Category: Европско првенство 2019

Традиционален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ (43.издание)

 

Силна конкуренција за соодветна подготовка на македонските одбојкари

 

По натпреварите со Романија на гости и со Шведска во Скопје, македонските одбојкари ќе ја проверат формата на 43-тото издание на традиционалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, којшто годинава е во функција на подготовката на настапот на претстојното Европско првенство, премиерно во нашата одбојкарска историја. Конкуренцијата е соодветна на предизвиците што ги очекуваат црвено-жолтите во арената „Стожице“ во Љубљана. Поради реномето на противниците, организаторот реши турнирот „Чајка“ овој пат да се одржи во Скопје, а не во Тетово, како што е вообичаено.

 

„Чест и привилегија е да се биде домаќин на толку силни репрезентации. Ќе ни гостуваат Белгија, Бугарија и Украина, а тоа е покана за љубителите на одбојката да дојдат во слата и да уживаат во натпреварите“, рече Ивица Хаџииљоски – Чајка, кој е организатор на меморијалниот турнир. Поради тоа што раководните луѓе на СРЦ „Кале“ не го испочитуваа потпишаниот договор и решија салата деновиве да ја користи ФК Шкупи за реазлизирање на меѓународните футсал активности, а институциите на државата беа немоќни да помогнат, одбојкарската селекција беше принудена да оди во „Градски парк“, иако тоа е неесодветен објект за настан на ова ниво.

 

Утре од 17 часот и 30 минути македонските одбојкари ќе играат со Украина, а од 20 и 15 ќе се сретнат Белгија и Бугарија. В сабота се натпртеварот за третото место и финалето. Македонската телевизија ќе емитува преноси на Првиот канал и на Собранискиот сервис.

15 дена до Европското првенство 2019 (Франција, Холандија, Белгија, Словенија)

 

Матијашевиќ: „Потребен ни е подобар прием и да ги надминеме ситните повреди“

 

По вчерашниот слободен ден, македонските одбојкари се вратија на тренинзите пред настапот на турнирот „Бранко Хаџииљоски Чајка“ којшто годинава ќе биде во рамки на подготовките за нашето премиерно учество на континенталните собири. Со Швеѓаните во „Кале“ во петокот победивме, а во неделата загубивме, во двата случаја во натпревари во пет сета, а селекторот Никола Матијашевиќ заклучува дека треба уште многу елементи да се подобрат за да играме на посакуваното ниво.

 

„Не сум задоволен со квалитетот на играта против Шведска. Имавме лош прием, тие доминираа во сервисот и тоа не смее да ни се случува. Наш најсилен елемент е нападот, а доколку немаме добар прием не можеме да организираме напад, немаме прво темпо, едноставно не можеме да играме. Јас дури мислев дека ќе биде полошо на вториот натпревар со оглед на отсуството на капитенот, но блокот беше подобар, па бевме рамноправни“, заклучува македонскиот стратег.

 

Одбојкарите утрово тренираа во сала за кревање товар, а попладне ќе работат со топка, но Матијашевиќ се уште има дилеми како да ги дозира подготовките, затоа што некои играчи се уште се жалат на повреди.

 

„Никола Ѓорѓиев е во ред, саниран е отокот на квадрицепсот поради којшто не играше на втората контрола со Швеѓаните, но либерото Дарко Ангеловски има стомачен вирус. Претходно со таков проблем се соочи Васе Михаилов, а Филип Маџунков се жали и на коленото и на рамото, но болките не беа од таква природа за да одмора против Шведска“, објасни селекторот Матијашевиќ.

 

До Европското првенство во Франција, Холандија, Белгија и во Словенија има уште 15 дена, а покрај во тренажниот процес, македонската репрезентација има простор за корекции на уште четири пријателски натпревари. В петок и в сабота во салата „Кале“ во Скопје ќе биде одржан традиционалниот 43-ти турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ на којшто гости ќе ни бидат Белгија, Бугарија и Украина. Во полуфиналето в петок, од 17 и 30 македонскиот национален состав ќе игра со Украина, а од 20 и 15 ќе се сретнат Бугарија и Белгија. Во истите термини в сабота се планирани мечот за третото место и финалето. Потоа, на 6-ти и на 7-ми септември ќе и гостуваме на Австрија во Сент Полтен, а на 12-ти во арената „Стожице“ ќе го одиграме првиот натпревар на Европското првенство. Противник ќе ни биде Финска, како увертира пред пресметките со Турција, со Русија, со Белорусија и со кодомаќинот Словенија.

Пораз на македонските одбојкари од Шведска

 

Повторно пет сета против “трите круни”

 

Македонските одбојкарки репрезентативци загубија од Шведска со 3:2 во подготвителен натпревар за настапот на претстојното Европско првенство, дебитантско за нас. За разлика од петокот, во салата на СРЦ “Кале” во Скопје, овој пат улогите беа променети, па Швеѓаните ни се реваншираа за поразот на идентичен начин, користејќи го фактот што во црвено-жолтиот табор не беа капитенот Никола Ѓорѓиев и либерото Дарко Ангеловски. Противникот го доби првиот сет со 25:21, ние вративме во вториот со 25:20, во третиот Шведска беше подобра со 25:20, нашите одбојкари повторно израмнија со 25:21, по што во решавачкиот петти сет гостите се радуваа со 15:13.

 

До крајот на подготовките за септемврискиот учество на континенталниот самит во групата “Це” во Љубљана, македонската селекција ќе игра на силниот турнир “Чајка” во Скопје в петок и сабота, а потоа во Сент Полтен двапати со Австрија.

Прва победа за македонските одбојкари во подготвителниот период за ЕП 2019

 

Ја совладавме Шведска со 3:2 (18:25, 25:21, 25:11, 14:25, 16:14)

 

Македонските одбојкари ја забележаа првата победа во серијата пријателски натпревари во подготвителниот циклус за ЕП 2019. Во салата “Кале” во Скопје, црвено-жолтите се радуваа против Шведска со 3:2 и ја почувствуваа триумфалната страст по долгиот период на напорни тренинзи на физички план во Маврово.

 

За разлика од двомечот на гостински терен со Романија минатиот викенд, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ денеска одиграа подобро иако се уште не се во посакуваната натпреварувачка форма. Сервисот се уште не е на највисоко ниво, недостасуваат поени од блок, а нападот беше продуктивен кога немавме проблеми со приемот. Во такви случаи, како во третиот сет, нападот заработи дури 15 поени.

 

Оттука, простор за корекции се уште има, а има и доволно време до премиерата на континенталниот собир којшто ќе биде дебитантски за нас. До одвај очекуваниот датум, 12-ти септември, кога во групата “Це” во Љубљана ќе играме со Финска, најпрво ќе има уште еден контролен дуел со Шведска в недела и утре заеднички тренинг, а потоа македонската репрезентација ќе одигра уште четири пријателски средби.

Три недели до почетокот на Европското првенство 2019

 

„Трите круни“ се во Скопје, на ред се контролите со Швеѓаните

 

По многу проблеми коишто не се гледаат, а значително влијаат на остварувањата на теренот, македонските одбојкари го реализираа не само нивниот, туку и сонот на сите претходни репрезентативни генерации. Успеаја да се пласираат на европско првенство, но желбата е кога се веќе таму, да се обидат да направат чекор повеќе, што би значело осминафинале на претстојниот континентален собир.

 

Откако одиграа два пријателски натпревара со Романија во Крајова, македонските одбојкарите тренираа во салата „Кале“, каде што утре и в недела од 17 часот и 30 минути ќе се тестираат против Шведска. За селекторот Никола Матијашевиќ тоа ќе биде уште една добра можност да ја провери формата на репрезентативците. Васе Михаилов има стомачен вирус и денеска не тренираше, а Марко Јуниор Стошиќ се уште ја санира повредата на стомачниот мускул. Во пресрет на продолжениот викенд во којшто со Швеѓаните имаме закажано заеднички тренинг в сабота, работат 14 одбојкари. Селекторот ќе има уште две средби за да реши кои играчи ќе го носат дресот на Европското првенство во септември. Најпрво на 30-ти овој месец со Украина во полуфиналето на турнирот „Чајка“, а ден потоа со Белгија или со Бугарија во зависност од резултатот од нивнот полуфинален дуел. На 5-ти и на 6-ти септември ќе и бидеме гости на Австрија во пријателските средби во Сент Полтен, а веќе на 12-ти ќе дебитираме на европските првенства. Прв противник во Љубљана ќе ни биде Финска, а ќе играме и со Турција, Русија, Белорусија и со Словенија.

Подобра игра, два освоени сета, но повторно пораз од Романците

 

Македонските одбојкари го загубија и вториот контролен натпревар со Романија во Крајова. Денеска во пет сета со 3:2 (23:25, 20:25, 25:18, 25:10, 15:12), иако по првите два водеа со 2:0.

За разлика од вчерашниот тест дуел во којшто нашата репрезентација беше поразена со 3-0, а потоа не успеа да го добие ниту дополнителниот сет, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ одиграа поквалитетно и отворија со 25:23 во првиот и со 25:20 во втроиот сет. Потоа противникот направи пресврт со 25:18, 25:10 и со 15:12 во решавачкиот петти сет. На денешниот натпревар техничар во нашите редови беше Ѓорѓи Ѓорѓиев, а мала минутажа на прмачка дијагонала доби и Александар Љафтов кој не играше вчера. По едномесечните подготовки во Маврово, овој двомеч беше прва проверка на формата на црвено-жолтите во престет на учестово на Европското првенство во септември, прво за нас во одбојкарската истирија. Резултатот не беше во прв план, па може да радува тоа што македонскиот национален состав напредуваше играчки и резултатски.

До дебито со Финска во салата „Стожице“ во Љубљана на 12-ти идниот месец, македонската селекција ќе одигра шест пријателски средби. Наредниот викенд во Скопје против Шведска, потоа на 30-ти и на 31-ви август е закажан традиционалниот турнир „Чајка“ на којшто ќе учествуваат Белгија, Бугарија и Украина, а на шест и на седми септември последната контрола нашите одбојкари ќе ја имаат во Сент Полтен на двомеч со Австрија. Покрај Финска, на премиерниот настап на еврошампионатите, противници ќе ни бидат и Турција, Русија, Белорусија и Словенија.

Македонските одбојкари загубија од Романија со 3:0

 

Нашата одбојкарска репрезентација претрпе пораз од Романија со 3:0 (25:17, 25:20, 25:22) во првиот од двата пријателски натпревара предвидени викендов во Крајова. По едномесечна изолација во Маврово, се почувствува фактот дека националниот состав подолго време немаше мечеви, туку дека работеше на физичката подготовка, а поради повредените играчи, се уште заостанува на тактичко-технички план.

Селекторот Никола Матијашевиќ во Крајова почна со Васе Михаилов како партнер на примачка дијагонала на Владо Милев. Александар Љафтов, кој е стандарден, остана на клупата. Филип Деспотовски играше како техничар, капитенот Никола Ѓорѓиев како коректор, на позиција среден блокер очекувано се најдоа Ристо Николов и Филип Маџунков, а Дарко Ангеловски беше либеро. Подоцна шанса добија и помладите, а како што одминуваше средбата, македонската репрезентација играше се подобро, но не успеа да освои сет.

Во договор на селекторите, имаше и четврти сет, а и во него Романците беа подобри со 25:17. Втората половина од двомечот е утре, по што македонскиот состав ќе се врати во Скопје и ќе ги продолжи подготовките за дебитантскиот настап на европските првенства, во септември во Љубљана.

По еден месец, македонските одбојкари го напуштаат Маврово

 

Милков, сепак, ќе биде со репрезентацијата во Романија

 

Македонските одбојкари денеска ќе ги завршат подготовките во Маврово, во пресрет на септемвриското Европско првенство, за нас историско поради дебитанскиот настап на нашата репрезентација. Откако се собраа на 14-ти јули, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ работеа на физички и на тактичко-технички план, а отсега преку пријателски натпревари ќе ја темпираат формата за учеството на континенталниот шампионат. Претстојниот викенд црвено-жолтите ќе одиграат двомеч со Романија во Крајова, а без разлика на најавите дека ќе остане во Скопје, сепак, Александар Милков ќе патува со националниот состав. Одбојкарот којшто игра на позиција примач, долго ја санираше повредата на коленото, подоцна се приклучи и се уште физички не е на потребното ниво, па многу веројатно е дека нема да ризикува и да игра против Романците. Поради повреда на стомачните мускули, во Крајова воопшто нема да патува техничарот Марко Јуниор Стошиќ.

Еден месец до почетокот на Европското првенство

 

Милков и Стошиќ нема да патуваат на пријателскиот двомеч со Романија

 

По две недели силни физички тренинзи и потоа уште две на тактичко-технички план, македонската одбојкарска репрезентација има само уште три дена работа во Маврово. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Јуниор Стошиќ. Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд. Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков. Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков се веќе во полна сила, а со помал интензитет тренира капитенот Никола Ѓорѓиев, но не станува збор за повреда којашто може да го спречи да настапи против Романија. Со репрезентацијата е и новиот асистент на селекторот Матијашевиќ, српскиот стратег Душко Николиќ, така што македонскиот национален состав е речиси комплетен пред пријателските средби коишто треба да бидат финална подготовка за настапот во Љубљана. По двомечот со Романија, одбојкарите ќе се вратат во Скопје каде што од 23-ти до 25-ти овој месец ќе одиграат два натпревара и ќе имаат еден заеднички тренинг со Шведска, а на 30-ти и на 31-ви ќе се тестираат на традиционалниот турнир „Чајка“ на којшто ќе учестуваат Белгија, Бугарија и Украина. Потоа следува уште еден двомеч, но на гостински терен во Австрија како последна проверка пред Европскиот шампионат. Значи, за разлика од Маврово каде што одбојкарите работеа изолирани, сега на ред е период со комбинација од тренинзи и од натпревари, така што втората половина од двомесечните подготовки би требало да помине побрзо. Главното е од 12-ти до 17-ти септември во Љубљана каде што македонската репрезентација ја заработи привилегијата првпат да се промовира на големата евросцена.

 

А откако ја минаа бариерата и го обезбедија континенталниот билет, нашите одбојкари сакаат ниво погоре, поинаку кажано, влез во осминафиналето на Европското првенство. За да се оствари целта, потребни се две победи, односно пласман до четвртото место во групата во арената „Стожице“. Таму пред нас ќе бидат Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќниот Словенија.

 

Турција и Белорусија играа во финалето на Златната европска лига и на тој начин го потврдија квалитетот. Русија ја освои Лигата на нации, а пласманот на Олимписките игри во Токио преку интерконтиненталните квалификации само ја истакна кандидатурата на „зборнаја“ да го одбрани европското злато на претстојниот септемвриски самит. На турнирот во Санкт Петербург Русите не загубија сет против Иран, Куба и против Порторико и очекувано ќе играат на Олимпијадата наредното лето, иако на квалификациите немаше потреба и не го користеа најсилниот состав. За разлика од нив, Словенија и Финска не го минаа филтерот, но доволно зборува самиот факт што се најдоа во друштво на 24 национални тимови коишто ги играа квалификациите минатите три дена. Словенците беа во исклучително силна група со Франција и со домаќиниот Полска, па успеаја да слават само против Тунис со 3:0. Од Французите загубија со 3:0, а против Полјаците играа добро, поведоа со 1:0, но во наредните три сета немаа сили, иако во два од нив резултатот беше на разлика. Финците, пак, кои се наши први противници на Европскиот шампионат во Љубљана, не освоија бод на турнирот во Нингбо во Кина, но заработија два сета, а тоа покажува дека ја коригираат формата во однос на настапот во Златната европска лига. Против Кина и против Аргентина загубија со 3:1, а од Канада со 3:0 што е реален епилог. Доколку, условно речено, неуспесите во последните две натпреварувања, во коишто не забележаа победа на девет натпревари, остават последици на психолошки план, тоа може да биде помош за македонските одбојкари во меѓусебниот дуел на отворањето на Европското првенство.

Душко Николиќ ќе му биде асистент на селекторот Матијашевиќ

 

Со македонските одбојкари ќе работи освојувач на бронза од ЕП 2017

 

Со оглед дека Ратко Павличевиќ има клупски обврски и по овој викенд ќе ја напушти репрезентацијата, нов асистент на селекторот Никола Матијашевиќ ќе биде Душко Николиќ. 45-годишниот српски стратег е освојувач на бронзен медал од последното Европско првенство во Полска пред две години, тогаш во улога на прв помошник на Никола Грбиќ во машката селекција на Србија. Николиќ ќе има задача да ја открива играта на противниците и да му помогне на Матијашевиќ во подготовката на македонскиот национален тим за настапот на континенталниот самит во Љубљана во септември.

 

По играчката кариера во Лучани, во Партизан, во Бамби, во Будванска ривиера и во Црвена Звезда, Николиќ се посвети на тренерската работа, а во првите две сезони водејќи ја Црвена Звезда двапати освои тројна круна, односно вкупно шест пехари. На меѓународната клупска сцена, пак, најголем успех му е пласманот во четвртиналето на Челенџ купот, откако со белграѓани го елиминираше Шамон – француската екипа којашто стана негова следна тренерска дестинација. Потоа работеше и во Финикас во Грција.

 

Душан Николиќ е уште еден адут на македонската репрезентација чијашто цел не е само да игра во „Стожице“, туку и да се обиде да ја мине групата во Љубљана во којашто се Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќинот Словенија. Базичните подготовки на одбојкарите во Маврово ќе траат уште една недела, по што националниот состав ќе оди во Крајова на пријателски двомеч со Романија, па ќе се врати во Скопје каде што најпрво ќе ја пречека Шведска, а потоа и Белгија, Бугарија и Украина на турнирот „Чајка“. Пред премиерата на Европското првенство со Финска на 12-ти септември, црвено-жолтите ќе и гостуваат на Австрија за глазура на формата. Осминафиналето станува проектирана цел, а за да стиге до него, македонската репрезентација треба да биде меѓу првопласираните четири селекции во групата „Це“.