Category: Европско првенство 2019

Нема осминафинале за Македонија

 

Турција загуби од Финска, па ние завршивме петти во групата

 

Две победи над Белорусија и над Словенија, блескав сет против Русија, пораз во нијанси од Финска, објективно слаб натпревар против Турција. Македонските одбојкари тагуваат за осминафинале, но не разочараа. Напротив! Оставија одличен впечаток во дебитантскиот настап на европските првенства или поинаку кажано, одиграа над сите очекувања. Веруваа во себе, дури и по трите почетни порази, си подарија себеси две блескави победи, до завршниот сет во 15-от натпревар од групата во “Стожице” беа во игра за осминафинале во Нант против Франција. Не дочекаа, но ја разбудија нацијата којашто ги бодреше од срце. Нивниот успех не е спорен, не смее да биде сомничаво гледан ако се знае кои сме, какви сме и од каде доаѓаме!

 

Може да се тагува, но не премногу, ниту пак предолго. Наредните квалификации се во август, а следното европско за две години. Оваа генерација може уште еднаш да биде на континенталниот собир, а тогаш нема да зборуваме за прв поен, прв сет или прва победа. Тогаш ќе зборуваме за прво осминафинале!

Одбојка – ЕП Љубљана (Група Ц – последно коло)

 

Финска и Турција за македонска историја

 

Кога ќе се врзат две импресивни победи на Европско првенство и осoбено кога ќе се совлада домаќинот и кандидат за висок пласман, тогаш задоволството е огромно или барем би требало. Македонските одбојкари имаат зошто да се радуваат, но и да стрепат, да се надеваме дека нема и да тагуваат. Триумфот пртотив Словенија е голем, некои ќе го наречат и чудо во Љубљана, без разлика каква ќе биде судбината на нашата репрезентација. Во трите фантастични сета коишто го замолкнаа Стожице македонските репрезентативци демонстрираа одбојка на врвно ниво, на пример за европско четврфинале, не само за нокаут фаза.

 

Откако својот дел го завршија на одличен начин, нашите одбојкари сега ќе чекаат на поволен резултат во натпреварот меѓу Турција и Финска. Позитивните и реални опции доаѓаат само од еден правец, од Турција, секоја нејзина победа ќе значи осминафинале за македонската селекција. Во спротивно, славје на Финците ќе го активира правилото сет количник што е најлоша варијанта за нашите одбојкари.

 

Решавачкиот дуел којшто би можел да ја дополни македонската одбојкарска историја меѓу Финска и Турција ќе се одигра од 20 и 30 со пренос на МТВ1, претходно исто така на прва од 17.30 Словенија и Русија ќе се пресметаат за првата позиција со тоа што на Зборнаја којашто е актуелен шампион ќе и одговара и пораз од 3:2.

ИСТОРИЈА – натпревар за осминафинале

 

Македонските одбојкари и фрлија ракавица на Словенија

 

Испишаа историја и сега можат опуштено да сонуваат за тоа што изгледа невозможно. По победата против Белорусија од 3:1, македонските одбојкари го елиминираа притисокот што се наметна сам од себе и заслужено се радуваа на дебитанскиот триумф на европските првенства. Без разлика што шансите за нокаут фазата и натаму се во мали проценти, пристапот, играта, желбата, енергијата и квалитетот од мечот со Белорусите се за почит. Нашата репрезентација вчера одигра на европско ниво, на одбојкарските елеменети го додаде срцето на терен и покажа дека во Љубљана без неа не може да се креира табелата.

 

„Ова не беше најдобриот натпревар за мене во репрезентативната кариера, но ова беше најважниот нагтпревар. Бевме многу тажни по поразите од Финска и од Турција и ни беше важно да победиме. Ова е моја репрезентација, ја познавам добро и затоа изјавував дека можеме да играме и да сонуваме осминафинале“, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев кој со 37 поени ја бомбардираше Белорусија, а ЦЕВ го избра за играч на денот.

 

Последниот дуел во групата „Це“ ќе донесе уште еден голем предизвик за нашата селекција. Словенија е домаќин, квалитетна репрезентација, но веќе обезбеди осминафинале, па пред директната пресметка за привилегираното прво место со Русија, веројатно ќе калкулира со минутажата на најдобрите. Тоа не значи дека одеднаш ќе пораснат шансите на македонските одбојкари, но колку и да се мали, никој нема право да им ги одземе. Словенците имаат подобар ефект во меѓусебните дуели во последните 10 години – 6:3, но без изразита доминација.

 

„Ќе играме. Ние и претходно покажавме дека можеме. Тие почесто не победуваа, но тоа не беше со огромна доминација. Ние секогаш играме подобро со подобрите од нас. Верувам дека можеме. Ќе играме со срце на терен, па што сака нека биде“, вели капитенот Ѓорѓиев.

 

Колку и да звучи нереално, македонските одбојкари со победа против сребрените од 2015-та ќе бидат на пат кон Нант под услов да не се случат сензационални резултати и во другите натпревари. И со пораз од 3:2, односно со бод против Словенците, нашата репрезентација ќе конкурира за четвртото место, но тогаш ке и биде потребна помош и од Турција, односно два нејзини триумфа и притоа 3:0 против Финска. Можеби ќе постои потреба и од прецизно пресметување на поен – количникот, но за вклучување во игра на дигитронот, неопходно е македонските одбојкари да го одиграат натпреварот на кариерите. Преносот ќе биде на МТВ1 во 17.25, половина час порано и специјалната емисија за ЕП.

Историска прва победа за македонските одбојкари

 

Македонија – Белорусија 3:1 (23:25, 25:19, 29:27, 25:20)

 

Не прв поен,  прв сет,  не прв бод,  туку прва победа за македонските одбојкари на европските првенства. Во “Стожице” падна Белорусија, по што Македонија се уште има теоретски шанси за осминафинале на континенталниот собир. Никола Ѓорѓиев беше брилијантен со 37 поени, Љафтов освои 16, Милев 8, Маџунков 7, Николов 6, а Деспотовски два поена, но веруваа сите, се бореа сите и заслужија сите.

 

Вечерва беше чудо, а уште ќе бараме чудо над чудата против Словенија од 17 и 30 до пренос на МРТ 1.

ЕП 2019 – Денеска против Белорусија

 

Четврти обид за прва победа на Македонија

 

Македонските одбојкaри и минатата ноќ ја минаа борејќи се со мислата да ја забележат првата победа на европските првенства. Против Финска беа блиску до изненадување, со Турција далеку од издание коешто ветува, а против Русите секое очекување беше нереално. Денеска пред нив ќе застане Белорусија, која до вчера го сонуваше истиот сон како нас. Но го оствари! Од негатива од 2:0 во сетови против Финска и 8:3 и 23:20 во третиот, Белорусите направија комплетен пресврт и во деветтиот натпревар на континенталните собири се израдуваа на првиот триумф. Ако ние тргнеме по нивниот пат, ќе ја напуштиме последната позиција во групата „Це“. Дали тоа ќе биде доволно за осминафинале, сега не е најважно, но соптимистичката нишка се уште не така срамежливо се појавува на мисловниот хоризонт.

 

„Додека постои математика, јас размислувам за осминафинале. Таков е мојот карактер, сакам да победувам и верувам дека можеме да победиме. Во некои периоди на ова Европско првенство одигрвме на ниво коешто е доволно за да славиме против Белорусија. Посакувам да ја повториме таа квалитетна игра и убеден сум дека ако го направиме тоа, можеме да победиме“, позитивно е настроен капитенот Никола Ѓорѓиев.

 

Белорусија е висока репрезентација со подолга клупа од нашата. Селекторот Бекша ротира 12 играчи барајќи го најдобриот избор. Пред Македонија се многу опасности, па затоа приемот треба да биде на ниво за да немаме проблем со организација на нападите. Во споротвно, може да почувствуваме како е да се налета на блокот на Бусел кој има 207 или на Удрис со 211 сантиметри. Ако може да нападнеме со коректен, а прецизен сервис, како што тоа вчера го направија Финците во два сета, тогаш ќе бидеме во рамноправна трка за победа.

 

Досега немаме пресметка со Белорусите иако лани тие беа учесници на завршниот турнир на „Сребрената европска лига“ во Скопје. Првиот ќе оди во пренос на МТВ 1 од 20 и 30.

Слободен дена за македонските одбојкари на ЕП

 

Од поразите и од најдобрите се учи за да се победува

 

Знаеја дека е врвно ниво, ама сепак болно почувствува дека оваа одбојка е од висока класа, свесни се колку и што можат, а дека некои противници немаат лимит, губеа и наивни поени, па и сетови, но македонските одбојкари играат чесно и кога не играат според своите можности. Дебитанти се на eвропските првенства, од сали со кошеви крај терените се префрлија на главната сцена, критики треба да има, но со нив и разбирање.

 

Против Финска, нашата репрезентација загуби меч што да не беше обвиткан со трема и со неискуство, во други услови ќе го добиеше.

 

Последиците се почувствуваа и во дуелот со Турција, тука македонската селекција можеше и требаше многу подобро и повеќе од еден нецелосен сет.

 

Дека е можно, потврди третиот сет со актуелниот шампион Русија. Гигантите според височината на одбојкарите, но и според квалитетеот и знаењето и се разбира историјата, беа принудени да исфорсираат за да бидат подобри на разлика.

 

Пред слободниот ден желбата беше една победа, но трите порази се суровата реалност којашто не го отвора патот кон убавото, ама реално недостижното осминафинале.

 

„Не можев да спијам деновиве затоа што имам чувство дека можевме да оствариме подобар ефект. На 20:17 за нас во првиот сет против Финска, мојот смеч е прецизен, судиите досудија поинаку, на ние не ја проверивме одлуката. Во некои клучни поени не бевме поставени правилно, а тоа се нијанси коишто носат одлука. Еве и во третиот сет против Русија покажавме дека можеме да играме, Јас сум таков, сакам да победам, тоа е дел од мојот карактер, но и сакам да верувам дека можеме без разлика на критиките што ги трпам за таквиот пристап. Се додека има теорија за пласман во осминафиналето, ќе верувам во таа можност“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

 

Белорусија е само едно место подобоарангирана на ЦЕВ листата, но нејзините одбојкари се сепак поискусни. Третпат се на континенталните шампионати без разлика што по осум меча се уште немаат победа. Тоа и за двете репрезентации ќе биде главниот мотив во утрешниот натпревар од 20 и 30. И во него македонските одбојкари нема да бидат фаворити, но ќе влезат со реални шанси за триумф. Условот и натаму ќе биде ист, само ако одиграат на горната граница на можностите, за секоја топка, за секој поен, затоа што сепак ова е Европско првенство на коешто никој ништо не подарува.

 

На четвртиот ЕУРО ден, во нашата група во Љубљана, Белорусија ќе игра со Финска, а Турција со Словенија. Преносите ќе одат на Собранискиот сервис на МРТ и на Првиот канал.

Одличен сет против Русија и очекуван пораз

 

Македонија – Русија 0:3 (15:25, 15:25, 28:30)

 

Сосема очекувано, македонските одбојкари загубија од Русија во три сета во третиот натпревар на Европското првенство. Актуелниот освојувач на годинашната Лига на нации, како и бранител на континенталната титула, одигра два лесни сета против нас, а потоа во третиот имавме две сет топки, па сепак “зборнаја” ја искористи петтата со што ја забележа третата победа. Кас нас, Никола Ѓорѓиев заработи 12, Милев 7, Љафтов 7, Маџунков 4, Николов 3, Деспотовски и Михаилов по 1 поен. Кај Русија, Волвич, Волково и Михаилов освоија по 11. Русите освоија 15 поени од блок.

 

Нашата репрезентација утре ќе одмора, а в понеделник ќе игра со Белорусија. Се уште постојат математички шанси за пласман во осминафиналето иако тоа не ги оптоварува македонските одбојкари коишто се насочени само кон добар настап против Белорусите. Во вторник ќе се сретнеме со Словенија.

Денеска на терен против руските одбојкарски ѕвезди

 

По поразите од Финска и од Турција, црвено-жолтите против првиот фаворит за пехарот

 

Најпрво пораз со позитивен впечаток против Финска, потоа пораз со бледа игра против Турција, а денеска на терен против Русија. Македонските одбојкари веруваа дека можат да остварат поинаков резултатски ефект по првите два натпревара на Европското првенство во групата во Љубљана, но брзо се соочија со квалитетот на врвното континентално ниво. Против Турција вчера во арената „Стожице“ изгледаше деке не можат да го преболат пропуштеното од дуелот со Финска, а тоа остави силна трага, па откако не успеаја во првите два сета, во третиот како воопшто да не играа, а тоа не смее да се случува.

 

„Криво ми е за третиот сет, изгледавме како да сме се предале, а не се предадовме, туку едноставно не одеше“, објасни техничарот на нашата селекција Филип Деспотовски.

 

Македонската репрезентација денеска ќе игра против Русија, актуелниот европски првак и освојувач на Лигата на нации. Тоа значи, во моментов, со најголемата светска одбојкарска сила. Тоа е шанса нашите да бидат на теренот со некои од најголемите одбојкарски ѕвезди. Дебитантскиот пласман на европските првенства ја носи оваа привилегија, без оглед каков ќе биде резултатот.

 

„Ние треба да ја одиграменашата игра, она што можеме, а за Русија нека мислат Американците и другите коишто се на нивно ниво“, вели Деспотовски

 

Шансите за посакуваното осминафинале се уште постојат, но по пет од 15 натпревари од групата „Це“ во Љубљана, тоа е тешко остварлива мисија. Сепак, натпреварите со Русија, со Белорусија и со Словенија не се безначајни, напротив! Националниот состав треба да го почитува планот во којшто со големи букви стоеше насловот „БОРБА“. Првиот од следните три теста е денеска од 17 и 30 против „зборнаја“. Преносот е на Собранискиот сервис на МРТ.

Втор пораз за Македонија на ЕП 2019

 

Два солидни и еден сет за брзо заборавање

 

Македонските одбојкари загубија од Турција со 3:0 (25:20, 25:23 и 25:13) во второто коло на Европското првенство. Само на моменти нашата репрезентација играше на нивото од вчерашниот дуел со Финска. Приемот не ни беше силна страна, не можевме да организираме напад според нашите потреби, а Турците тоа знаеја да го искористат. Капитенот Никола Ѓорѓиев не беше “свој” со само девет одвоени порни, Љафтов се обиде и повлече во вториот сет, но тоа беше премалку да се парира на Лагумџија и на Ѓунгор на другата страна на мрежата.

 

Во првиот сет, Македонија не искористи контра на 10:8, па противникот се одлепи на 16:10 и се беше јасно. Во вториот сет, почнавме добро, имавме предност поради напаѓачите квалитети на Никола Ѓорѓиев и на Љафтов, се држевме до 19:19, но пресудија сервисите на Лагумџија. Третиот сет воопшто не го игравме, бевме психолошки разбиени, а тоа треба да го избегнуваме без оглед на резултатите.

 

Утре ќе играме со европскиот првак Русија, потоа и со Белорусија и со Словенија, теорија за осминафинале се уште постои, но првите два натпревара покажаа дека тоа е малку веројатна опција.