанки се во низа од три порази и се шести. Македонија Макс загуби првпат по четири успеси, сега на домашен терен од Пелистер волеј кој третпат едноподруго освои максимални три бода. Битолчанки се трети со вкупно седум победи, три помалку од Фит фан волеј и една негатива во споредба со ефектот на Јанта волеј Форца, со напомена дека овие два тима имаат натпревар помалку. Пелистер волеј треба да игра со Виктори волеј, а Јанта волеј Форца ја чека одлуката на ОФМ во врска со прекинатиот меч од петокот со Ускана. Тренерот на кичевскиот тим ги нападна официјалните лица, па епилогот ќе биде со административна одлука, а не со резултат изборен на терен. Доколку Јанта волеј Форца ја добие средбата, ќе има девет победи, една помалку од лидерот, а две повеќе од Пелистер волеј. На дното на табелата се Виктори волеј и Бами Кор, а нивното меѓусебно соочување во саботата му припадна на струмичкиот состав којшто славеше по пет сета. Виктори волеј има три триумфи, а тетовки ниту еден, но вторпат сезонава заработија бод освојувајќи два сета во натпревар.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (7.коло)

Вардар жени 2019 – Јанта волеј Кисела вода (денеска, 17.55, МРТ-3)
Работнички Скопје – Наковски волеј 3:1 (27:25, 19:25, 25:11, 25:20)
Струмица жени – Универзитет во Тетово 3:0 (25:9, 25:16, 25:16)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (7.коло)

Ускана – Јанта волеј Форца (прекин)
УГД Студент – Фит фан волеј 2:3 (19:25, 25:21, 11:25, 25:19, 7:15)
Македонија Макс – Пелистер волеј 1:3 (24:26, 26:24, 23:25, 8:25)
Виктори волеј – Бами Кор 3:2 (25:27, 23:25, 25:21, 25:10, 18:16)