Category: Европска златна лига 2020

Стари познаници за нас на дебито во Европската златна лига

Македонските одбојкари ќе играат со Чешка, со Турција и со Португалија

 

Мотивите постојат сами по себе, но противниците исто така ќе овозможат нова желба за освојување на премиерата на македонската одбојка во Европската златна лига. По одличниот настап на континенталниот самит во септември и според рејтингот, македонската репрезентација наредната година првпат ќе игра во елитното европско натпреварување. Старите познаници Чешка, Турција и Португалија ќе бидат на другата страна на мрежата, сите се наши должници, кој помалку – кој повеќе, но нивниот рејтинг несомнено ќе биде нов извор за инспирација за нашите одбојкари да одат чекор погоре од двете победи над Белорусија и над Словенија на Европскиот шампионат во Љубљана.

 

Во групата „Це” од Европската златна лига, црвено-жолтите најпрво ќе се сретнат со Чешка од која загубија на претходните пет квалификациски средби, еднаш во бараж, четирипати во групната фаза. Сепак, тие порази не беа толку болни за нас како нивната одлука да настапат со втор тим против Естонија во последното квалификациско коло пред три години, а со тоа да го запрат нашиот пат кон Европското првенство во 2017-тата. Слична беше ситуацијата пред само некој месец кога со два освоени сета против Финска, Турците обезбедија осминафинале преку групата во Љубљана на последниот континентален собир, а потоа загубија, па ние не успеавме да влеземе во нокаут сегментот. Португалија не совлада во квалификациите за еврошампионатот во 2009-тата. Но и да не се земат предвид овие резултатски податоци, самиот факт што македонската селекција исчекори во ова друштво е доволно предизвикувачки за овие неполни шест месеци да минат брзо и во ново исчекување.

 

„Ова е тешка група, но на ова ниво лесна воопшто нема. Ние сме во кремот на одбојката и тоа е местото каде што заслужуваме да бидеме. Добро е во првиот натпревар ќе бидеме домаќини, ако успееме да победиме, тоа би бил одличен почеток. Секако дека ние не сме фаворити за влез на завршниот турнир, сепак ова не е како во сребрената лига, но имаме екипа којашто што може да направи нова историја доколку сме здрави сите. Португалија е домаќин на Челенџер купот, па прочитав дека селекторот ќе ја искористи Европската златна лига за да ги провери сите играчи, мојот техничар во Фридрихсхафен е капитен на Чешка, па ќе се обидам да соберам некоја информација и од него, а Турците ги знаеме и се надевам дека ќе им се реваншираме за поразот на ЕП. Мојот сон е три победи дома и една или две на гости, а тоа значи пласман на завршниот турнир. Само да сме здрави”, оптимистички вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

 

Распоред на натпреварите за Европската златна лига 2020:

1.коло – 23/24.5.2020: Македонија – Чешка
2.коло – 27.05.2020: Турција – Македонија
3.коло – 30/31.05.2020: Португалија – Македонија
4.коло – 06/07.06.2020 Македонија – Португалија
5.коло – 10.06.2020 Македонија – Турција
6.коло – 13/14.06 2020 Чешка – Македонија

 

 

Завршниот турнир на четирите најдобри ќе биде одигран викендот на 20-ти и на 21-ви јуни, а домаќин ќе биде Белгија. За разлика од досега, финалистите ќе обезбедат пласман во ФИВБ Челенџер купот и ќе имаат шанса да се борат за настап во Лигата на нации во 2021.