Category: Репрезентации

Кадетките завршија осми на Балканијадата во Лукавац

 

За крај, уште пораз од Црна Гора

 

Македонската женска кадетска репрезентација денеска загуби од Црна Гора со 3:0 (25:20, 25:21, 25:18) и го освои осмото место на Балканското првенство за одбојкарки родени на и по 01.01.2002. На турнирот во Лукавац, Босна и Херцеговина, црвено-црните почнаа со победа над Албанија, а потоа ги загубија натпреварите во групата од домашната селекција и од Бугарија. На тој начин, се најдоа во сегментот за разигрување од петтото до десеттото место, но двапати претрпеа пораз од Црногорките, по што ја зазедоа осмата позиција во конечното рангирање. Нивниот вкупен биланс во Лукавац беше една победа и четири порази.

Трет пораз во низа за нашите кадетки

 

Не успеавме и против Црна Гора

 

Македонските кадетки загубија од Црна Гора со 3:0 (25:10, 25:8, 25:19) и во зависност од другите денешни резултати, ќе играат за пласман од седмо до десетто место на Балканското првенство во Лукавац. Тешкиот натпревар против Бугарија вчера и раниот денешен термин, придонесоа нашата репрезентација да нема сили да игра на ниво против Црногорките. Се истакна единствено Сара Серафимова иако шанса добија сите.

 

На Балканијадата во БиХ на којашто учествуваат одбојкарки родени на и по 01.01.2002, македонскиот национален состав во првиот натпревар ја совлада Албанија, а потоа загуби од домашната селекција, од Бугарија и денеска од Црна Гора.

И покрај солидното издание, кадетките загубија од Бугарија

 

Нашите девојки остварија една победа и два пораза во групната фаза на Балканијадата

 

Откако ја совладаа Албанија со 3:0 и загубија на ист начин од Босна и Херцеговина, македонските кадетски одбојкарски репрезентативки денеска претрпеа пораз од Бугарија со 3:0 (25:17, 25:17, 25:7) во третото, последно коло од групата „А“ на Балканијадата во Лукавац. За разлика од вчерашниот дуел со домаќинот на турнирот, нашите девојки денеска одиграа два квалитетни сета против фаворизираниот противник, а потоа немаа сили за да парираат во третиот сет.

 

„Игравме пожртвувано, без преголем респект кон Бугарките кои сигурно се во најтесниот круг за освојување на златнот медал. Штета што немавме сили да одиграме на исто ниво до крај, но и без тоа, добивме честитки за денешниот настап“, рече координаторката за женска одбојка Емилија Терзиевска.

 

Македонските кадетки го освоија третото место во групата, така што немаат можност да бидат полуфиналистки, а утре и в сабота ќе разигруваат за пласман од петтото до десеттото место.

Прв пораз на кадетките во Лукавац

 

Нашите одбојкарки загубија од Босна и Херцеговина со 3:0 (25:20, 25:13, 25:22)

 

Македонската женска кадетска репрезентација претрпе пораз од домаќинот Босна и Херцеговина во второто коло на Балканското првенство во Лукавац. За разлика од вчера кога беа доминантни против Албанија, црвено-жолтите денеска немаа сили да им парираат на противничките. Во утрешното трето, последно коло од групната фаза, нашите девојки ќе се сретнат со Бугарија која досега оствари две победи и е прва на табелата. Македонската репрезентација има биланс 1-1, исто како Босна и Херцеговина, но со оглед на денешниот пораз и на посилниот противник утре, има помали шанси за пласман во полуфиналето.

Победнички почеток на кадетките на Балканското првенство

 

Македонските одбојкарки ја совладаа Албанија со 3:0 (25:9, 25:15, 25:16)

 

Со голема доминација во играта, македонските кадетски одбојкарски репрезентативки триумфираа над Албанија со 3:0 во првото коло од групата „А“ на Балканското првенство во Лукавац, Босна и Херцеговина. Серафимова освои 15, Маројевиќ 14, а блиску до двоцифрен број поени беше и Пејовска со 9. Проковиќ заработи 6, Стеваноска и Дикова по 4, а Наумовска и Димитривска по 1 поен. По успешниот почеток на турнирот, во утрешното второ коло, нашите одбојкарки од 20 часот ќе играат против домашната селекција, а со евентуална победа ќе ги отворат вратите кон полуфиналето. В четврток македонската селекција ќе се сретне со Бугарија.

Кадетките отпатуваа на Балканијадата во Лукавац (У17)

 

Нов чекор на македонската женска одбојка на интернационалната сцена

 

Македонските кадетски репрезентативки денеска се упатија кон Лукавац, Босна и Херцеговина, каде што од утре до сабота ќе учествуваат на Балканското првенство за одбојкарки родени на и по 01.01.2002. Координаторката за женска одбојка кај нас, Емилија Терзиевска и нејзиниот асистент Александар Димовски, селектираа 23 одбојкарки на тренинзи во Скопје и во Битола, по што ги одредија 12-те коишто ќе настапат во спортската сала „Лукавац“. На списокот се: капитенката Сара Серафимова, Мила Стеваноска и Марија Димитриевска од Јанта волеј, Николина Наумова, Мила Наумовска и Симона Николовска од Форца волеј – Ема, Мила Дикова и Симона Митрева од Виктори волеј, Софија Проковиќ и Теона Славкова од Работнички жени, Бојана Маројевиќ од Фит фан волеј и Ана Пејовска од Пелистер волеј.

 

„Подготовките ги минавме во Битола. Сите одбојкарки одработеа максимално коректно, со огромна желба и посветеност. Одржавме 12 тренинзи и одигравме три пријателски натпревари на коишто остваривме една пообеда над сениорскиот тим на Пелистер волеј и два триумфа над нашите врснички од Косово. Со мали, ситни и минливи повреди, здравствениот билтен е одличен. Во овој процес беа вклучени одбојкарки од седум клубови коишто уште на првиот тренинг манифестираа сплотеност. Екипите во нашата група се сериозни конкуренти, но од она што го минавме деновиве заедно, очекуваме солиден настап на нашата репрезентација и кревање на нивото на женската одбојка кај нас“, изјави координаторката Терзиевска.

 

Црвено-жолтите ќе играат во групата „А“, а во утрешниот прв натпревар од 11 часот ќе се сретнат со Албанија. В среда од 20 часот ќе ги одмерат силите со домаќинот Босна и Херцеговина, а ден потоа за ривалки ќе ја имаат Бугарија (17 часот). В петок и сабота се натпреварите за медалите и за пласман. На турнирот ќе учествуваат вкупно десет национални тимови, со напомена дека во другите конкуренции ќе има по три репрезентации. Во групата „Бе“ ќе се надмудруваат Црна Гора, Србија и Романија, а во групата „Це“ Турција, Косово и Грција. Првопласираните и најдобрата втора ќе играат во полуфиналето.

 

Наша претставничка на Балканијадата во Лукавац ќе биде и судијката Моника Јаневиќ.

Фотогалерија од подготовките на женската кадетска репрезентација

 

Две победи на контролните натпревари со Косово

 

Македонската женска репрезентација за одбојкарки до 17 години оствари две победи над Косово во пријателските натпревари одиграни во Битола, како дел од подготовките за настап на Балканското првенство во Лукавац, Босна и Херцеговина. Во синоќешниот нашите одбојкарки славеа со 3:0, а во денешниот со 3:2. Овие тестови беа добредојдени за стручниот штаб Терзиевска-Аврамски-Димовски, за да ги решат дилемите околу изборот на 12 одбојкарки што ќе играат на Балканијадата од 20-ти до 24-ти овој месец. Погледнете ја фотогалеријата од средбите на нашите девојки со Косово.

Подготовките во Битола содржат и пријателски натпревари

 

Кадетките денеска ќе се тестираат против селекцијата на Косово

 

Македонската женска репрезентација за одбојкарки до 17 години денеска ќе одигра пријателски натпревар со Косово како дел од подготовките за настап на Балканското првенство во Лукавац, Босна и Херцеговина. По селективните тренинзи во Скопје, стручниот штаб одреди 20 одбојкарки коишто од неделата работат во Битола, а вчера излегоа на мегдан со сениорската екипа на Пелистер волеј. Победија репрезентативките со 2:1 во сетови што е оптимистичка најава за учеството на Балканијадата од 20-ти до 24-ти овој месец.

Сите одбојкарки настапија на овој подготвителен натпревар и можам да кажам дека поголем број од нив ги оправдаа очекувањата“, ги пренесе импресиите координаторката за женска одбојка кај нас Емилија Терзиевска. Нејзина и задача на стручниот штаб во којшто се селектоорт Даниел Аврамски и тренерот Александар Димовски, ќе биде да определат кои 12 одбојкаркин ќе одат на турнирот во Лукавац. Македонската репрезентација ќе биде во група со Албанија, со домаќинот Босна и Херцеговина и со Бугарија.

 

Уште една наша репрезентација летово ќе има регионален настап

 

Создаваме национален тим за учество на женската кадетска Балканијадата

 

Македонските одбојкари до 17 години ги почнаа подготовките за настап на Балканското првенство во Лукавац, Босна и Херцеговина, коешто ќе биде одржано од 20-ти до 24-ти овој месец. Селекторот Даниел Аврамски, тренерот Александар Димовски и координаторката за женска одбојка кај нас, Емилија Терзиевска, вчера во салата “Форца” во Скопје, одржаа два селективни тренинга на коишто тестираа 23 одбојкарки од поширокиот список. Избраните 20 од денеска до 18-ти ќе работат во Битола, по што стручниот штаб ќе одреди 12 коишто ќе играат на претстојната Балканијада.

 

На турнирот во Лукавац, македонската репрезентација ќе биде во првата група и од 20-ти до 23-ти редоследно ќе се сретне со Албанија, со домаќинот Босна и Херцеговина и со Бугарија. Во втората група ќе се натпреваруваат Црна Гора, Србија и Романија, а во третата Турција, Косово и Грција. Првопласираните селекции и најдобрата втора ќе ја продолжат битката за медалите, а другите ќе се борат за пласман од петтото до десеттото место.

 

На Балканското првенство во Лукавац, право на настап имаат одбојкарки родени на 01.01.2002 и потоа.

Голем успех на нашата одбојка на Балканското првенство за играчи до 18 години

 

Бронза за македонските кадети

 

Македонските кадетски одбојкарски репрезентативци го освоија бронзениот медал на Балканското првенство за играчи до 18 години во Урошевац (Феризај). Во последното, петто коло на турнирот, избраниците на селекторот Ванче Санев ја совладаа Албанија со 3:1(22:25, 25:19, 25:19, 25:22) и на тој начин завршија третопласирани. Ова е најголем успех на македонската одбојка во младинските возрасни категории, затоа што е прв медал од Балканијадите во која било конкуренција.

 

Црвено-жолтиот национален состав за одбојкари родени 2001-ва и помлади, турнирот во Урошевац (Феризај) го заврши со биланс од три победи и два пораза.

 

Овој резултат е убаво продолжување на успешната година на македонската одбојка, којашто во септември првпат ќе настапи на сениорски Европско првенство во машка конкуренција.

 

За нашата селекција на Балканијадите во Косово настапија: Гент Вела, Тино Шулајковски, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Аган Рустеми, Лука Костиќ, Никола Младеновски, Димитар Илиевски, Бојан Џамбазов, Давид Стојанов и Стојче Арсов. Стручниот штаб го сочинуваа селекторот Ванче Санев и асистентите Игор Апел и Благој Тасев.