Category: Куп на ОФМ

Одбојкарски куп на Македонија – финале

 

Џио Струмица и Работнички Скопје ги освоија куп-пехарите

 

ФИНАЛЕ МАЖИ:

Џио Струмица – Универзитет во Тетово 3:0 (25:18, 27:25, 25:17)

Џио Струмица: Стојан Илиев, Горан Грчев, Ефтим Ричлиев, Васе Михаилов, Мартин Алексов, Ефтим Сашо Ричлиев, Александар Ричлиев, Петре Ѓорѓев, Славе Наков, Бојан Стојанов, Дејвид Ѓорѓиев, Марјан Урдов, Ристо Ниолов, Јане Попов. Тренер: Кирил Ричлиев

Универзитет во Тетово: Мујад Ибиши, Фљакрон Гафури, Предраг Ѓорковски, Наим Абази, Сашко Ивковиќ, Тарик Иљази, Флаурент Исљами, Јавор Генов, Кристијан Димитриевски, Дејан Симовски, Хамза Весели, Зоран Ѓорѓески, Арсение Мутапчија. Тренер: Јовица Симовски

Одбојкарите на Џио Струмица го освоија 12-от пехар во клупските витрини откако во 26-тото финале на Одбојкарскиот куп на Македонија го совладаа Универзитет во Тетово со 3:0. Со исклучок на вториот сет во којшто тетовци одбранија пет сет-топки, во текот на целиот натпревар во салата „Парк“, струмичката екипа доминираше и имаше целосна контрола. Поради повредата, примачот на Универзитет во Тетово Јавор Генов не можеше да даде целосен придонес во играта, па неговиот состав не можеше да го спречи четвртиот пораз во меѓусебните средби сезонава. Џио Струмица имаше повеќе поени од напад, подобар блок и помалку грешки, така што трета сезона по ред, а вкупно шеста во последните осум, Џио Струмица го освои пехарот во купот. Најдобриот тим кај нас во последната деценија во разигрувањето од првенството ќе се обиде да стигне до шестата двојна круна.

 

ФИНАЛЕ ЖЕНИ:

Наковски волеј – Работнички Скопје 1:3 (18:25, 21:25, 25:16, 17:25)

Наковски волеј: Танкица Баџакова, Љубица Белмезова, Марица Пакетова, Тинка Недева, Сара Делчева, Ана Фасулева, Ива Стојанова, Павлинка Димитриева, Мила Кирова, Даниела Велинска, Анастасија Зимбакова, Софија Недева, Добрина Хаџитосева. Тренер: Хари Наковски

Работнички Скопје: Матеа Каралиева, Антонија Баталаковска, Емилија Ивановска, Александра Алексовска, Ирма Ѓурѓевиќ, Мартина Николова, Тамара Стојанова, Ивана Јачева, Тамара Тасевска, Ерјона Јонузи, Христина Ристовска, Милица Петовиќ, Анастасија Јакимовска, Милена Касоска. Тренер: Глигор Христов

Во женското финале, Работнички Скопје славеше над Наковски волеј со 3:1, користејќи го поголемото искуство на одбојкарките коишто освоија 21 поен со асови. На база на подобар сервис и на поефикасен напад, скопскиот тим ги освои првите два сета и најави дека четвртипат сезонава ќе слави во меѓусебните соочувања со ривалките. Наковски волеј се врати во игра во третиот сет, но во четвртиот премногу лесно дозволуваше противникот да влегува во серија поени и да се израдува на трофејот. Наковски волеј ќе има шанси за реванш во полуфиналната низа од првенството којашто ќе почне на осми мај, а ќе се игра до две победи. Рабитнички Скопје во неа ќе ја има предноста на домашниот терен.

 

Пехарите и медалите на финалниот ден во салата „Парк“ ги предадоа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, претседавачот на советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, како и челниците на Одбојкарската федерација на Македонија, претседателот Петар Jовановски и потпретседателот Ивица Хаџииљоски Чајка.

1

Image 1 of 6

1a

Image 1 of 19

Одбојкарски куп на Македонија 2018/2019 – финални натпревари

 

Ден за распределба на првите пехари во сениорска конкуренција сезонава

 

Џио Струмица ќе го брани тронот против Универзитет во Тетово во машкото, а Наковски волеј ќе игра со Работнички Скопје во женското финале на Одбојкарскиот куп на Македонија за сезоната 2018/2019. Двата натпревара се закажани на 30.04.2019. во салата „Парк“, што значи дека Џио Струмица и Наковски волеј ќе ја имаат предноста на домашниот терен. Но за разлика од струмичките одбојкари, коишто го освоија куп-пехарот петпати во последните седум години, сите други екипи се надеваат на првиот трофеј во клупските витрини. Собранискиот сервис на МРТ ќе ја пренесува двојната програма, нешто пред 17 часот и 30 минути е женското финале меѓу Наковски волеј и Работнички Скопје, а веднаш потоа и машкото меѓу Џио Струмица и Универзитет во Тетово

 

Ако се суди според резултатите во сезоната и според реномето градено врз база на освоените трофеи, Џио Струмица треба да биде апсолутен фаворит во машкото куп-финале против Универзитет во Тетово. Во последните седум години, струмичани само двапати дозволија да им побегне пехарот во одбојкарскиот куп, во 2013-та кога се радуваше Вардар и во 2016-та кога најуспешна беше Шутова. Доколку на оваа доминација се спомене податокот дека во истиот период Џио Струмица има и пет првенствени пехари, сезонава е бранител на двојната круна, а во неа загуби само еден натпревар во сите конкуренции, тогаш е јасно од какви позиции ќе влезе во финалето. Универзитет во Тетово го освои второто место во шампионатот иако во пролетниот дел не ги исполни очекувањата со половичниот билaнс 5-5, но кога е веќе на еден меч до тронот, мора да се смета и на неговата шанса да ја оствари амбицијата. Неизвесниот настап на Бугаринот Генов, исто така, е голема предност за Џио Струмица, како и фактот што ќе игра пред своја публика. Во меѓусебните соочувања сезонава, Универзитет во Тетово загуби трипати од ривалот, притоа не освојувајќи ниту сет на два меча.

Ист е билансот во меѓусебните одмерувања на силите и кај финалистките од Наковски волеј и од Работнички Скопје. Екипата од главниот град ги доби трите пресметки во шампионатот, двапати со 3:0 и еднаш со 3:2, а на две од тие три средби играше на гостински терен. Двата тима досега немаат трофеј во купот, па кој и да слави, ќе го прослави најголемиот успех во клупската историја.

Одбојкарски куп на Македонија (финале)

 

И З В Е С Т У В А Њ Е

 

Струмица ќе биде домаќин на финалните натпревари од одбојкарскиот куп на Македонија. На 30-ти април (вторник), во женското финале ќе се надмудруваат Наковски волеј и Работнички Скопје, а во машкото Џио Струмица ќе се обиде да го одбрани куп-пехарот против претендентот Универзитет во Тетово. Двата натпревара ќе бидат одиграни во салата „Парк“, што значи дека Наковски волеј и Џио Струмица ќе ја имаат привилегијата да настапуваат пред домашната струмичка публика.


Финалниот дел од одбојкарскиот куп за сезоната 2019/2019 ќе биде пренесуван на Собранискиот сервис на МРТ. Двојната телевизиска програма ќе почне со женското финале од 17 часот и 30 минути, а ќе продолжи со машкото во 20 часот.

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари (реванши)

 

Џио Струмица направи уште еден чекор кон одбрана на ланската титула

 

Одбојкарите на Џио Струмица се пласираа во финалето на купот со триумф над Шутова со 3:2, во реваншот од фазата на најдобрите четири. Бранителот на двојната круна го доби и првото соочување пред своја публика со 3:1, но местото во наредниот натпреварувачки сегмент не го обезбеди така лесно како што покажува фактот дека во двомечот славеше двапати. Вчера во Кичево, Шутова беше подобра во првите два сета и се закани дека со триумф со 3:0 може да обезбеди финале. Откако Џио Струмица намали на 2:1, за кичевските црвено-црни остана опцијата да триумфираат со 3:1 и со тоа да се изборат за „златен“ сет до 15 поени. Сепак, актуелниот првак израмни на 2:2, го освои потребниот втор сет и со тоа ја осигрура визата за влез во финалето. Иако немаше значење во поглед на пласманот, водечкиот тим во првенството беше поуспешен и во петтиот решавачки сет, па со две победи го елиминираше големиот ривал, којшто сезонава славеше на една од вкупно пет меѓусебни пресметки.

За пехарот во купот за сезоната 2018/2019, Џио Струмица ќе игра со Универзитет во Тетово кој во полуфиналето двапати го совлада Вардар. Терминот и местото на одигрување на финалето во купот ќе бидат дополнително одредени, но ќе продолжи практиката во еден ден да бидат одиграни завршните натпревари во двете конкуренции. Кај дамите, за куп-титулата ќе се надмудруваат Работнички Скопје и Наковски волеј.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – РЕВАНШИ:

Шутова – Џио Струмица 2:3 (25:23, 26:24, 17:25, 22:25, 17:19)


Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:21, 16:25, 25:20, 25:20)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)


Џио Струмица – Шутова 3:1 (25:21, 25:21, 26:28, 25:13)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – РЕВАНШИ:

Работнички Скопје – Работнички Жени 3:1 (25:23, 25:27, 25:21, 25:16), златен сет (15:12)


Наковски волеј – Пелистер волеј 3:0 (25:17, 25:13, 25:19)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Работнички Жени – Работнички Скопје 3:1 (29:27, 25:20, 19:25, 25:13)


Пелистер волеј – Наковски волеј 0:3 (16:25, 17:25, 16:25)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари (реванши)

 

За пехарот ќе играат Работнички Скопје и Наковски волеј

 

Одбојкарките на Работнички Скопје го совладаа големиот ривал Работнички Жени во полуфиналето на одбојкарскиот куп на Македонија. Решаваше „златен“ сет, а тоа ислустрира колку беше возбудливо во реваншот во малата сала на арената „Борис Трајковски“. Работнички Скопје победи со 3:1 што беше идентичен резултат како на првиот натпревар, па според правилата, со оглед дека сет-количникот беше изедначен, „златниот“ сет одлучи за вкупниот победик, а во него поуспешна беше екипата на Работнички Скопје. Иако во меѓусебните пресметки сезонава има позитивен биланс 3-2, тимот на Работнички Жени, кој е водечки во првенството, ја загуби можноста за двојна круна и ќе се насочи кон потврда на првата позиција пред почетокот на лигашкото разигрување, како добра база за освојување на шампионскиот трон. А оној од купот ќе оди кај Работнички Скопје или кај Наковски волеј! Струмичкиот состав го оствари најголемиот успех во релативно кратката клупска историја откако го елиминираше Пелистер волеј со два триумфа со по 3:0 во полуфиналниот двомеч, на првиот натпрвар во Битола и вчера пред своја публика. За Наковски волеј тоа беше петта победа во петтиот дуел со Пелистер волеј сезонава.

Кај мажите, Шутова денеска ќе го пречека бранителот на ланската двојна круна, Џио Струмица, во реваншот од полуфиналето во купот. На првото соочување во салата „Парк“, струмичани се радуваа со 3:1, што за нив беше трет успех во четирите меѓусебни средби сезонава. Прв финалист е Универзитет во Тетово, кој во фазата на најдбрите четири двапати го совлада Вардар.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – РЕВАНШИ:

Шутова – Џио Струмица (денеска, 19:30)


Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:21, 16:25, 25:20, 25:20)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – ПРВИ НАТПРЕВAРИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)

Џио Струмица – Шутова 3:1 (25:21, 25:21, 26:28, 25:13)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – РЕВАНШИ:

Работнички Скопје – Работнички Жени 3:1 (25:23, 25:27, 25:21, 25:16), златен сет (15:12)


Наковски волеј – Пелистер волеј 3:0 (25:17, 25:13, 25.19)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Работнички Жени – Работнички Скопје 3:1 (29:27, 25:20, 19:25, 25:13)


Пелистер волеј – Наковски волеј 0:3 (16:25, 17:25, 16:25)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари (реванши)

 

Шутова ја демне круната на Џио Струмица, ново дерби на Работнички Скопје и на Работнички Жени

 

Одбојкарската сезона е во завршна фаза во двете конкуренции. Откако го елиминираше Вардар, Универзитет во Тетово го очекува противникот во финалето на купот, а во него ќе биде поуспешниот од двомечот меѓу Џио Струмица и Шутова. Првиот натпревар во салата „Парк“ му припадна на бранителот на ланската титула со 3:1, а реваншот е во Кичево в четврток. На досегашните четири пресметки сезонава, Џио Струмица оствари три победи, покрај онаа во купот, славеше и на две од трите лигашки соочувања. Но во пролетниот дуел загуби со 3:0 на теренот на македонскиот шампион од 2016-та, а тоа е резултат што би ги однел кичевските црвено-црни во финалето. Токму поради тој резултат, како и поради предноста на домашениот терен на Шутова, дуелот е се уште отворен. Доколку Шутова се радува со 3:1 како што беше во Струмица, ќе биде одигран дополнителен, „златен“, сет до 15 поени, на два разлика.

Неизвесно би требало да биде и во полуфиналниот реванш од купот кај дамите меѓу двете најдобри екипи сезонава. Работнички Скопје пред своја публика утре ќе се обиде да ја надополни предноста на Работнички Жени од 3:1 од првата средба. Ова ќе биде петти натпревар на водечките состави од првенството, а на досегашните четири, лидерот на табелата, Работнички Жени, впиша три победи. Сите три беа на домашен терен со идентичен резултат 3:1, но единствениот триумф во меѓусебните одмерувања на силите Работнички Скопје го забележа во својата сала со 3:0, а тоа е епилог којшто утре би значел пласман во финалето.

За разлика од скопската, формален ќе биде возвратниот меч од полуфиналната куп-пресметка на Наковски волеј и на Пелистер волеј, со оглед дека струмичките одбојкарки победија со 3:0 на гостувањето во Битола, а претходно ги добија и трите лигашки средби, со само два загубени сета.

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – РЕВАНШИ:

Шутова – Џио Струмица (четврток, 19:30)


Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:21, 16:25, 25:20, 25:20)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – ПРВИ НАТПРЕВAРИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)


Џио Струмица – Шутова 3:1 (25:21, 25:21, 26:28, 25:13)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – РЕВАНШИ:

Работнички Скопје – Работнички Жени (утре, 16:30)


Наковски волеј – Пелистер волеј (утре, 20:00)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Работнички Жени – Работнички Скопје 3:1 (29:27, 25:20, 19:25, 25:13)


Пелистер волеј – Наковски волеј 0:3 (16:25, 17:25, 16:25)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари

 

Победа на бранителот на тронот, финале за Универзитет во Тетово, реализирана цел на Наковски волеј

 

Универзитет во Тетово ја испиша најсветлата страница во клупската историја со пласманот во финалето на нашиот одбојкарски куп. Во реваншот против Вардар, тетовци триумфираа со 3:1 и не дозволија противникот да се надева на пресврт откако загуби со 3:2 на домашен терен во првиот натпревар од полуфиналето. Ваквиот епилог можеби беше за очекување, ако се знае дека во Втората фаза-1 од првенството, скопските црвено-црни не се на потребното ниво и се уште немаат победа над тимовите коишто се во најдобрата четворка, а згора на тоа, на гостувањата под Шара, претходно претрпеа два пораза со само еден освоен сет. Вчерашниот за вардарци беше трет пораз во натпреварите со Универзитет во Тетово на туѓ терен.

Домашната поддршка досега се покажа клучна и во пресметките на Џио Струмица и на Шутова. Бранителот на ланската куп-титула и на двојната круна воопшто, вчера во својата сала се радуваше со 3:1 во првата половина од двомечот во годинашното полуфинале од купот. Тоа е активен резултат за двете екипи, па реваншот ќе биде исклучително интересен. Шутова го доби натпреварот во Кичево пролетва со Џио Струмица со 3:0, така што победата на лидерот во првенството вчера не мора да значи сигурен пласман во финалето. Впрочем, досегашниот биланс од меѓусебните дуели на актуелниот првак и на шампионот од 2016-та е во полза на Џио Струмица, која пролетва ги доби двете домашни средби со 3:1, но на единствената во Кичево делуваше непрепознатливо. Уште еден таков резултат ќе значи пласман на Шутова во финалето на купот.

Во женска конкуренција, нема да има неизвесност на двомечот меѓу Наковски волеј и Пелистер волеј. Струмичкиот состав вчера славеше убедливо со 3:0 на гостувањето во Битола во првиот натпревар од полуфиналето на купот, па реваншот ќе биде формалност од сите аспекти. Поради резултатот, квалитетот на екипите, формата во оваа фаза од сезоната, како и поради меѓусебните пресметки, јасно е дека Наковски волеј првпат во кратката клупска историја ќе игра финале во купот. Единствената опција за идентичен успех на Пелистер волеј е победа во реваншот со 3:0, а потоа и освојување на „златниот“ сет до 15 поени, но тоа е само теорија. Практиката вели дека Наковски волеј сезонава ги доби сите четири средби со Пелистер волеј, кој не успеа да триумфира ниту еднаш во Втората фаза-1 од лигата.

И другиот двомеч од полуфиналето ќе има епилог на 17-ти април кога Работнички Жени пред своја публика ќе ја брани предноста од 3:1 во дербито со Работнички Скопје, остварена на гостински терен пред осум дена.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – РЕВАНШИ:

Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:21, 16:25, 25:20, 25:20)

Шутова – Џио Струмица (17.април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – ПРВИ НАТПРЕВAРИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)

Џио Струмица – Шутова 3:1 (25:21, 25:21, 26:28, 25:13)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – РЕВАНШИ: 

Работнички Жени – Работнички Скопје (17.април) 

Наковски волеј – Пелистер волеј (17.април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Работнички Скопје – Работнички Жени 1:3 (27:29, 20:25, 25:19, 13:25)

Пелистер волеј – Наковски волеј 0:3 (16:25, 17:25, 16:25)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари

 

Универзитет во Тетово и Вардар први ќе ја отворат вратата за влез во финалето

 

Универзитет во Тетово е во поволна позиција пред утрешниот реванш од полуфиналето во купот против Вардар затоа што на првиот натпревар како гостин победи со 3:2. Ако се има предвид дека сезонава во Првата лига скопските црвено-црни претрпеа два пораза на гостувањата во Тетово, а притоа освоија само еден сет, тогаш јасно е дека нивната задача ќе биде тешка. Фактот што во Втората фаза-1 од првенството Вардар нема триумф над екипите коишто се учесници во полуфиналето од купот, а ќе бидат дел и од етапата на надобрите четири во шампионатот, зборува дека Универзитет е блиску до пласман во мечот за куп-пехарот. Ланскиот е во витрините на Џио Струмица, која сезонава претрпе само еден пораз и тоа токму од ривалот во полуфиналето, тимот на Шутова, па затоа се очекува неизвесен и исклучително интересен двобој. Првата половина од двомечот е утре во салата „Парк“ во Струмица, а реваншот во Кичево. Во пролетната фаза од првенството којашто е погодна за споредби и за прогнози, двете екипи го искористија домашниот терен во меѓусебните дуели. Џио Струмица победи со 3:1 во својата сала, а Шутова со 3:0 пред кичевската публика.

Кај дамите, Пелистер волеј и Наковски волеј утре ќе го одиграат првиот натпревар од полуфиналето од купот. Струмичката екипа е фаворит затоа што сезонава има подобри лигашки резултати, но и подобар ефект во меѓусебните пресметки со битолчанки. Со 13 победи, Наковски волеј е третопласиран во првенството, а Пелистер волеј е во исклучително лоша форма и забележа само шест победи, сите во есенскиот дел од Првата лига. Зелено-белите ги загубија осумте досегашни средби во Втората фаза-1 од шампионатот, вклучувајќи ги и двете против Наковски волеј со 3:1 дома и со 3:0 на гости. Наковски волеј беше подобар и во есенскиот дел со 3:1 на теренот на противникот што значи дека сезонава двапати славеше во Битола. Ако ја потврди фаворитската улога во двомечот, струмичкиот клуб со кратка историја ќе обезбеди прво финале. Натпревар за трофеј во купот или во првенството, сеедно, досега нема ниту Пелистер волеј, кој испиша историја и со учеството во оваа куп-фаза. Другиот двомеч од полуфиналето ќе има епилог на 17-ти април, кога Работнички Жени на свој терен ќе ја брани предноста од 3:1 во дербито со Работнички Скопје, остварена на гостински терен минатата среда.

Според правилата за натпреварување, доколку резултатот во победи и сет-количникот е идентичен, за пласман во финалето ќе решава „златен“ сет којшто ќе се игра до 15 поени, со разлика од најмалку два поена.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ):



Универзитет во Тетово – Вардар (реванш, утре 19.00) – прв натпревар 3:2 (25:22, 25:21, 17:25, 23:25, 15:12)
Џио Струмица – Шутова (прв натпревар – утре, 19.00)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ):


Работнички Жени – Работнички Скопје (реванш на 17.април) – прв натпревар 3:1 (29:27, 25:20, 19:25, 25:13)
Пелистер волеј – Наковски волеј (прв натпревар – утре, 19.30)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинале (први натпревари)

 

Гостинските победи се голем чекор кон финалето за Универзитет во Тетово и за Работнички – Жени

 

Одбојкарите на Универзитет во Тетово третпат сезонава го совладаа Вардар во меѓусебните дуели, но овој пат во полуфиналето од купот, на гостински терен во Скопје со 3:2. Моќниот напад во првите два сета на тетовци им овозможи предност од 2:0, по што ланскиот вицешампион се консолидира и со седум блока во третиот и три грешки помалку во четвртиот сет, успеа да израмни на 2:2. Сепак, во тај-брејкот, Универзитет во Тетово одигра посмирено и се доближи до првото финале во клупската историја. Реваншот е на 10-ти април под Шара каде што сезонава во лигашките натпревари Вардар претрпе два пораза, притоа освојувајќи само еден сет. Во другото полуфинале за сезоната 2018/2019, чијшто прв натпревар е закажан за 10-ти април, бранителот на ланската двојна круна, Џио Струмица, ќе игра со Шутова.

Во женска конкуренција, екипата на Работнички – Жени е во уште подобра позиција отколку Универзитет во Тетово, затоа што во првата пресметка од полуфиналето во купот славеше на гости кај големиот ривал Работнички – Скопје со 3:1. Текот на натпреварот го одреди првиот, маратонски сет, којшто содржеше 56 поени. По него, лидерот во првенството имаше целосна контрола и на крајот третпат сезонава успеа да победи против Работнички – Скопје со резултат 3:1, но првпат на теренот на противникот. Иако се уште се можни сите резултатски опции, составот на Работнички – Жени е блиску до настап во финалето, на коешто се надеваат и Наковски волеј и Пелистер волеј. Нивното прво соочување од двомечот е закажано за 10-ти април, а кој и да победи, првпат ќе игра во финале на купот.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ПРВИ НАТПРЕВАРИ) – МАЖИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)

Џио Струмица – Шутова (10 април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ПРВИ НАТПРЕВАРИ) – ЖЕНИ

Работнички Скопје – Работнички Жени 1:3 (27:29, 20:25, 25:19, 13:25)

Пелистер волеј – Наковски волеј (10 април)

Одбојкарски куп на Македонија – полуфинале (први натпревари)

 

Вардар по прв триумф над Универзитет во Тетово, Работнички – Скопје посакува израмнет ефект против Работнички – Жени

 

Во полуфиналето на машкиот одбојкарски куп на Македонија нема фаворити затоа што играат најдобрите четири екипи од шампионатот. Вардар денеска ќе го пречека Универзитет во Тетово со надеж да обезбеди предност пред реваншот на теренот на противникот, а со тоа да ги зголеми шансите за пласман во финалето. Во лигашкиот сегмент сезонава, тетовци беа поуспешни во двете соочувања, на првото есеноска славеа со 3:1, а пролетва во Втората фаза-1 победија во три сета. Тие два натпревара беа одиграни во Тетово, па денешниот во купот е прв на којшто домаќин ќе биде Вардар. Со оглед дека Универзитет во Тетово е втор, а црвено-црните се трети во шампионатот, нивната куп-пресметка може да биде најава за полуфинална серија и во Првата лига. Во другото полуфинале, чијшто прв натпревар е закажан за 10-ти април, бранителот на ланската двојна круна, Џио Струмица, ќе игра со Шутова.

Кај дамите, уште отсега е познато дека двата најдобри тима сезоната нема да се сретнат во завршниот дуел од купот, затоа што ждрепката реши тие да ги одмерат силите во полуфиналето. На првото соочување денеска, Работнички – Скопје ќе игра на домешен терен и ќе се обиде да го повтори успехот од петокот кога ја искористи предноста на својата сала и се радуваше во првенството со 3:0. Претходно, Работнички – Жени беше поуспешен во двата домашни меча со идентичен резултат 3:1. Работнички – Жени има само еден пораз сезонава, а Работнички – Скопје два, но во дуелите со градскиот ривал, така што и тој податок зборува за нивната тесна трка за двата трофеја сезонава. Тоа што вкрстија во полуфиналето на купот им дава шанса на Наковски волеј и на Пелистер волеј да одат натпреварувачка фаза подалеку, односно во финалето коешто ќе биде во мај. Струмичанки се фаворитки во овој двомеч којшто ќе почне наредната среда.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ПРВИ НАТПРЕВАРИ) – МАЖИ

Вардар – Универзитет во Тетово (денеска, 17.15)

Џио Струмица – Шутова (10 април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ПРВИ НАТПРЕВАРИ) – ЖЕНИ

Работнички Жени – Работнички Скопје (денеска, 20.30)

Пелистер волеј – Наковски волеј (10 април)