Category: Куп на ОФМ

Џио Струмица и за Јанта волеј Кисела вода се радуваат на куп-пехарите

 

Почестите во 28.македонски одбојкарски куп ги заслужија Џио Струмица и Јанта волеј Кисела вода. Во финалните натпревари на завршниот турнир во салата „Парк“ во Струмица, тие славеа со четири сета против ривалите и го остварија првиот дел од мисијата во сезоната 2020/21.

 

Одбојкарите на Џио Струмица го совладаа Универзитет во Тетово со пресврт со 3:1 (18:25, 25:21, 25:20 и 25:16) и четвртипат едноподруго, а вкупно осми го освоија куп-пехарот. Владо Милев, Марјан Урдов и Ристо Николов одиграа одличен меч, па ефектот на Јовица Симовски и на примачите на противникот не можеа да донесат прва клупска титула за Универзитет. Џио Струмица ја продолжи доминацијата во меѓусебните дуели со осма победа во деветтата средба во минатите три сезони сметајќи ја и тековната. Стабилната игра Милев ја круниса со 19 поени, коректорот Урдов заврши со 17, а центарот Николов заработи 15 од коишто осум беа преку блок. Михаилов и Наков придонесоа со по пет поени, а на три се израдува техничарот Ричлиев. Кај тетовската екипа Симовски имаше 25, Мирковиќ 15, а Бериша 12, но тоа не беше доволно за постојаност во играта што може да биде доволна за триумф.

 

Од резултатски аспект, женското финале донесе поголема неизвесност. Во петтото куп-финале, Јанта волеј Кисела вода конечно ја освои премиерната титула откако го совлада составот на Вардар жени 2019 со 3:1 (25:18, 25:23, 20:25 и 26:24). Во црвено-црниот дрес не беа повредените Георгиевска и Славкова на примачка дијагонала, а тоа се покажа голем хендикеп затоа што дел од одбојкарките имаа променети улоги на теренот. Украинката Собол реализираше 22 поена за двократниот првак, а Серафимова и Стојановска завршија со по 13. Маројевиќ имаше 9, Стевановска 4, а Тасевска 3. Кај вардарки најефикасна беше Кубанката Агуеро со 23, Ковачевиќ запиша 10, Лазарова 9, Павловска 7, Казахстанката Курјерова 5, Делчева 4, а Пејовска два поена.

Финале за Вардар и за Јанта волеј Кисела вода

 

Екипите на Вардар жени 2019 и на Јанта волеј Кисела вода ќе играат во финалето на 28.македонски одбојкарски куп во женска конкуренција. Вардарки го добија третиот меѓусебен и најважен дуел сезонава против Работнички Скопје со 3:0 (30:28, 25:21 и 26:24), на тој начин го детронизираа освојувачот на престижниот пехар од 2019 и се изборија за можноста да го заработат првиот трофеј во клупската историја. Во рамноправната битка, составот на Вардар го предводеше Агуеро со 15 поени, Ковачевиќ заработи 13, Георгиевска 9, а Лазарова 8 поени, 4 од нив со блок. Техничарката Курјерова запиша 4, блокерката Павловска 5, а Пејовска еден поен. Единствена лоша вест за црвено-црните од денешното полуфинале е повредата на Сандра Георгиевска во последната акција во натпревварот, што ќе ја оддалечи од можноста да игра во утрешната пресметка за куп-титулата. Тоа ќе биде хендикеп за Вардар жени 2019 знаејќи ќе нема да настапи ниту Теона Славкова, а на клупата ќе го нема и тренерот Горан Славков.

 

Во составот на Работнички Скопје, најефикасна беше Стојанова со 15 поени, Србинката Терзиќ придонесе со 12, но тоа не беше дволно за ново финале. Во него повторно, петтипат во клупската историја ќе игра Јанта волеј Кисела вода. Скопскиот тим се радуваше во соочувањето со Струмица жени со 3:1 со пресврт (23:25, 25:16, 25:22 и 25:14), па ќе има шанса на двата шампионски пахара да го додаде и оној во македонскиот куп. Украинката Собол беше незапирлива со 23 поени, Серафимова освои 18, Маројевиќ 14, а Тасевска заврши со 8. Кај струмичката екипа која втора сезона е дел од најсилното одбојкарско ниво кај нас, Дикова имаше 20 поени, Мартина Владевска 11, но тоа не беше доволно за прво финале.

 

Третата епизода од завршниот тунир во салата „Парк“ во Струмица утре ќе почне во 15 часот со женското финале, а машкото меѓу Џио Струмица и Универзитет во Тетово е закажано за од 18 часот. Преносите ќе бидат на МРТ-3 каналот.

Втор ден за завршниот куп-турнир, полуфинале кај дамите со прогноза за неизвесност и големи возбудувања

 

За разлика од машките, женските полифинални натпревари во македонскиот одбојкарки куп би требало да донесат многу поголема неизвесност. Во салата „Парк“ во Струмица, денеска ќе играат најдобрите четири екипи од Првата лига, две од нив првпат ќе настапат во натпревар од оваа етапа на купот, во конкуренција за престижниот пехар е последниот освојувач, а тука е и тимот со досегашни четири настапи во финалето. Токму затоа, за очекување е да има тесни резултати, а со тоа и вистинска спортска возбуда во обидот да се мине уште еден чекор кон проектираната цел.

 

Во првото полуфинале ќе играат скопските ривали Вардар жени 2019 и Работнички Скопје. Знаејќи дека сезонава секој триумфираше на гости без да загуби сет, како и тоа дека во последните две сезони билансот во меѓусебните одмерувања на силите е 2-2, тешко е да се прогнозира која екипа е во предност. Работнички Скопје во 2019 славеше на истото место, тогаш против Наковски волеј, а во сегашниот состав се шест одбојкарки, сега засилени со Србинката Терзиќ.

 

Слични се очекувањата и од пресметката на Струмица жени со Јанта волеј Кисела вода. Коорганизаторот на турнирот првпат е во полуфинале, а скопскиот тим се надева на петто финале и на прва титула. Во досегашните четири обиди Јанта волеј двапати губеше од Работнички жени, а по еднаш од Форца волеј и од СВСК Куманово. Тоа се екипи коишто веќе не постојат, што доволно зборува дека за подлабока традиција во претставувањето на полуфиналните двојки во македонската женска одбојка, не може да стане збор. Но секако дека има лични спортски ривалства за коишто вреди да се гледаат преносите на МРТ-3, од 15 и 55 (Вардар жемни 2019 – Работнички Скопје) и од 18 и 55 (Струмица жени – Јанта волеј Кисела вода).

Очекувано, во машкото куп-финале ќе играат Џио Струмица и Универзитет во Тетово

 

Полуфиналните натпревари во машка конкуренција на 28.македонски одбојкарски куп минаа очекувано, со доминација на фаворитите за освојување на пехарот. В недела од 18 часот во салата „Парк“ ќе играат Џио Струмица и Универзитет во Тетово, што значи дека годинашното финале ќе биде реприза на завршниот меч од 2019.

 

Второпласираниот тим во првенството, Универзитет во Тетово, доминираше во локалната пресметка со Шкендија и славеше со 3:0 (25:14, 25:17 и 26:16). Фаворитот постојано го контролираше резултатот, а освојувачот на купот во 2011, тимот на Шкендија, беше рамноправна само на почетокот на третиот сет. Интернационалците Адриатик Бериша и Стефан Мирковиќ освоија 15, односно 14 поени, а двоцифрен кај Универзитет беше и Јовица Симовски со 10 поени. Со оглед на отсуството на Ѓорѓески и на Шулајкоски, среден блокер играше Дејан Симовски, кој средбата ја заврши со 7 поени. Стојанов имаше четири аса, а второто куп-финале во клупската историја со по два поена придонесоа Клопчевски и Стошиќ. Кај носителот на двојната круна во 2011 во македонската одбојка, Шкендија, по шест поени запишаа Абази, Илир Вела и Ветон Бафтијари.

 

На идентичен начин мина и второто полуфинале меѓу Џио Струмица и Вардар. Скопските црвено-црни петтипат сезонава не успеаја да му парираат на водечкиот состав во шампионатот којшто го доби натпреварот со 25:14, 25:17 и 26:16. На тој начин, струмичани се финалисти седмипат во последните девет сезони, сметајќи ја и тековната. Урдов заврши со 13, Милев со 11, Николов и Савовски по 10, Костиќ 8, а Ричлиев и Михаилов по 3 поени. Кај Вардар, најефикасен беше Димкоски со 10, а Топалов и Чапел помогнаа со по 5. Црвено-црните се третопласирани во лигата, двапати беа шампиони, а му се израдуваа на купот во 2013, но овој пак не можеа да се надеваат на пласман во финалето. Седумкратниот првак Џио Струмица в недела има амбиции да слави во купот четвртипат по ред.

 

Утрешниот ден на завршниот турнир е резервиран за женските полуфинални натпревари. Од 16 часот Вардар жени 2019 ќе сервира против Работнички Скопје, а потоа Струмица жени ќе се соочи со Јанта волеј Кисела вода. Двата меча, како и финалните пресметки в сабота, ќе бидат емитувани директно на МРТ-3 каналот.

Македонски одбојкарски куп 2020/21, може ли некој да ја запре доминацијата на Џио Струмица?

 

Квалитетот на екипите и нивните досегашни резултати лесно ги одредуваат улогите на учесниците во денешните полуфинални натпревари на завршниот турнир на македонскиот одбојкарски куп. Џио Струмица е фаворит против Вардар, а Универзитет во Тетово против Шкендија, но спецификата на куп-натпреварувањето е во тоа што изненадувањата се негов составен дел. Оттука, без оглед на околностите, скопските и тетовските црвено-црни не се отпишани, особено што тоа се екипи коишто имаа можност да го почувствуваат задоволството од освојувањето на престижниот пехар.

 

Во првото машко полуфинале во салата „Парк“, второпласираниот тим во првенството, Универзитет во Тетово ќе се сервира против Шкендија која не успеа да влезе меѓу четирите најдобри во Првата лига, но го мина ГОК Борец и ја заработи привилегијата да биде во елитниот квартет во купот. Универзтет оствари 14 победи во шампионатот, противникот 11, но шест од нив беа против екипите во понеквалитетниот натпреварувачки сегмент. Универзитет е во серија од четири лигашки триумфи, Шкендија ги загуби последните два, а не можеше да му парира на локалниот ривал ниту во единствениот меѓусебен дуел сезонава. Во последното коло есеноска, Универзитет во Тетово победи со 3:1, така што и овој параметар е на негова страна. Единствена предност за Шкендија во споредбата може да биде реномето, затоа што Универзитет има едно финале досега, а црвено-црните две. Шкендија го освои куп-пехарот во 2011 совладувајќи го Борец Брако во Скопје со 3:1, а следната сезона повторно беше актер на завршниот натпревар, но не успеа против Џио Струмица.

 

Од тоа финале досега минаа седум, а во нив неприкосновен беше токму составот на Џио Струмица со пет титули, односно вкупно шест во претходните осум години. Не само поради тој факт, туку и поради објективниот квалитет, за очекување е последниот освојувач на двојната круна кај нас да ја заврши работата и во денешното полуфинале против Вардар, кој, пак, е една од двете екипи коишто успеаја да ја прекинат серијата на струмичани. Црвено-црните го кренаа куп-пехарот во 2013 со триумф во финалето во Тетово над тимот на Лирија. Знаејќи дека вардарци се трети во првенството, а ги загубија сите четири меѓусебни средби на коишто заработија само еден сет, Џио Струмица важи за фаворит не само на овој меч, туку и на целиот завршен куп-турнир во салата „Парк“. Амбицијата на репрезентативниот состав на струмичани е седмипат да слават во купот во последните девет години, а доколку успејат, тоа ќе биде четвртипат по ред не сметајќи ја минатата година кога сезоната не заврши поради пандемијата.

 

Полуфиналето меѓу Универзитет во Тетово и Шкендија ќе почне во 16, а второто меѓу Џио Струмица и Вардар од 19 часот. Утре, во истите термини во женска конкуренција, Вардар жени 2019 ќе се сретне со Работнички Скопје, а Струмица жени со Јанта волеј Кисела вода. Финалните натпревари се закажани за в недела од 15 и од 18 часот. Преносите од сите шест куп-пресметки ќе бидат емитувани на МРТ-3.

Ждрепка за завршниот турнир во македонскиот одбојкарски куп, осум желби – два пехара

 

Од петок до недела во салата „Парк“ во Струмица ќе биде одржан завршниот турнир во македонскиот одбојкарски куп. Најдобрите четири екипи во машка и во женска конкуренција ќе се надигруваат за престижниот пехар пред камерите на Македонската радиотелевизија, а денешната ждрепка одреди полуфинале кај одбојкарите во коешто пресметка на фаворитите за трофејот е можна само во финалниот натпревар. Најдобриот тим кај нас во последната деценија, Џио Струмица, ќе игра со третопласираниот состав во Првата лига, Вардар, а Универзитет во Тетово, којшто е на второто место во првенството, за противник го доби локалниот ривал Шкендија. Според квалитетот, како и според досегашните резултати, очекувано финале е Џио Струмица – Универзитет во Тетово, затоа што овие две екипи ги добија сите сезонски мечеви со конкурентите во полуфиналето на купот.

 

Кај дамите во најава се многу поинтересни пресметки. Влез во полуфиналето обезбеди водечкиот квартет во шампионатот, Вардар жени 2019 ќе сервира против Работнички Скопје, а Струмица жени ќе оди на терен против водечката екипа во лигата Јанта волеј Кисела вода. Вардарки и освојувачките на двојната круна од пред две години, одбојкарките на Работнички Скопје, поделија по една победа на двата сезонски лигашки натпревара, а Јанта волеј Кисела вода славеше двапати против Струмица жени, во двата случаја на гостински терен, но за да направи уште еден чекор кон куп-пехарот, треба да оствари хет-трик во меѓусебните соочувања. Струмичанки, се разбира, имаат поинакви амбиции.

 

Како и да е, за очекување е да има многу возбудувања и неизвесни натпревари. Македонската радиотелевизија како медиумски партнер на ОФМ, на каналот МРТ-3 ќе ги пренесува сите шест средби од завршниот турнир.

 

Македонски одбојкарски куп – мажи (полуфинале)

Универзитет во Тетово – Шкендија (петок, 16.00) – МРТ 3
Џио Струмица – Вардар (петок, 19.00) – МРТ 3

Македонски одбојкарски куп – жени (полуфинале)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (сабота, 16.00) – МРТ 3
Струмица жени – ЈВ Кисела вода (сабота, 19.00) – МРТ 3

Македонски одбојкарски куп

Финале жени (недела, 15.00) – МРТ 3
Финале мажи (недела, 18.00) – МРТ 3

Без изненадувања, фаворитите обезбедија полуфинале во купот

 

Реваншите од четвртфиналето во македонскиот одбојкарски куп завршија со очекувани резултати коишто одговараат на квалитетот на екипите сезона, а беа и логично продолжување на епилогот на првите натпревари. Вардар жени 2019, Работнички Скопје и Струмица жени обезбедија настап во елитната четворка, исто како и Џио Струмица, Вардар и Шкендија, коишто му се придружија на Универзитет во Тетово во машкото полуфинале.

 

Од најдобриот квартет во првенството кај дамите, неизвесен е успехот на Јанта волеј Кисела вода во двомечот со Наковски волеј. Петтопласираниот тим во Првата лига го доби дуелот на свој терен со 3:0 во сетови, а доколку вечерва во Скопје освои барем еден, ќе го заработи билетот за полуфинале. За да биде во него, составот на Јанта волеј Кисела вода, којшто во шампионатот загуби само еден од десет натпревари, треба да победи со 3:0, а потоа и да го добие таканаречениот „златен сет“ до 15 поени.

 

Во машка конкуренција, во единствениот двомеч што понуди неизвесност, Шкендија го елиминираше ГОК Борец откако славеше и на вчерашниот реванш во Велес со 3:0, но со тесен резултат во сетовите. Претходно, тетовскиот тим дома триумфираше со 3:2, па прашањето за тоа кој ќе оди во наредната рунда беше отворено во текот на целата вчерашна средба. Џио Струмица и Вардар само го потврдија пласманот затоа што се радуваа против Лирија, односно против Штип УГД Штип и во возвратните натпревари, а Универзитет во Тетово ја прескокна Весна Пробиштип уште минатата недела.

 

Според правилата за натпреварување, полуфиналето треба да се игра исто така со два натпревара, но постои можност за одлука да биде организиран завршен турнир во двете конкуренции, со што би се овозможила поголема неизвесност во трката за престижниот пехар. Негови последни освојувачи во 2019 беа Џио Струмица и Работнички Скопје, а лани сезоната не заврши поради здравствените околности, па немаше доделување пехари.

 

Покрај натпреварите во купот, работниот дел од неделата одбојкарките на Македонија Макс и на Ускана го искористија за да го одиграат меѓусебниот натпревар од четвртото коло во Втората фаза-2, којшто беше одложен поради временските услови минатиот викенд. Поуспешна беше струмичката екипа со 3:0, на тој начин забележувајќи ја втората првенствена победа сезонава, за шесто место во Втората фаза-2. Ускана има биланс 4-6 и е четвртопласирана, што одговара на 10. место во конечното рангирање на крајот на 2020/21.

 

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, реванши)

Вардар жени 2019* – Универзитет во Тетово 3:0 (25:10, 25:14, 25:14)
Работнички Скопје* – Пелистер волеј 3:1 (25:16, 25:17, 23:25, 25:15)
Струмица жени* – Јанта волеј Форца 3:0 (25:12, 25:17, 25:19)
Јанта волеј Кисела вода – Наковски волеј (денеска, 20.00)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0:3 (19:25, 15:25, 12:25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 3:0 (25:23, 25:19, 26:16)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0:3 (13:25, 19:25, 19:25)
Јанта волеј Форца – Струмица жени 1:3 (18:25, 9:25, 26:24, 13:25)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (4.коло)

Македонија Макс – Ускана 3:0 (25:22, 25:16, 25:18)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-мажи, реванши)

Џио Струмица* – Лирија 3:1 (25:17, 26:24, 22:25, 25:17)
Вардар* – Штип УГД Штип 3:1 (25:7, 22:25, 25:21, 25:21)
ГОК Борец – Шкендија* 0:3 (22:25, 21:23, 23:25)
Универзитет во Тетово* – Весна Пробиштип 3:0 (25:7, 25:17, 25:15)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-мажи, први натпревари)

Лирија – Џио Струмица 0:3 (16:25, 14:25, 17:25)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово 0:3 (18:25, 12:25, 12:25)
Шкендија – ГОК Борец 3:2 (17:25, 25:21, 25:18, 24:26, 15:9)
Штип УГД Штип – Вардар 0:3 (19:25, 13:25, 24:26)

Дилемите за полуфиналето на купот ќе се решаваат во Кисела вода и во Велес

 

Резултатите од првите четвртфинални натпревари во македонскиот одбојкарски куп оставија само две дилеми во врска со учесниците во елитната четворка во двете конкуренции. Кај дамите, Јанта волеј Кисела вода и Наковски волеј ќе ја продолжат битката во Скопје откако на првиот дуел струмичките одбојкарки славеа со 3:0. Доколку второпласираниот тим во првенството забележи идентична победа, тогаш ќе биде одигран „златен сет“ до 15 поени, а поуспешниот ќе оди едно скалило погоре во желбата да го освои престижниот трофеј. Поради гостинските триумфи на првите средби, а секако и знаејќи каква е разликата во квалитетот, Вардар жени 2019, Работнички Скопје и Струмица жени само формално треба да го потврдат пласманот во полуфиналето. По првиот сезонски пораз викендов во Првата лига, вардарки ќе го пречекаат Универзитет во Тетово, освојувачот на куп-титулата од 2019, Работнички Скопје, ќе се сретне со Пелистер волеј, а Струмица жени ќе сервира против Јанта волеј Форца.

 

Во машкиот сегмент, Џио Струмица и Вардар во реваншите со Лирија, односно со Штип УГД Штип ќе влезат со играчка и со резултатска предност којашто сугерира влез во полуфиналето, во коешто е веќе Универзитет во Тетово. Второпласираниот состав во шампионатот минатата недела двапати се радуваше на теренот на Весна Пробиштип и ја заврши работата според очекувањата, па неизвесност нуди единствено четвртфиналниот реванш меѓу ГОК Борец и Шкендија. На првото соочување тетовските одбојкари славеа во пет сета, а тоа сугерира дека велешкиот натпревар и конечниот резултат од овој двомеч се отворени прашања.

 

Во понудата за работниот дел од неделата ќе влезе и натпреварот меѓу Македонија Макс и Ускана од четвртото коло во Втората фаза-2 во Првата лига. Поради временските околности не беше одигран во првичниот термин минатиот викенд. Струмичките одбојкарки утре ќе играат за втората, а кичевските за петтата првенствена победа.

 

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, реванши)

Вардар жени 2019 – Универзитет во Тетово (среда, 19.30)
Работнички Скопје – Пелистер волеј (среда, 20.00)
Струмица жени – Јанта волеј Форца (среда, 18.00)
Јанта волеј Кисела вода – Наковски волеј (четврток, 20.00)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0:3 (19:25, 15:25, 12:25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 3:0 (25:23, 25:19, 26:16)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0:3 (13:25, 19:25, 19:25)
Јанта волеј Форца – Струмица жени 1:3 (18:25, 9:25, 26:24, 13:25)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, (4.коло)

Македонија Макс – Ускана (среда, 20.00)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-мажи, реванши)

Џио Струмица – Лирија (среда, 17.00)
Вардар – Штип УГД Штип (среда, 19.00)
ГОК Борец – Шкендија (среда, 19.30)
Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип 3:0 (25:7, 25:17, 25:15)

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-мажи, први натпревари)

Лирија – Џио Струмица 0:3 (16:25, 14:25, 17:25)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово 0:3 (18:25, 12:25, 12:25)
Шкендија – ГОК Борец 3:2 (17:25, 25:21, 25:18, 24:26, 15:9)
Штип УГД Штип – Вардар 0:3 (19:25, 13:25, 24:26)

Одбојкарите на Универзитет во Тетово се први полуфиналисти во купот

 

Шкендија и ГОК Борец го одиграа најнеизвесниот натпревар, Наковски волеј оствари убедлива победа над второпласираниот сосотав во првенството, а другите резултати беа според очекувањата во првата половина од четвртфиналето на македонскиот одбојкарски куп. Машкиот тим на Универзитет во Тетово веќе обезбеди пласман меѓу четирите најдобри откако двапати го совлада тимот на Весна Пробиштип без да загуби сет. Според меѓусебниот договор, двата меча беа одиграни во ист ден на теренот на пробиштипјани, па тетовци експресно ја завршија работата. Џио Струмица оствари гостинска победа со 3:0 кај Лирија, но влезот во полуфиналето треба да го потврди во реваншот за седум дена пред своја публика, а интересно ќе биде во Велес на дуелот меѓу ГОК Борец и Шкендија. Во првото четвртфинално соочување, Шкендија славеше со 3:2 на домашен терен, но резултатот покажува дека велешани можат да се надеваат дека ќе бидат во елитниот квартет, како што го стоија тоа и во Првата лига.

 

Кај дамите, сите досега одиграни три натпревари од четвртфиналето завршија во три сета. Водечката екипа во шампионатот, Вардар жени 2019, славеше кај Универзитет во Тетово, а третопласираниот Работнички Скопје ја потврди фаворитската улога во Битола против Пелистер волеј. Наковски волеј, пак, со ист резултат го доби одмерувањето на силите со Јанта волеј Кисела вода, по што на реваншот во Скопје, на второпласираниот тим во првенството му е потребна победа во три сета доколку сака да се избори за решавачки „златен сет“ до 15 поени за учество во полуфиналето. За да се најдат во него, на струмичките одбојкарки ќе им биде потребен само еден сет на гостувањето во Кисела вода. Првиот чин од четвртфиналниот двомеч екипите на Јанта волеј Форца и на Струмица жени ќе го одиграат денеска во Скопје, а во машка конкуренција, Штип УГД Штип и Вардар се договорија да го закажат воведниот меѓусебен натпревар в сабота.

 

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0:3 (19:25, 15:25, 12:25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 3:0 (25:23, 25:19, 26:16)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0:3 (13:25, 19:25, 19:25)
Јанта волеј Форца – Струмица жени (денеска, 20.00)

 

Македонски одбојкарски куп (1/8-финале-мажи, први натпревари)

Лирија – Џио Струмица 0:3 (16:25, 14:25, 17:25)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово 0:3 (18:25, 12:25, 12:25)
Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип 3:0 (25:7, 25:17, 25:15)
Шкендија – ГОК Борец 3:2 (17:25, 25:21, 25:18, 24:26, 15:9)
Штип УГД Штип – Вардар (сабота)

Наковски волеј и Шкендија ќе се обидат да ги урнат прогнозите во четвртфиналето на купот

 

Составен дел на фрекфентниот одбојкарски февруари се и четвртфиналните натпрервари од купот. Во претходната рунда немаше изненадувања, а и во фазата на најдобрите осум во двете конкуренции не се очекуваат големи резултатски потреси. Најголема незивесност кај дамите, а и воопшто, би можел да понуди двомечот меѓу поранешниот куп-финалист Наковски волеј и поранешниот македонски шампион Јанта волеј Кисела вода. Според досегашните настапи во првенството, скопскиот состав важи за фаворит затоа што има осум, наспроти четири победи на ривалот.

 

Во другите соочувања јасна е дистинкцијата на квалитативна основа којашто досега беше потврдена преку натпреварите во првенството. Вардар жени 2019, кој нема пораз сезонава, денеска ќе гостува кај Универзитет во Тетово, додека, пак, последниот освојувач на пехарот, Работнички Скопје, ќе истрча на теренот на Пелистер волеј. Четвртопласираниот тим во лигата, Струмица жени, прашањето за пласман во полуфиналето ќе се обиде да го реши уште на денешниот дуел кај Јанта волеј Форца.

 

Со оглед на правилата во ждрепката за одредување на двојките, дерби-натпревар нема ниту во машкото четвртфинале. Најуспешната екипа во последната деценија кај нас, Џио Струмица, во првиот натпревар од оваа етапа ќе игра со Лирија на гости, но каков и да биде резултатот, за формално потврден пласман ќе се чека на реваншот во салата „Парк“. Тоа не е случај со двомечот меѓу Весна Пробиштип и Универзитет во Тетово, затоа што екипите се договорија двата натпревара да ги одиграат во Пробиштип, па поуспешниот уште денеска ќе го потврди учеството во полуфиналето. Знаејќи го односот на силите, во него би требало да бидат и Вардар, кој в сабота ќе патува за пресметка со Штип УГД Штип, а најголема неизвесност ќе понуди одмерувањето на силите меѓу Шкендија и ГОК Борец. Велешани го совладаа противникот во лигата на гости со 3:0, успеаја да обезбедат влез во елитниот сегмент, па Шкендија ќе биде мотивирана да го возврати ударот и да обезбеди активен резултат за реваншот во Велес.

 

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 (денеска, 18.00)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода (денеска, 18.00)
Пелистер волеј – Работнички Скопје (денеска, 18.30)
Јанта волеј Форца – Струмица жени (утре, 20.00)

 

Македонски одбојкарски куп (1/8-финале-мажи, први натпревари)

Лирија – Џио Струмица (денеска, 19.30)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово (денеска, 18.30)
Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип (денеска, 20.30)
Шкендија – ГОК Борец (денеска, 20.00)
Штип УГД Штип – Вардар (сабота)