Македонија започнува со Финска а ќе заврши со Словенија

Македонските одбојкари добија силна и интригантна група во дебитантскиот настап на континенталните собири. На претстојното Европско првенство, нашата репрезентација ќе игра во групата „Це“ во Љубљана, заедно со Словенија, со бранителот на тронот Русија, со Финска, со Турција и со Белорусија. Шампионатот од 12-ти до 29-ти септември ќе биде со проширен формат, а според два параметра е историски. ЦЕВ одлучи на него да играат 24 репрезентации, а првпат коорганизатори ќе бидат четири земји. Според денешната ждрепка во Брисел, во групата „А“ во Франција, покрај „триколорите“, ќе играат и Италија, Бугарија, Португалија, Грција и Романија, во групата „Бе“ со кодомаќинот Белгија ќе бидат и Србија, Германија, Словачка, Шпанија и Австрија, а во групата „Де“ во Холандија заедно со „лалињата“ ќе се надмудруваат Полска, Чешка, Естонија, Украина и Црна Гора. Првите четири национални тима ќе обезбедат учество во осминафиналето. Премиерниот настап на европските првенства „црвено-жолтите“ го обезбедија како една од петте второпласирани селекции во седумте квалификациски групи. Дебитант на континенталните собири е и Црна Гора.
Ден за историја, Македонија првпат ќе игра на Европско првенство! Нашите одбојкари вечерва во „Кале“ ја совладаа Унгарија со 3:0 (25:21, 25:20 и 25:21) и го освоија второто место во квалификациската група „Еф“. Со оглед дека Летонија го победи Израел со 3:1, а Шведска триумфираше над Азербејџан со 3:0, нашата селекција е во друштвото на пет најдобри второпласирани од седумте квалификациски групи, со што во септември ќе игра на еврошамионатот.
Македонија ќе ја пречека Унгарија во СРЦ „Кале“ од 20 и 15. На нашите одбојкари им е потребна поддршка за да го завршат својот дел од работата на патот до историски настап на континентален самит
Доколку ја остварат потребната победа над Унгарија и со поволен расплет на квалификациските натпревари во Јелгава и во Стокхолм, овој ден ќе биде историски за нашите одбојкарски репрезентативци и за македонската одбојка воопшто. Со поволен расплет, Македонија првпат ќе учествува на европско првенство. Потребна е наша победа во салата „Кале“ во Скопје над Унгарија со 3:0, со што би го обезбедиле второто место во групата „Еф“, без оглед како ќе заврши натпреварот Швајцарија-Украина. До почетокот на нашиот меч со Унгарците против кои слаевме во Будимпешта со 3.2, веќе ќе биде познат епилогот на средбата меѓу Шведска и Азербејџан од групата „Ге“. Нам ни одговара каква било победа на Швеѓаните, затоа што во таков случај Азербејџан ќе има биланс 1-3 во мини-табелата на второпласираните селекции од сите групи, но поради подобар сет-количник, Македонија ќе котира повисоко. Натпреварот во Јелгава од групата „Бе“ меѓу Летонија и Израел ќе почне во 18.30, па и на него веќе може да има конечен резултат. Со победа на Летонија, нашиот национален состав би имал подобар сет-количник и од Израелците, што би значело дека ќе бидеме во групата од пет најдобри второпласирани репрезентации во квалификациите. Тоа би значело виза за учество на Европскиот шампионат во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија во септември годинава. Затоа најпрво им посакуваме среќа, а потоа и квалитет на македонските одбојкари за да го остварат долгогодишниот сонот!!!
Никола Матијашевиќ, селектор на Македонија: „Тие само малку го променија тимот во однос на августовскиот натпревар кај нив. Двете либера се повредени, па сега имаат помлад играч на таа позиција, така што тоа не е нивна силна страна. Задржаа еден коректор, тоа е Бароти кој игра во Франција, а Падар од Кореја сега не е во репрезентацијата иако има подобар рејтинг. Но според мене, со овој потег тие се засилија, затоа што Бароти е постабилен и е тимски играч за разлика од Падар. Меѓу нив двајца имаше нездрава конкуренција и тоа се гледаше на теренот. Сите други се исти и оттука мислам дека ако сервираме добро, ќе имаме шанси за лесна победа“.
Владо Милев, примач во македонската селекција: „Нема да има големи промени во нивната игра. Ако ние одиграме на потребното ниво, нема да имаме проблем. Мислам дека сме во посакувана форма и дека на мечот со Украина имаавме добри моменти, така што ако одиграме како што знаеме, со сигурност ќе победиме“.
Македонските одбојкари утре против Унгарија ќе го завршат квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2019. За да оствариме историски прв пласман на континенталните самити, потребна ни е победа, но и посакуван расплет на уште два квалификациски натпревара. Со Унгарија ќе играме во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје од 20 и 15, а преносот на МТВ 1 ќе почне десетина минути порано.
-По поразот во Украина во саботата и победата на Швајцарија во Унгарија, на македонските одбојкари им е потребна победа од 3:0 против Унгарија на домашен терен во салата „Кале“ за да го осигураат второто место во групата.
–На првиот натпревар во Будимпешта во август, Македонија победи со 3:2 во изедначен натпревар во којшто сите пет сета заврија со разлика од два поена.
-Унгарците немаат шанса да се квалификуваат, а „црвено-жолтите“ се уште се надеваат дека ќе обезбедат виза за Европското првенство. За да им се оствари сонот, покрај победа во последниот натпревар, потребно е да бидат исполнети уште два услова. Првиот е Летонија да го победи Израел во Јелгава, а вториот Шведска да триумфира против Азербејџан во Стокхолм.
Никола Матијашевиќ, селектор на Македонија: „Во Украина не бевме фаворити, сега ќе бидеме, но тоа треба да го покажеме на терен. Им реков на играчите дека натпреварот треба да го почнеме исклучително мотивирани и ако можеме да ги разбиеме, пред се со нашиот сервис. Жал ми е што не решаваме сами затоа што во таков случај убеден сум дека салата ќе беше преполна, но се надевам дека и сега гледачите ќе дојдат да ни помогнат за да оствариме победа, а со тоа да ги задржиме шансите за пласман“.
-Македонскиот национален тим ќе го одигра 89-тиот натпревар во европските квалификации. Генерацијата предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев, кој е прв стрелец во тековниот цуклус, се надева на дебитантско учество на континенталните самити, а Унгарија досега има 10, последниот пат пред 36 години.
-Македонија и Унгарија утре ќе го одиграат четвртиот меѓусебен натпревар во квалификациите за ЕП. Пред две децении Унгарците забележаа две победи, а Македонија се надева дека ќе го израмни билансот на 2-2.
Никола Ѓорѓиев, капитен на Македонија: „Атмосферата е на пониско ниво, меѓутоа тоа може да биде и предност за нас. Со позитивна мисла можеме да направиме подобра игра и подобар резултат отколку со Украина. Многу работи може да се променат во зависност од резултатите од другите натпревари коишто се пред нашиот, но ние мора да победиме без оглед дали тие резултати ќе ни одговараат или не. Сакаме да завршиме со победа, а ако даде Бог, да одиме на Европското првенство 2019. Ако не можеме, треба да мислиме на иднината и на нашиот рејтинг со цел да имеме подобра ждрепка за наредниот циклус којшто ќе почне во 2020-тата. Јас имам некое чувство дека Летонија и Шведска ќе победат и дека со наш триумф над Унгарците ќе се радуваме на пласман“.
Кога Европската одбојкарска конфедерација реши наместо 16 на европските шампионати да настапуваат 24 репрезентации, нашата одбојка виде шанса да му се приклучи на привилегираното друштво. Со мали персонални промени, националниот тим е долго време заедно, за разлика од претходно, во последните пет години играше редовно, во овој квалификациски циклус, а и во сезоната од Европската лига ги имаше сите услови да ги исполни амбициите, но повторно оди тешко. Откако загубивме во Украина, а Швајцарија ја совлада Унгарија, добро е и што воопшто може да се надеваме дека ќе се пласираме на самитот во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија.
Од многуте бројки остана само уште една „весела“ математика за нас. В среда да ја победиме Унгарија со 3:0, на тој начин да го обезбедиме второто место во групата, а притоа да чекаме Летонија да го совлада Израел и Шведска да слави над Азербејџан. Во таква ситуација, Македонија ќе биде во кругот на пет најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. Во таа табела во којашто не се бројат резултатите од натпреварите со последнопласираните, ние би имале биланс 1-3 и четири бода и би биле подобри од ривалите во групите „Бе“ и „Ге“. Опцијата со Норвешка во групата „Е“ отпадна откако вчера Шпанија ја совлада Белорусија, така што во таа конкуренција второпласираниот, кој и да е, ќе има две победи, како што е случајот и во групите „А“ и „Де“.
Кога би се зеле предвид составите на селекциите и нивните меѓусебни дуели, сосема очекувани би биле триумфите на Летонија дома над Израел и на Шведска исто така пред своја публика против Азербејџан, но репрезентациите за коишто ние ќе навиваме веќе ги загубија шансите за настап на еврошампионатот, па тоа може да биде непријатна околност. Како и да е, откако се вратија од Запорожје, нашите одбојкари денеска ги продолжија тренинзите пред мечот со Унгарија. До првиот сервис в среда во „Кале“ од 20 и 15 веќе ќе биде познат епилогот на средбата од Стокхолм, а можеби и од Јелгава. Доколку се биде во наша полза, ќе бидеме сведоци на историски натпревар за македонската одбојка. Во спротивно, долго ќе биде времето до наредниот квалификациски циклус во којшто прашање е дали ќе ни се отвори ваква можност како во тековниот за ЕП во септември 2019.
Македонските одбојкари загубија во Запорожје од Украина со 3:0 (25:19, 28:26, 23:25, 25:23), а со оглед на триумфот на Швајцарија во Унгарија со 3:2 (25:22, 25:22, 20:25, 21:25, 8:15), нашата селекција ќе има биланс 1-3 во табелата на второпласираните репрезентации во квалификациите. Тоа значи дека нашите шанси за историски пласман на континенталниот самит во септември годинава се драстично намалени, иако се уште постојат
Повторно ќе се држиме до фрази, во случајов до „надежта последна умира“. Сепак, по оваа саботна одбојкарска квалификациска сеанса, нашата репрезентација е далеку од сонот да учествува на еврошампионатот. Сега за да ги реализираме целите и да го оствариме историскиот резултат, потребно е да ја победиме Унгарија со 3:0 и на тој начин да го обезбедиме второто место во нашата група „Еф“, а потоа да навиваме за поволни резултати на три квалификациски натпревари. Утре Естонија да ја совлада Летонија, па потоа в среда Летонија да го победи Израел, а Шведска да слави против Азербејџан. Постои и опција во групата „Е“ доколку Норвешка или Шпанија, заврши второпласирана, а притоа да има само една победа како и Македонија. Но ако се вратиме на одбојкарската историја за да создадеме надеж за нова, поубава и побогата историја, ова е тешко и само теоретски остварлива опција за нас! По денешната победа на Швајцарија и нашиот пораз од Украина, не зависиме сами од себе!!!
А како и во августовските натпревари, повторно можеше да биде поинаку, иако во палататата на спортовите „Јуност“ отворивме лошо, па фаворитот лесно го заокружи сетот со 25:19. Но откако го коригиравме приемот, а Љафтов му се приклучи на Никола Ѓорѓиев во нападот, Македонија почна да игра рамноправно со Украинците. Тие го обезбедија местото на континенталниот собир со 28:26 во вториот сет, во којшто црвено-жолтите водеа со 18:15, а како и на првиот дуел во Скопје, не знаеа да ја завршат работата. Во третиот направија серија од 7:1 за пресврт од 10:13 до 17:14, па ја искористија третата сет-топка за 25:23. Неизвесно беше и во четвртиот сет, но и покрај водството од 22:20, на Украинците им дозволивме да завршат со низа од 5:1 и со тоа да го задржат максималниот биланс во групата.
Македонија денеска беше послаба од Украинците речиси во сите елементи. Тие имаа повеќе поени од напад (53 наспроти 46), повеќе асови (12 наспроти 6), како и двојно повеќе болокови (12 наспроти 6). Нашиот тим имаше десет грешки помалку, но тоа не беше доволно за да направиме пресврт во играта. Капитенот Никола Ѓорѓиев освои 26, а Александар Љафтов заврши со 17 поени, но кај ривалот четворица одбојкари беа двоцифрени во оваа статистичка категорија (Јерешенко 18, Виетски 15, Терјоменко 13, Шевченко 10).
Ние и натаму сме втори, иако имаме ист биланс со Швајцарија. Поради подобар сет количник, доколку ја совладаме Унгарија со 3:0 ќе завршиме второпласирани во групата, но во случај утре Летонија да победи во Естонија, ќе ги загубиме шансите за европско првенство. Пред десет години не успеавме во баражот со Чешка, во последниот циклус Чешка и Естонија решаваа за нас и решија да не играме во баражот со Летонија. Овој пат сакавме да испишеме историја, а повторно сме во истиот магепсан круг. Потребна ни е огромна среќа, каква што не сме имале никогаш досега!!!
Пренос на МТВ 1
Македонската телевизија, којашто е медиумски партнер на Одбојкарската федерација на Македонија, како и во август, повторно ќе емитува преноси од решавачките натпревари на нашите одбојкари во квалификациите за ЕП. Сликата од Запорожје денеска ќе оди на Првиот канал од 18 и 50.
Со две победи во августовските четири натпревари, македонската одбојкарска репрезентација има реални шанси да обезбеди прв, историски настап на европско првенство. По одлуката на ЦЕВ од претстојниот континентален самит во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија, наместо 16 да учествуваат 24 селекции, оваа генерација во националниот состав предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев, го живее сонот да излезе на големата одбојкарска сцена. До таквиот успех остануваат два натпревара, а со тоа две можности. Првата е денеска во Запорожје, каде што Македонија ќе и гостува на Украина во претпоследниот меч од квалификациската група „Еф“. Противникот е поквалитетен, тоа го потврди со максималниот ефект досега, но за да го обезбеди првото место, денеска потребни му се два сета. Нам, пак, победа би ни завршила голема работа, иако со два освоени сета, а со тоа и заработен бод, па дури и без него, шансите би постоеле, секако со услов во последното коло на 9-ти јануари во Скопје да ја совладаме Унгарија со 3:0 или со 3:1. Сепак, радува расположението кај нашите одбојкари дека треба да се стори се што се може, Македонија да остане во позиција сама да решава за себе, затоа што постојат многу калкулации во завршницата од квалификациите. Од седумте групи, покрај првопласираните, виза за ЕП ќе има и за пет од второпласираните селекции. Оттка, Македонија треба да го задржи второто место во групата, а притоа да се обиде да има што подобар биланс. Знаејќи дека во табелата на второпласираните репрезентации нема да се бројат резултатите од мечевите со национхалните состави коишто ќе завршат последни, нам ни одговара Швајцарија да биде четврта во нашаѕа група. Во таков случај ќе се избрише нашиот пораз од неа дома, така што во табелата на второпласираните ние би имале најмалку две победи, под услов да триумфираме против Унгарија в среда во „Кале“. Доколку Швајцарија заврши трета, за нас потребна ќе биде победа во Запорожје за да имаме биланс 2-2. Најдобра е третата опција, а тоа е Швајцарија да биде четврта, а ние да славиме на наредните две средби, затоа што тогаш би имале биланс 3-1, а со тоа и сигурен пласман на Европското првенство во септември 2019.
„Како? Силно! Борбено! Со позитивна мисла!“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев за начинот на којшто Македонија треба да игра во Запорожје против Украинците. „Трениравме добро деновиве, на Албанија не и дадовме ниту сет, а тоа зборува во наша полза иако натпреварите беа од пријателски карактер. За разлика од минатото лето, сите се во подобра форма. Затоа ќе одиме на победа, нема да калкулираме. Не сакам да размислувам за другите, сакам да победиме и да ги решиме дилемите уште во Украина“, заклучува Ѓорѓиев.
Украинците имаат многу опции во играта, сега се засилени на примачка дијагонала и на позиција коректор, но формата на нашите репрезентативц е подобра отколку во август, а радува и тоа што со Ѓоко Јосифов и со Александар Милков, селекторот Никола Матијашевиќ ќе има за нијанса повеќе можности во текот на средбата во палатата на спортовите „ Јуност“ отколку на првиот дуел во „Кале“. Тогаш Македонија и Украина го одиграа вториот меѓусебен натпревар, а првиот беше во финалето на Европската лига 2017 во Гентофте, Данска. И тогаш славеа Украинците, па време е за прва наша победа над нив. Во овој контекст би била „златна“ за македонската одбојка.
„Кога се подготвував за Украина, го гледав првиот меч. Се уште ми минутаат трпки. Водевме со 2:0 во сетови, па затоа тешко ми е да се враќам на тие спомени. Јас мислам дека тие сега ќе играат со одбојкарите коишто го направија пресвртот во Скопје. Не заборавајте дека тие ги променија техничарот, коректорот и либерото, а тоа е половина екипа. Се нацрта една нова игра, но и тука имавме шанса. Сега сме подготвени и за тоа. Кај нас не можеме да менуваме толку играчи, но ако ги надиграме на сервис и во прием, би имале шанса да играме рамноправно. А доколку играме рамноправно сигурен сум дека со големата желба и волја нашите одбојкари можат да одиграат подобро отколку што можат, за да победеиме и да се пласираме на ЕП“, селекторот Никола Матијашевиќ го најави натпреварот со Украинците.
Македонските одбојкари во овие моменти го одржуваат првиот тренинг во Запорожје, во пресрет на утрешниот натпревар со Украина во квалификациите за ЕП 2019. Црвено-жолтите имаат реална шанса првпат да се пласираат на континенталниот самит, а за да го остварат сонот најпрво треба да ја обезбедат втората позиција во квалификациската група „Еф“. Натпреварот со Украинците утре ќе почне во 19 часот, а десетина минути пред тоа МТВ 1 ќе емитува директен пренос.
Нашата одбојкарска репрезентација од денеска е во Запорожје каде што утре ќе го одигра првиот од двата решавачки натпревара во квалификациите за Европското првенство во септември годинава. Во палатата на спортовите „Јуност“, македонските одбојкари вечер ќе го одржат првиот тренинг, а утре ќе имаат уште еден пред да истрчаат на мегдан со противникот којшто победи во Скопје со 3:2. Македонија тогаш имаше водство од 2:0 и шанса да ја заврши работата во третиот, а потоа и во петииот сет, но не успеа да оствари триумф со којшто ќе беше уште поблиску до пласман на континенталниот самит во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија.
„Боли поразот во Скопје затоа што водевме со 2:0 во сетови, во третиот имавме 18:15, потоа во петтиот 8:5. Сепак, и сега имаме голема шанса, одиме поен по поен, сет по сет и мислам дека со добра игра како колектив може да ја оствариме оваа победа и да го запечатиме Европското првенство. На Украина и се потрени два сета за да ја осигура првата позиција, но тие играат дома и ќе сакаат да победат. Ние сме максимално подготвени, мотивирани, во играчка форма сме и мислам дека натпреварот ќе биде интересен и дека можеме да се радуваме на победа“, вели техничарот на нашата селекција Ѓорѓи Ѓорѓиев.
Македонија има две победи на четири натпревари во квалификациската група „Еф“. Иако постојат многу калкулации, најсигурната опција за да ја оствариме целта и првпат да учествуваме на европско првенство е да победиме утре во Запорожје, а потоа на 9-ти и против Унгарија во Скопје. Нам ни одговара Унгарците да бидат трети во нашата група, затоа што тогаш ќе се избрише нашиот пораз од Швајцарија во Скопје, па во табелата на второпласираните национални состави би имале биланс 2-2 доколку загубиме во Украина. Со победа во Запорожје, во случај Швајцарија биде третопласирана, повторно би имале биланс 2-2, а со тоа би ги задржале шансите за настап на еврошампионатот. На него ќе учествуваат сите првопласирани и најдобрите пет од второпласираните репрезентации во седумте квалификациски групи.