Category: Вести

Очекувано финале, Данска ќе игра со Македонија за златото

 

Данците ја совладаа Унгарија со 3:1 (24:26, 25:17, 25:21, 29:27) во второто полуфинале на завршниот турнир од Европската сребрена лига и утре од 20 часот ќе играат со Македонија за златниот медал. Унгарците го освоија првиот сет со пресврт откако се вратија од резултат 24:22, но потоа беа немоќни да ги запрат расположените Јенсен, Кјаер и Мадсен, а за одбележување се и блоковите на данските центри коишто вечерва во салата „Парк“ го одиграа најдобриот натпревар сезонава.

 

Унгарија се обиде да дојде до 2-2 и да се избори и за петти сет, беше блиску до намерата, но откако пропушти пет сет-топки од коишто две во низа, а нивниот најдобар напаѓач Падар не реализираше, Данска заслужено се избори за прво финале во Европската лига. Македонските одбојкари ќе го одиграат четвртото и се надеваат на прво злато, додека, пак, со денешниот триумф, Данска првпат обезбеди медал во престижното натпреварување на ЦЕВ.

 

Утрешната програма во Струмица ќе почне со соочувањето за бронзата меѓу Хрватска и Унгарија од 17, а финалето е од 20 часот. Десетина минути пред тоа ќе почнат преносите на МРТ-3 каналот.

Време е за злато, македонските одбојкари ќе играат со Хрватска за четврто финале во Европската лига

 

Трите порази во финалните натпревари во периодот од 2015 до 2017, како и неуспехот на завршниот турнир во Скопје пред три години, создаваат притисок дека е крајно време златото да блесне на градите на македонските одбојкари. Ако се суди според квалитетот, црвено-жолтите се фаворити во пресрет на последните четири натпревари од Европската сребрена лига 2021. Во салата „Парк“ во Струмица, Македонија денеска ќе игра со Хрватска, а во второто полуфинале на завршниот турнир ќе се сретнат Данска и Унгарија. Против две од овие репрезентации имаме позитивен ефект, а единствено Хрватите можат да се пофалат дека имаат повеќе победи во меѓусебните пресметки. Но тоа е само уште еден мотив повеќе пред денешното соочување.

 

„Хрватска ја познаваме многу добро, јас играв таму, а пред три години бевме поразени во полуфиналето иако ги добивме првите два сета“, нашиот примач Александар Љафтов се сеќава на натпреварот во полуфиналето во 2018 по којшто Хрватите станаа првата селекција со златен медал во Европската сребрена лига. „Тие сега се со подмладен состав, но тоа не треба да биде мамка за нас, ние сме доволно искусни, играме подобро и покажавме дека напредувавме во последните неколку години“, вели Љафтов, еден од петтемина македонски одбојкари коишто беа во националниот состав на сите досегашни пет настапи во Европската лига. Кај Хрватска, во споредба со тимот од пред три години, тука се петмина играчи, но го нема коректорот Лео Андриќ, кој во „Кале“ одигра извонреден турнир.

 

Сите клучни податоци посочуваат дека Македонија е фаворит не само во денешното полуфинале, туку и за златото, но останува задачата да се одработи докрај, а за да се случи тоа, потребни се само уште две победи, првата во шестото полуфинале за нас во натпреварувањето на ЦЕВ. Преносите од денешните натпревари во Струмица се на МРТ-3 од 16 часот и 50 минути.

Пет победи во шест натпревари за македонските одбојкари, денеска очекуван триумф над Кипар со 3:1 (25:22, 25:18, 18:25, 25:22)

 

Македонските одбојкари минаа уште една важна етапа во Европската сребрена лига. Ја потврдија фаворитската улога против Кипар и со три победи на турнирот во Шлагелсе, а вкупно пет во шест натпревари, ја заработија првата позиција со што го оправдаа реномето во ова натпреварувачко друштво. Не беше ленсно ниту денеска против Кипар, кој остана на еден триумф, но без никаков притисок уживаше во дуелот сонас.

 

Почнавме со Деспотовски на позиција техничар и со Илиев на примачка дијагонала, затоа што немаше потреба да се ризикува со повредата на Милев. Другите во првиот состав беа стандардни, па во рамноправниот прв сет притиснаа кон крајот за 25:22. Во вториот Кипарците почнаа подобро, но за разлика од воведот, ние во тој сегмент грешевме помалку, па силата на црвено-жолтите дојде до израз за убедливи 25:18. Потоа се опуштивме и без оглед што имавме 11:9, противникот направи серија од 9:2 и намали со 25:18, а во четвртиот сет повторно на рутина, Македонија ја заврши работата со 25:22.

 

Капитенот Никола Ѓорѓиев со 26 поени беше наш лидер на теренот, Љафтов заврши со 11, а двоцифрен беше и Маџунков со 10. Девет имаше Илиев, Николов 8, а Деспотовски 2. Во колективната статистика бевме рамноправи според поените од напад, имавме идентичен број блокови, но полесно реализиравме контри, па тоа беше доволно за нов успех.

 

Остварена е уште една цел, но за конечната, а тоа е злато во евролигата, потребни се уште две победи. В сабота против Хрватска во полуфиналето во салата „Парк“ во Струмица, в недела против подобриот од пресметката меѓу првопласираниот во групата „Бе“ – Унгарија и Данска, која заврши зад нас во досегашниот дел од натпреварувањето. По три сребрени и еден бронзен медал, време е Македонија да го освои тронот.

Уште една победа, Македонија – Израел 3:1 (16:25, 32:30, 31:29, 25:23)

 

Израелците повторно беа достоен и тежок противник за македонските одбојкари, но ја славиме четвртата победа во петтиот натпревар во Европската сребрена лига. Црвено-жолтите побавно влегоа во мечот за разлика од вчерашното издание против Данците во Шлагелсе, а причина за тоа беше принудната замена во почетниот состав во којшто денеска беше Стојан Илиев на местото на Владо Милев. Израелците одиграа лесен прв сет, ние во него освоивме само 16 поени, речиси ништо не функционираше, но потоа македонските репрезентативци најдоа начин да се вратат и да ги поправат сите елемнти. Сервиравме подобро, примавме подобро, извадивме топки во одбраана, почнавме да напаѓаме со поголема ефикасност иако нападот не ни беше толку успешен како во средбата со Данците.

 

Потоа решаваа неколку работи, блокот на Љафотв над коректорот Давид за крај на вториот сет и за израмнување, спасените две сет-топки на 24:22 во третиот во којшто по исклучувањето на капитенот Никола Ѓорѓиев поради протест, успеавме да издржиме и со поен на Лука Ккстиќ да дојдеме до предност од 2-1, како и блокот на Ѓорѓи Ѓорѓиев над Давид во серијата од 4:0 од моментот кога Израел поведе со 23:21 во четвртиот сегмент од средбата.

 

Во колективната статистика имавме помалку поени од напад, но подобар блок и помалку грешки, а издивидуалната ја предводеше Никола Ѓорѓиев со 21 поен, пред Љафтов со 17, Николов со 10, Илиев со 7, Ѓорѓи Ѓорѓиев со 6, а Костиќ со 1. Сега останува утре да ја потврдиме првата позиција во групата против Кипар, а потоа да се подготвуваме за завршниот турнир во Струмица наредниот викенд, Доколку сме водечки во групата „А“, а најверојатно ќе биде така, во полуфиналето ќе играме со второпласираниот состав од конкуренцијата „Бе“.

Почнува вториот турнир во Европската лига, Данска – Македонија на МРТ-3 од 18 часот и 50 минути

 

Победа и реванш се двата најспоменувани збора за македонските одбојкари пред денешната пресметка со Данците, прва од вториот турнир во Европската сребрена лига. Резултатот не значи ништо во насока на пласманот на завршниот во Струмица, но иако главно се најважни, бројките не се единствениот значаен показател во спортот. Се игра и за личното реноме, за потврда на вистинската концепција, за постојаниот раст на тимот во глазурата на формата, конечно и никако последно, се игра за Македонија.

 

„Овие натпревари ни се контролни пред почетокот на елиминациската фаза, ќе се обидеме да дадеме максимум и да ја кренеме самодовербата за да влеземе подготвени на завршниот турнир. Сакаме да го освоиме златото“, категоричен е Владо Милев.

 

Билансот против Данска ни е 6-2 во евролигата. Но знаејќи дека секој поен е различен од другиот и не доаѓа сам од себе, во Шлагелсе традицијата не мора да значи ништо, особено што противникот има реновиран состав во споредба со претходните натпревари. Затоа вистински репер е играта во Струмица во неделата кога Данците славеа со 3-0.

 

„Сите знаеме дека овој натпревар и целиот турнир не ни се важни, но ние сакаме да покажеме дека не сме дојдени неподготвени. Се надевам дека вечер ќе покажеме квалитет и дека ќе победиме со 3-0“, вели Александар Љафтов.

 

Денеска против Данска од 19 часот со пренос на МРТ-3, утре против Израел и в недела против Кипар, македонските одбојкари ќе играат без камери во салата. Одбојката нема секаде идентичен третман, ниту сите федерации се исти, ниту сите телевизии се исти. Финалниот турнир во Европската сребрена лига на 5 и на 6 јуни значи нова можност да се изнагледаме одбојка на Македонската радиотелевизија. Се надеваме со радост за освоено злато, повеќе од заслужено по три сребра и една бронза во натпреварувањето на ЦЕВ.

Пораз од Данска во Европската сребрена лига

 

Македонските одбојкарски репрезентативци загубија од Данска со 3:0 (25:21, 25:23, 26:24) во третото, последно, коло од првиот турнир во групата „А“ од Европската сребрена лига 2021. За разлика од вчера кога исто така со недоволно добра игра го совладавме Израел, вечерва во салата „Парк“ во Струмица, не можевме да се извлечеме. Данците сервираа извонредно, го оптоварија нашиот прием, постојано бевме во грч, не можевме да организираме напад, блокот на ривалот ја заврши работата, а младите дански одбојкари имаа голема самодоверба и ја решетаа нашата немоќна одбрана.

 

„Тажен сум поради поразот, мора да изанализираме добро и да почнеме да се поправаме. Не сакам да ни се случи 2018 кога губевме во група и дојдовме на завршниот турнир со мала самодоверба. Сега треба да одиме во Данска да се реваншираме, а за да го сториме тоа, ние мора да ја играме основната игра. Признавам дека тие вечерва беа одлични, но и ние им помогнавме“, изјави македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој и овој пат беше наш најефикасен одбојкар. Го следеа Љафтов и Николов, но тоа не беше на ниво за да се неутрализира ефектот на данскиот коректор Јенсен, на стандардните примачи Кјаер и Мадсен, а во средбата со нас на повисоко ниво беа и средните блокери и искусниот техничар Јакобсен, па Данска славеше вторпат во осмиот меѓусебен дуел во Европската лига.

 

Во другиот натпревар денеска, Израел потешко од очекувањата го совлада Кирар со 3-2 и ги задржа шансите за настап во полуфиналето, но според првите три кола, Данска има значително поголеми шанси затоа што е и домаќин на вториот турнир од петок до недела во Шлагелсе, Таму, првиот меч нашите одбојкари ќе го одиграат со Данска, а преносот ќе оди на МРТ. Амбицијата на македонскиот национален тим ќе биде да се достигне вистинската форма за учеството на завршниот турнир на којшто ние сме пласирани без оглед на резултатите.

Финалето на струмичкиот турнир е против Данска, одиме на три од три

 

Откако ја исполнија целта и остварија две победи со максимални шест бода против Кипар и против Израел, македонските одбојкари денеска ќе играат со Данска, нашиот главен ривал во битката за првото место во групата „А“ од Европската сребрена лига 2021. Данците имаат за нијанса послаб ефект од нас, но сепак триумфираа во двата настапа, со забелешка дека против Израелците освоија само два бода што значи дека се уште има математика којашто може да ги оддалечи од посакуваното враќање во Струмица за учество на завршниот турнир од натпреварувањето на 5 и на 6 јуни.

 

„Нозете ни се тешки, тоа го покажа натпреварот со Израел, но игравме подобро од првиот натпревар, а тоа е планот. Да ја креваме формата, притоа да победуваме и да бидеме во вистинско руво кога ќе биде најпотребо, а тоа е за елиминациската фаза“, изјави Ристо Николов по одличното издание во пресметката со Израелците на којашто имаше 16 поени, девет од напад, пет блока и два аса. Тој не играше во последното соочување со Данците во полуфиналето на тогашната единствена Европска лига на ЦЕВ, кога на гостински терен во Гентофте, македонската репрезентација славеше со 3-2 откако ги загубивме првите два сета.

 

„Не можам да објаснам зошто секогаш почнуваме послабо отколку што реално можеме, но нека се редат победите со наша подобра игра на секој натпревар, а тоа ќе биде доволно за да стигнеме до златниот медал“, вели Александар Љафтов, кој е еден од деветтемина во нашиот состав што настапија на последниот дуел со Данска во 2017. Денешниот ќе биде осми меѓусебен во Европската лига, а Македонија има превласт со шест победи и само еден пораз, во 2015 во групната фаза во Скопје. Преносот е на МРТ-3 каналот од 19 часот и 50 минути, а претходно, во мечот на селекциите без успех досега, Израел ќе биде фаворит против Кипар.

По три финалиња, македонските одбојкари тргнуваат по злато во ЦЕВ Европската сребрена лига

 

Со големи амбиции и нескриени желби четирите национални тимови од денеска до недела ќе го одиграт првиот турнир во групата „А“ од ЦЕВ Европската сребрена лига 2021. Секој од нив посакува да се врати во салата „Парк“ во Струмица за завршниот турнир на 5 и на 6 јуни, а знаејќи каква е конкуренцијата, тоа воопшто нема да биде лесна задача. Македонските одбојкари важат за фаворити со оглед дека се единствени во групата со обезбеден пласман на претстојното Европско првенство, квалификациите беа непремостлива пречка за Израел и за Кипар, а Данска ќе биде исклучително мотивирана да оствари позитивен резултат затоа што по подолго време се враќа на терените откако не учествуваше во квалификациите за континенталниот самит. Во денешното прво коло, Кипар ќе игра со Данска, а Македонија со Кипар.

 

Нашиот состав е најдоброрангиран, на минатите натпревари оствари победи против репрезентации со реноме како Словенија, Турција и Белорусија, а во составот го има капитенот Никола Ѓорѓиев кој во долг времески период имаше интернационална кариера за почит. Сепак, победите не се добиваат на подарок, дури и во натпревари на домашен терен, или, пак, во ситуација кога црвено-жолтите сигурно ќе бидат полуфиналисти затоа што ОФМ ја одби довербата на ЦЕВ да го организира завршниот турнир.

 

„Ние сме во одлична серија резултати. Ако се сметаат натпреварите на дебитантското европско првенство за нас, во 2019 во групата во Љубљана, како и квалификациите за претстојното во септември, ние имаме пет победи на последните шест меча. Тоа е обврска за нас да играме максимално и во групната фаза од Европската сребрена лига, а потоа на завршниот турнир да дојдеме до златниот медал. Тоа ќе биде одлична најава за Европското првенство 2021“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој досега трипати го предводеше тимот во финалето на Европската лига, но ниту еднаш до победа. Словенија, Естонија и Украина беа подобри во финалните натпревари од 2015 до 2017. Наредната година, на завршниот турнир во Скопје, македонската репрезентација не го мина полуфиналето на домашен терен иако водеше против Хрватска со 2-0 во сетови. Во годината кога првпат беше организирана Европската сребрена лига, македонските одбојкари завршија на четвртото место што беше недоволен резултат, па сегашното натпреварување е нова шанса за да се направи толку посакуваниот чекор. Со оглед на сите околности, златото е единствениот резултат што македонскиот тим ќе го смета за успех по 46 досегашни натпревари во Европската лига со биланс 32 победи и 14 порази.

 

Другите репрезентации од групата „А“ немаа олку значајни резултати ниту во Европската сребрена лига, ниту во квалификациите за континенталните собири, а и против Македонија имаат негативен биланс во меѓусебните пресметки. Но и тие имаат свои планови, а турнирот во Струмица ќе ги даде првите показатели за тоа дали очекувањата се реални или ги надминуваат можностите.

Во Европската сребрена лига само Хрватска може да ни биде противник со обезбеден пласман на ЕП

 

Пријателските натпревари против Србија исполнија повеќе цели на македонските одбојкари пред предизвикот во Европската сребрена лига. Тешките тренинзи за компензација на прекинатиот работен процес по завршувањето на клупската сезона не можеа да дадат вистинска слика за формата на националниот состав, но контролите со европскиот првак беа реален показател дека националниот состав може да се чувствува фаворит за златниот медал во шестиот настап во натпреварувањето на ЦЕВ. Данска, Израел и Кипар треба да бидат загревање за вистинскиот предизвик на завршниот турнир на којшто од другата група за очекување е да играат Хрватска, Австрија, или, пак, Унгарија. Хрватите викендов ја завршија задачата и обезбедија пласман на септемвриското Европско првенство, Австријците не успеаја во јануарските квалификации, па за нив Сребрената лига е единствена шанса за да ја оправдаат годината, а Унгарците, исто така, ќе бараат мевлем за фактот што повторно нема да бидат во друштво на 24-те најдобри репрезентации во Европа.

 

Во мајскиот квалификациски циклус, покрај Хрватите, таа привилегија ја заработија Белорусија, Португалија, Словачка, Холандија, Грција, Црна Гора и Шпанија која го чекаше епилогот на сите групи. Претходно, Турците, Бугарите, Летонците, како и Македонија вторпат едноподруго и воопшто во историјата, обезбедија влез во реномираната европска конкуренција во којашто се и четирите коорганизатори и селекциите од првиот ешалон. Ждрепката за групите е на 27.овој месец во Хелсинки, токму како дополнителна инспирација за учеството на турнирот во Шлагелсе, втор во нашата група „А“ од Европската сребрена лига. Првиот, како и завршниот ќе бидат во Струмица. Од 21-ви до 23-ти Македонија ќе игра со Кипар, со Израел, па со Данска како наш најсериозен ривал. Реномето обврзува победнички крај не само на групната фаза, туку и на целата лига, а тоа ќе биде вистинска инспирација за остварување на другиот план – осминафинале на Европското првенство.

Рамноправен натпревар и втор пораз од Србија со 3:1

 

Македонските одбојкари загубија од Србија и во денешниот втор тест за настапот во Европската сребрена лига. Исто како вчера во Врњачка бања, европскиот првак и денеска беше подобар и во Велико Градиште, исто така во четири сета (25:17, 28.26, 23:25, 25:23), но нашата репрезентација имаше уште една голема можност да ги провери силите пред обидот да ги оствари амбициите и првпат да триумфира во натпреварувањето во коешто играше три финалиња.

 

Србија настапи во променет состав, но со Јововиќ, Крсмановиќ, Ковачевиќ, така што селекторот Матијашевиќ уште еднаш можеше да ја тестира формата на црвено-жолтите против една од најдобрите светски репрезентации.

 

„Ние имамвме имавме само осумдневни тренинзи, нозете се уште се тешки, но нашата цел е да бидеме во полна сила на завршниот турнир на 5-ти на 6-ти јуни. Задоволен сум што во овие два дена игравме со толку квалитетна репрезентација како Србија, затоа што само со вакви натпревари можеме да напредуваме на ниво за да обезбедиме осминафинале на ЕП 2021“, изјави капитенот на македонска селекција Никола Ѓорѓиев.