Category: Вести

Позитивни тонови од репрезентативниот табор пред патувањето за Украина

 

Тие се фаворити на хартија, но можеме да изненадиме во Запорожје

 

Македонските одбојкари го одработија последниот тренинг пред патувањето за Запорожје каде што в сабота ќе го одиграат петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство наредната година. Иако нашата селекција водеше со 2:0 во Скопје, Украина славеше со 3:2, сега игра на домашен терен, а и максималниот ефект во групата ја става во позиција да биде фаворит во мечот со нас. Но позитивната атмосфера во црвено-жолтиот табор испраќа едногласна порака дека Македонија верува во добар настап, а со тоа и во изненадување.

„Зошто да не? Украина е посилен противник од нас, но ова е одбојка, топка е во прашање, ние знаеме да играме, подготвени сме и не треба да не изнеади позитивен резултат. Веруваме и ќе одиме во Запорожје по позитивен резултат, без разлика колку на хартија да се поквалитетни од нас. Грч секогаш постои, без него не може да се игра и тоа е секогаш така, особено кога влогот е голем. Сепак, мислам дека ќе го пребродиме тоа со добар натпревар во Украина“, вели техничарот на македонската репрезентација Филип Деспотовски, кој од противникот очекува посилен сервис бидејќи ќе игра на домашен терен.

Македонија има биланс 2-2 од августовскиот термин и потребна и е барем уште една победа од претстојните две средби за да се надева на прво учество на европско првенство. Шансите се реални, затоа што дури и со пораз в сабота, постои уште една можност доколку славиме над Унгарија на 9-ти во салата „Кале“ во Скопје, иако во секоја варијанта треба да ги почекаме резултатите и во другите групи. Според натпреварувачкиот систем, на септемврискиот континентален собир во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија ќе настапат првопласираните и пет од второпласираните седум репрезентации во квалификациските групи.

 

И Милков верува во успех во Украина

За разлика од августовскиот термин, кога Александар Милков не можеше да добие значајна минутажа поради повреда, селекторот Никола Матијашевиќ сега има опција повеќе на примачка дијагонала. Нашиот интернационален од Франција одигра добро во конторлните средби со Албанија и со зголемена самодоверба ги очекува завршните квалификациски натпревари.

„Украина е фаворит, првпласирана е во нашата група, но мислам дека имаме голема шанса, а во Скопје покажавме дека можеме да играме со нив. За мене можам да кажам дека тогаш имам хендикеп со повреда со коленото, но сега сум во подобра форма, а тоа важи за целата екипа и затоа мислам дека можеме да направиме изненадување“, вели Милков.

Селекторот Матијашевиќ конечно работи со сите одбојкари

 

Никола Ѓорѓиев го излечи коленото, денеска тренираше и Филип Деспотовски

 

Ако досега неодминливи беа размислувањата за табелите во другите квалификациски групи за Европското првенство, македонските одбојкари отсега се целосно насочени на Украина. Гостувањето во Запорожје в сабота е првиот билет за наш дебитантски, а со тоа и историски пласман на собирот во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија. Но без оглед на резултатот од пресметката со Украинците, за нас има уште еден филтер, а тоа е домашниот натпревар со Унгарија на 9-ти.

„Јас сум слаб калкулатор, математички слабо гледам кои и какви се групите. Големи се шансите да бидеме втори, доколку ги добиеме Унгарците кај нас, а потоа треба да бидеме во кругот репрезентации коишто ќе се пласираат врз база на збирот на победи и на бодови. Но јас на тоа не гледам така. Шансата е добра, но за мене прва приказна е Украина. Наша цел е да ги нападнеме со се и сешто и да добиеме барем еден сет. Украина е најдобра во групата и го покажа тоа со резултатите. А ако добиеме сет, зошто не и два? Ако добиеме два, зошто не и три? Еве, тоа е некоја филозофија за којашто јас мислам дека е вистинска. Ние треба да се бориме за секој сет, па ако може и да го добиеме натпреварот, а ако го направиме тоа, шансите ќе бидат многу големи“, вели селекторот Никола Матијашевиќ, кој конечно работи со сите одбојкари на коишто смета за решавачките квалификациски натпревари.

Капитенот Никола Ѓорѓиев ја санираше повредата на коленото, а Филип Деспотовски денеска го одржа првиот тренинг откако претходно паузираше поради вирус. Тоа се добри вести за националниот состав којшто утре ќе патува во Запорожје за саботниот дуел со Украина.

 

По 87 квалификациски натпревари досега, Македонија ја чувствува големата шанса во претстојните два да го направи клучниот исчекор. Тоа по дефиниција е историска околност, макар што таквата одредница може да создаде притисок за одбојкарите.

„Јас уште пред да дојдам, слушнав големи зборови како „историска шанса“, „да се биде или не“ итн. Но мислам дека одбојка ќе се игра во Македонија и по овие два натпревара, особено ако се квалификуваме, тогаш ќе биде попријатно да се игра. Не би рекол дека е последна шанса, но сигурно е најголема досега. Јас верувам во оваа екипа и верувам дека ќе ја искористиме“, оптимист е Матијашевиќ.

 

За разлика од пред две години кога Чесите играа со втор тим и ја пропуштија Естонија во баражот наместо нас, сега сами решаваме за себе, што е предност. Со две победи секако ќе учествуваме на Европскиот шампионат 2019, а доколку оствариме една, тогаш ќе го чекаме епилогот и од другите групи. Во три од преостанатите шест многу реално може да има две послаби второпласирани репрезентации од нас. Доколку во групата „Бе“ Естонија ја совлада Летонија дома, што е објективен резултат, тогаш со биланс 2-2 ние би имале уште поголема можност да бидеме во првите пет на табелата на второпласирани, а со тоа и на континеталниот самит во септември годинава. Тоа е најголемата желба на македонската одбојка досега.

Смирувачки вести од репрезентативниот доктор Љупчо Петровски

 

Капитенот чувствува мала болка, но ќе биде подготвен за Украина и за Унгарија

 

По двата натпревара со Албанија, македонските одбојкарски репрезентативци денеска имаат слободен ден пред да ги продолжат подготовките за завршницата од квалификациие за Европското првенство во 2019. Капитенот Никола Ѓорѓиев почувствува мала болка во коленото и го пропушти вчерашниот дуел во салата „Кале“ на којшто Македонија ја забележа деветтата победа против Албанија и го задржа максималниот ефект во одмерувањата на силите со ривалот. Ѓорѓиев не сакаше да ризикува со настап против Албанците, но докторот на репрезентацијата Љупчо Петровски верува дека најдобриот поентер во европските квалификации ќе биде подготвен за претстојните мечеви со Украина и со Унгарија. Според калкулациите, нам може да ни биде доволна и само една победа за историски, премиерен пласман на континенталниот самит наредната година, иако посигурна опција би било да освоиме два сета, а со тоа и еден бод во Запорожје на 5-ти јануари. Четири дена подоцна ќе ја пречекаме Унгарија.

Нашите репрезентативци ја задржаа победничката серија со соседот

 

Македонија – Албанија 3:0 (25:21, 25:21, 25:23)

 

Македонските одбојкари ја совладаа Албанија со 3:0 во вечерашниот официјален контролен натпревар во пресрет на завршницата од квалификации за Европското првенство наредната година. Иако селекторот Никола Матијашевиќ не можеше да смета на капитенот Никола Ѓорѓиев кој се пожали на повреда, а во составот не беше ниту техничарот Филип Деспотовски, сепак нашиот национален состав го контролираше натпреварот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје. Во првиот сет беше 5:1, па 12:5, но иако Албанците стигнаа до негатива од 16:14, црвено-жолтите ја завршија работата предводени од Александар Љафтов, кој денеска го замени Ѓорѓиев на позицијата коректор. Милков му беше партнер на примачка дијагонала на Милев, а со оглед дека и тие двајца беа расположени за игра, Албанија не можеше да парира. За разлика од вчерашниот затворен тренинг, на повисоко ниво беше и повратникот Ѓоко Јосифов на среден блокер, така што Македонија рутински го доби и вториот и третиот сет. Со тоа, ја задржа победничката низа против Албанија и на деветтиот меѓусебен натпревар. На официјалните седум досега, имаме четири триумфи од 3:0 и три од 3:2.

Нашите репрезентативци утре ќе имаат слободен ден, а со тренинзи ќе продолжат на првиот ден од 2019-та, за којашто имаат желба првпат да се пласираат на Европско првенство. Шансите за тоа се реални, но треба да се одработат уште натпреварите со Украина во Запорожје на 5-ти и со Унгарија дома на 9-ти. Според калкулациите, за да се оствари целта, можно е да биде доволна само една победа.

Македонија: Дарко Ангеловски, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ѓоко Јосифов, Никола Ѓорѓиев, Владо Милев, Давид Стојанов, Славе Наков, Александар Љафтов, Тино Шулајковски, Филип Николовски, Александар Милков, Иван Андонов, Филип Маџунков, Васе Михаилов. Селектор: Никола Матијашевиќ.

Албанија: Ренато Кола, Марјан Ѓоклај, РеџоКочи, Салмир Драгои, Адри Арапи, Осман Ќепа, Реди Бакири, Асменд Кула, НоргернБарути, Леонардо Дода, Кристи Бердуфи, Амаридо Делиу. Селектор: Јован Мелка.

Судии: Влатко Ристовски и Здравко Здравевски.

Последен тест за нашата репрезентација пред квалификациите за ЕП 2019

 

Деветта победа над Албанија за поголема самодоверба пред Украина и Унгарија

 

Македонија досега одигра шест официјални натпревари со Албанија и на сите славеше победи. Во Европската лига во 2016-та со 3:0 и 3:2, исто како и во Европската лига во 2017-та. Тие средби беа во групната фаза. Претходно, нашата селекција триумфираше со 3:0 во „Кале“ во квалификациска пресметка, а годинава во август победи со 3:2 исто така во „Кале“ во подготвителниот дуел  за тековните квалификации за ЕП 2019. Покрај вчерашниот, со Албанците имаме уште еден неофицијален тренинг натпревар, а со оглед дека црвено-жолтите беа подобри и во него, со денешниот спаринг-партнер имаат стопроцентен биланс на осум соочувања.    

 

Македонските одбојкари денеска од 20 часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје ќе го одиграат вториот пријателски натпревар со Албанија во пресрет на завршницата од квалификациите за континеталниот самит во септември наредната година. На вчерашниот којшто беше од затворен карактер, а селекторите го искористија за да тестираат различни опции во играта, нашата репрезентација ги доби сите четири сета (25:23, 25:17, 26:24, 25:17). Капитенот Никола Ѓорѓиев освои 20 поени (16 од напад, 4 аса), Александар Љафтов заработи 14 (10 од напад и по 2 блока и аса), а Владо Милев заврши со вкупно 9 поени од коишто 3 беа од сервис, 1 од блок, а 5 од напад. Од стандардните во првиот состав, Филип Маџунков и донесе 6 поени на Македонија (4 од напад и 2 блока), Иван Андонов имаше 4 (2 блока и по 1 поен од напад и од сервис), а Ѓорѓи Ѓорѓиев забележа 2 поена (по 1 од напад и од блок). Селекторот Никола Матијашевиќ им даде шанса од клупата на Славе Наков кој освои 1 поен од акција, неколку напади во игра беше и повратникот на позиција среден блокер Ѓоко Јосифов, а на примачка дијагонала добар настап имаше Александар Милков, кој не добиваше шанса во августовскиот термин, а синоќа заврши со 9 поени, сите освоени од 14 напади преку него.

 

 Денешната пресметка со Албанија ќе биде официјална и љубителите на одбојката ќе може да ја проследат на трибините во „Кале“. За оние што нема да бидат во сала, постои опција да го гледаат преносот на Собранискиот севис на МРТ од 19.55.

 

Македонските одбојкари утре ќе имаат слободен ден, а потоа ќе продолжат да тренираат за последните два квалификациски натпревара со Украина на 5-ти во Запорожје и со Унгарија дома на 9-ти јануари. Досега имаме биланс 2-2 и се наоѓаме на второто место во квалификациите, со реални шанси првпат да играме на европско првенство, што би бил најголем одбојкарски успех кај нас од осамостојувањето досега.

Подготвителен период за јануарскиот термин од квалификациите за ЕП 2019

 

Македонија не загуби сет од Албанија во првиот контролен натпревар

 

Македонија – Албанија 4:0 (25:23, 25.17, 26:24, 25.17)

Македонија: Дарко Ангеловски, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ѓоко Јосифов, Никола Ѓорѓиев, Владо Милев, Славе Наков, Александар Љафтов, Тино Шулајковски, Филип Николовски, Александар Милков, Иван Андонов, Филип Маџунков, Васе Михаилов. Селектор: Никола Матијашевиќ.

Албанија: Ренато Кола, Марјан Ѓоклај, Реџо Кочи, Саимир Драгои, Адри Арапи, Осман Ќепа, Реди Бакири, Асменд Кула, Норген Барути, Леонардо Дода, Кристи Бердуфи, Амаридо Делиу. Селектор: Јован Мелка.

 

Македонските одбојкари ја совладаа Албанија во првиот викенд пријателски натпревар во Скопје, во циклусот погдотовки за завршницата од квалификациите за Европското првенство во 2019. Во салата на СРЦ „Форца“, двете репрезентации одиграа четири сета во мечот од затворен карактер во којшто двата селектора тестираа повеќе договорени варијанти. Првиот и припадна на Македонија со 25:23, во вториот црвено-жолтите беа убедливи со 25:17, како што заврши и последниот, додека, пак, во третиот сет уште еднаш се играше на разлика за 26:24. Селекторот Никола Матијашевиќ во првите два сета се реши да ги користи играчите од стандардниот состав, а потоа на примачка дијагонала шанса доби Александар Милков кој остави добар впечаток. Повратникот во дресот со државниот грб Ѓоко Јосифов исто така влезе на теренот, но со оглед на паузата поради повреда, имаше ограничена улога.

 

Вториот контролен натпревар против Албанците е утре во салата „Кале“ во Скопје, а за разлика од денешниот, љубителите на одбојката ќе можат да го проследат во живо и да им дадат поддршка на нашите репрезентативци пред завршните две средби од квалификациите за континенталниот собир наредниот септември. Македонија има две победи и е со реални шанси првпат да игра на европско првенство. На 5-ти-јануари ќе и гостуваме на Украина, а на 9-ти ќе и бидеме домаќини на Унгарија.

Подготовски за квалификациите за ЕП 2019

 

Македонските одбојкари денеска на првиот од двата теста против Албанија

 

Денешниот тренинг дуел со Албанија во салата на СРЦ „Форца“ ќе биде од затворен карактер, а љубителите на одбојката ќе можат да ги поддржат нашите репрезентативци утре во „Кале“ од 20 часот, затоа што тој пријателски меч ќе биде официјален. Собранискиот сервис на МРТ од него ќе емитува пренос.

 

Македонските одбојкари денеска ќе го одиграат првиот од двата пријателски натпревара со Албанија, како дел од подготовките за завршницата од квалификациите за континенталниот собир наредната година. Селекторот Никола Матијашевиќ утрово одржа тренинг на којшто поради вирус не присуствуваше техничарот Филип Деспотовски. Сите други се чувствуваат добро и ќе играат на вечерашниот тест дуел од затворен тип против албанската репрезентација.

 

„Ние немаме друга алтернатива освен да одиме чекор почекор. Затоа најпрво се подготвуваме за Украина, а дури потоа за Унгарија. Сооглед дека Унгарците ги познавам добро, можам да кажам дека не очекувам да понудат ништо поразлично од август. Ние сме посилни и имаме шанса да ги победиме. Од друга страна, пак, Украина ќе игра без резултатски притисок и ние можеме да го искористиме тоа. Ни преостанува да бидеме концентрирани, да се подготвиме и да го дадеме максимумот“, Владо Милев е убеден во победничкиот рецепт.


 

По двата пријателски натпревара со Албанија, Македонија на 5-ти јануари ќе гостуваво Украина, а на 9-ти ќе ја пречека Унгарија. Досега имаме два триумфа и два пораза во четири средби со по пет сета, а со тоа сме второпласирани во групата „Еф“, зад Украинците со максимални четири победи, а пред Унгарија и Швајцарија коишто остварија биланс 1-3. Оттука, со две јануарски победи, црвено-жолтите сигурно ќе играат на Европското првенство, а доколку забележиме една, шансите исто така ќе бидат реални, бидејќи на собирот во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија, покрај првопласираните, ќе одат и пет второпласирани во седумте квалификациски групи.

Македонските одбојкари го одработија денешниот тренинг

 

Андонов посакува да остане на позиција среден блокер

 

Целта е јасна, шансата е голема, но тоа не го попречува подготвителниот процес за клучните натпревари во квалификациите за Европското првенство наредната година. Македонските одбојкари денеска го одржаа единствениот тренинг, а последен пред двата контролни натпревара со Албанија викендов. За разлика од август, селекторот Никола Матијашевиќ сега го има на располагање и Ѓоко Јосифов како засилување на позицијата среден блокер, така што дел од тренинзите се насочени и кон негова адаптација во тимот. Филип Маџунков и Иван Андонов беа стандардни на позицијата среден блокер кај нас на претходните четири средби од групата „Еф“, а поголемата конкуренција би требало да донесе квалитет во тренажниот процес и повеќе опции во создавањето физиономија на националниот состав.

 

„Чувствуваме одредена доза трема, но позитивна. Досега не сме биле толку блиску до европско првенство. Се насочуваме на првиот дуел со Украина, сакаме да победиме и на тој начин да си ја олесниме работата. Сега ги знаеме сите добри и лоши страни на Украинците и ќе се подготвиме соодветно. Јас лично сакам да останам на позицијата среден блокер на којашто ги одиграв претходните четири меча, но подготвен сум да помогнам на кое било место во тимот. Мислам дека сега ќе играме подобро од досега“, оптимистички вели нашиот репрезентативец Иван Андонов кој во квалификациите освои 21 поен за Македонија. Осум од нив беа ас, со што Андонов е наш најдобар сервер.

Црвено-жолтите на 5-ти јануари ќе гостуваат во Запорожје кај Украина, а четири дена подоцна ќе ја пречекаат Унгарија. Со оглед на августовските две победи на четирите меча, за да го оствариме најголемиот успех на нашата одбојка – пласманот на ЕП во септември 2019, би требало да ни биде доволна победа над Унгарија во Скопје со 3:0 или со 3:1, а многу би помогнало доколку во Украина заработиме бод со освоени два сета.

Се менува салата, а противникот останува ист

Со Албанија во „Кале“, наместо во „Градски парк“

 

Покрај тренинзите во сите празнични денови со исклучок на 31-ви декември, нашите одбојкарски репрезентативци ќе одиграат два пријателски натпревара со Албанија за што подобра подготовка за завршните квалификациски средби за Европското првенство во септември  наредната година. Македонскиот селектор Никола Матијашевиќ и неговиот албански колега Јован Мелка, решија да одиграат еден меч од затворен карактер, а ден потоа официјален контролен натпревар, според воспоставената практика пред августовскиот термин.

 

Тренинг средбата в сабота ќе биде во СРЦ „Форца“, а официјалниот тест в недела во салата на СРЦ „Кале“, наместо во „Градски парк“ како што беше предвидено претходно. Од него Македонската телевизија ќе емитува пренос со почеток во 20 часот на првиот канал.

Квалификации за ЕП 2019 (Белгија, Франција, Холандија, Словенија)

Од денеска тренинзите ќе ги води селекторот Матијашевиќ

 

Никола Матијашевиќ

Македонските одбојкари го одработуваат вториот ден од подготовките за клучните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2019. Националниот состав од денеска ќе работи со селекторот Никола Матијашевиќ, откако со 14-те репрезентативци вчерашните тренинзи ги водеше неговиот асистент Деан Стојанов. Освен повратникот Ѓоко Јосифoв кој се пожали на повреда на коленото, сите други одбојкари се на потребното здравствено ниво за да тренираат во полн ритам.

 

„Ова е еден од најинтересните периоди откако јас сум во репрезентацијата. Пред нас се двата решавачки натпревара. Одиме со позитивна атмосфера во Украина, но фокусот ќе ни биде Унгарија во Скопје. Интернационалците коишто ја сочинуваат првата линија во репрезентацијата имаа добра полусезона и затоа се надевам дека овој период ќе биде убав и сладок за нас“, вели либерото Дарко Ангеловски.

 

Македонија забележа две победи на четирите августовски натпревари и се наоѓа на второто место на табелата во групата „Еф“. Со оглед дека на континенталниот собир ќе настапат првопласираните селекции и најдобрите пет второпласирани од седумте групи, постои реална шанса црвено-жолтите првпат да учестуваат на европско првенство. Калкулациите велат дека нам може да ни биде доволна победа од 3:0 или од 3:1 во Скопје над Унгарците на 9-ти јануари, а тоа е многу веројатна опција ако се знае дека ги совладавме на гости со 3:2. Во остварувањето на желбите ќе ни помогне и бод на теренот во Запорожје кај водечката Украина на 5-ти јануари.