Category: Вести

Европскиот првак беше поуспешен од македонскиот национален состав со 3:1

 

Македонските одбојкари претрпеа очекуван пораз од европскиот првак Србија со 3:1 во првиот од двата гостински теста пред настапите во Европската сребрена лига. Другиот натпревар е утре, но без оглед на резултатот, нашата репрезентација ќе има силен репер за формата во оваа подготвителна фаза

 

Црвено-црните денеска во Врњачка бања го загубија првиот сет со 25:19, вториот со 25:20, а третиот со 25:18. Потоа селекторите решија да одиграат уште еден, а во него нашиот тим беше подобар со 25:21. Македонскиот кормилар Матијашевиќ почна со Деспотовски на позиција техничар, со капитенот Ѓорѓиев како коректор, со Љафтов и со Милев на примачка дијагонала и со центрите Николов и Маџунков. Либеро беше Ангеловски. Во споредба со јануарските квалификации на коишто вторпат обезбеди пласман на еврошампионатите, во македонската репрезентација не беа Андонов и Николовски.

 

Македонските одбојкари утре ќе имаат уште шанса за квалитетна проверка на сопствената подготвеност затоа што ќе играат со бе-тимот на Србија, но во Велико Градиште. Потоа ќе се вратат во Струмица за да ги одработат завршните тренинзи пред шестиот настап во Европската сребрена лига. Првиот турнир од неа е од 21-ви до 23-ти мај во салата „Парк“, а македонскиот состав ќе игра со Данска, со Кипар и со Израел. Без разлика на резулатите во групната фаза во којашто организатор на турнир ќе биде и Данска, Македонија ќе биде дел од завршниот на најдобрите четири, затоа што одбојкарската федерација ја доби довербата да го организира елиминацискиот сегмент. Во сегашните околности само освојувањето на Европската сребрена лига може да се толкува како успешен резултат за македонските одбојкари.

Македонските одбојкари од денеска се во Врњачка бања, следуваат два теста со Србија

 

Во подготвителниот период за настап во Европската сребрена лига, македонските одбојкари ќе одиграат два натпревара со континентланиот првак Србија. На првата контрола во Врњачка бања утре, како и на втората во Велико Градиште в петок, селекторот Никола Матијашевиќ ќе настапи со 15 репрезентативци. Стандардно на позицијата техничар ќе бидат Филип Деспотовски и Ѓорѓи Ѓорѓиев, Стојче Арсов ќе му биде замена на капитенот Никола Ѓорѓиев како втор коректор, средни блокери се Ристо Николов, Филип Маџунков, Славе Наков и Филип Савовски, либера Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев, а примачи Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов.

 

Од играчите коишто се на списокот со дваесетмина и тренираа во Струмица од собирот на трети овој месец, ги нема Иван Андонов, Филип Николовски, Стефан Алексов, Ефтим Ричлиев и Филип Лепидовски. Во споредба со јануарските квалификации на коишто македонскиот национален тим избори второ учество на европските првенства, во насока на најтесниот круг за ротација, единствена промена е Костадин Ричлиев на местото на Филип Николовски.

 

Првиот тест натпревар со Србија е утре од 17 часот, а вториот е закажан со почеток во 19 часот.

Македонските одбојкари ја почнаа двојната европска мисија, целта е злато во Европската лига и осминафинале на ЕП 2021

 

По три финалиња во Европската лига и одлична промоција со две победи во дебитантскиот настап на континенталните самити, како и остварената цел во јануарските квалификации за претстојното Европско првенство, македонските одбојкари создадоа реноме коешто им дава право да сметаат дека на секој нареден настан треба да одат чекор напред. Во случајот со Европската сребрена лига тоа значи освојување златен медал, особено што завршниот тунир ќе биде кај нас, исто како и во 2018.

 

За разлика од последниот квалификациски циклус, во националниот состав на селекторот Никола Матијашевиќ сега се уште шестмина, вкупно 20 репрезентативци. Тренинзите ќе бидат во салата „Парк“ во Струмица каде што ќе бидат одиграни средбите од првиот турнир во нашата група „А“, како и завршниот на најдобрите четири тима. Фактот што црвено-жолтите се сигурни учесници на него, овозможува да играат без преголем резултатски притисок на шесте натпревари во групната фаза, а со тоа постепено да ја градат потребната форма за последните два меча од Европската сребрена лига 2021. Во групата „Бе“ се Хрватска, која го освои златниот медал во 2018 во Скопје, Унгарија, Австрија и Луксембург.

 

„Ова ќе биде долг репрезентативен период и задовоство е што ќе го почнеме со учество во Европската сребрена лига во којашто се враќаме по три години. Сакаме да го освоиме првото место, а потоа ќе размислуваме за Европското првенство во септември. Абициите се јасни и верувам дека се остварливи“, убеден е капитенот Никола Ѓорѓиев.

 

„Притисокот сега е на играчите затоа што по подолг период се враќаме во градот на одбојката – Струмица, а струмичката јавност заслужува да се радува на голем одбојкарски резултат. Но големите тимови ваквиот притисок го користат во своја полза и се надевам дека ќе биде така и со нас“, вели генералниот секретар на ОФМ Зоран Карановиќ.

 

„Се радувам што по седум години македонската одбојкарска репрезентација ќе игра во салата од каде што потекнуваат повеќе од половина од нашите играчи. Тоа за нив ќе биде голем мотив да ги остварат плановите иако нема да биде лесно. Но јас верувам дека националниот состав има квалитет да го освои златото, а тоа да биде најава за нови успеси на големата европска сцена“, изјави потпретседателот на ОФМ Стојан Иванов.

 

„Јас лично верував во овој тим постојано, дури и кога резултатите не беа според нашите очекувања. Но сега мислам дека созреавме сите, од играчите во репрезентацијата, до Федерацијата, па и целиот одбојкарски амбиент, така што за мене првиот чекор треба да биде успешно финале во Европската сребрена лига“, прецизен е потпретседателот на ОФМ Ивица Хаџииљоски.

 

„Во период од повеќе од една деценија се променија многу работи кога се во прашање ваквите собири. Сега сме во ситуација да планираме големи резултат, а притоа оптимизмот да не биде базиран на желби, туку на она што го направивме во претходните години“, рече претседателот на ОФМ Петар Јовановски.

 

Во текот на подготвителниот период во план се и неколку пријателски натпревари, но се уште се чека потврда на можните противници и на термините. Извесно е дека репрезентацијата ќе биде заедно до седми јуни, а потоа ќе има одмор до почетокот на јули за кога се предвидени подготовките за претстоното Европско првенство, втор за нас по она во Љубљана пред две години кога против Белорусија ја забележавме премиерната победа на континенталните собири, а потоа славевме и над актуелниот европски вицепрвак Словенија. Токму тие резултати се мотивација за ново поместување на резултатската граница.

 

Прв турнир, Струмица:

21.мај (петок)
17.00 Данска – Израел

20.00 МАКЕДОНИЈА – Кипар
22.мај (сабота)
17.00 Данска – Кипар
20.00 МАКЕДОНИЈА – Израел

23.мај (недела)
17.00 Израел – Кипар
20.00 МАКЕДОНИЈА – Данска

Втор турнир, Шлагелсе (Данска):

28.мај (петок)
16.00 Израел – Кипар
19.00 МАКЕДОНИЈА – Данска

29.мај (сабота)
16.00 Израел – МАКЕДОНИЈА
19.00 Данска – Кипар

30.мај (недела)
16.00 Кипар – МАКЕДОНИЈА
19.00 Данска – Израел

Два пораза на македонските репрезентативки на Мајскиот турнир – трофеј на Белград

 

Во подготвителниот период за настап на Европското првенство во 2022, македонските одбојкарки до 19 години деновиве ги минуваат во Србија каде што најпрво тренираа во Обреновац, а денеска исчекорија и на 56.издание на традиционалниот Мајски турнир – трофеј на Белград. Во салата „Жарково“, избраничките на селекторот Ненад Михајловиќ ги загубија двата групни натпревара со Ваљево и со Белград 2 со по 2:0, а тоа значи дека утре и задутре ќе играат за пласман од 13-18 место.

 

„Двата меча беа одлична контрола за нас, исто како и оние претходно со пионерската репрезентација на Србија. Евидентно е дека ќе мора да работиме уште посилно затоа што треба да се напредуваме во сите сегменти. Противниците беа подобри од нас, физички доминираа, а ние имавме и психолошка бариера, така што не можевме да оствариме подобари резултати“, вели координаторката за женска одбојка кај нас Емилија Терзиевска.

 

По натпреварите викендов, македонскиот национален состав за одбојкарки до 19 години ќе се врати во Обреновац и ќе одржи уште неколку тренизни за заокружување на оваа подготвителна сесија.

Македонските одбојкарки ги продолжуваат подготовките за ЕП 2022

 

По тренинзите во Обреновац, натпревари на Мајскиот турнир во Белград

 

Македонската репрезентација за одбојкарки до 19 години е на подготовки во Србија каде што во наредните три дена ќе учествува на 56.издание на традиционалниот Мајски турнир – трофеј на Белград. Селекторот Ненад Михајловиќ за оваа акција одреди 16 одбојкарки коишто од завчера тренираат во Обреновац, по што утре во салата „Жарково“ ќе играат со екипите на Ваљево и на Белград 2 во рамки на групната фаза, а потоа во зависност од пласманот ќе ги добијат противниците за двата дена од викендот.

 

„Во Обреновац дојдовме во вторникот и оттогаш максимално го користиме времето за тренинзи и за тренинг-натпревари. Наутро работиме по два ипол часа, а навечер играме уште подолго со пионерската репрезентација на Србија, така што во сала сме по 5-6 часа дневно. Денеска ќе одиме за Белград за да учествуваме на Мајскиот турнир на којшто годинава ќе настапат 18 екипи во женска конкуренција. Тоа ќе биде добра подготвка за нас за да го провериме на терен тоа што го одработевме досега во тренажниот процес“, вели координаторката за женска одбојка кај нас Емилија Терзиевска.

 

И покрај силното темпо, во нашиот состав нема здравствени проблеми, па селекторот Михајловиќ може да смета на целокупниот персонален потенцијал. По натпреварите на турнирот во Белград, на којшто учествува и комбинирана селекција на Струмица, исто така во женска конкуренција, македонската репрезентација ќе работи уште два дена во Обреновац.

 

Стручниот штаб во којшто покрај селекторот Михајловиќ и координаторката Терзиевска, се и асистентите Емилија Јаничиќ и Никола Јаневиќ, за оваа акција ги одреди следниве 16 одбојкарки: Ива Чадиковска, Мери Бошковска, Анастасија Овнарска, Ива Стојкоска, Надица Антеска (Јанта волеј Форца), Ана Јаничиќ, Теодора Шукуловска,Зорана Станковска, Марија Василевска (Вардар ЕМ), Меланија Каралиоска, Михаела Цветановска (Пелистер волеј), Мила Вакувска (УГД Студент), Мила Долдурова (Струмица жени), Добрина Хаџи Тосева, Тинка Недева, Марија Пакетова (Наковски волеј).

Селекторот Матијашевиќ го објави списокот одбојкари за настапот во Европската сребрена лига

 

Проверени сили и повторно шанса за помладите одбојкари, со еден збор, селекторот Никола Матијашевиќ направи стандарден избор на кандидати за репрезентацијата за претстојниот настап во Европската сребрена лига на ЦЕВ. Подготовките ќе почнат на 3.мај – понеделник, целосно ќе се одвиваат во Струмица, а на нив повикани се 20-мина играчи, покрај оние коишто го носеа црвено-жолтиот дрес на јануарските квалификации за ЕП 2021, во конкуренција сега ќе бидат уште шестмина.

 

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев

Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стефан Алексов, Стојче Арсов, Иван Андонов (коректор / блокер)


Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ


Блокери: Ристо Николов, Филип Маџунков, Славе Наков, Филип Савовски, Филип Лепидовски


Либера: Васе Михаилов, Дарко Ангеловски, Филип Николовски, Костадин Ричлиев


Резерви: Марко Јуниор Стошиќ и Давид Стојанов (техничари), Тино Шулајковски и Михајло Мирасчиев (блокери)

 

Македонските одбојкари се во групата „А“ со Данска, со Израел и со Кирар, а во групата „Бе“ се првиот победник во натпреварувањето – Хрватска, која триумфираше на завршниот турнир во „Кале“ во Скопје во 2018, потоа Луксембург, Унгарија и Австрија. Севкупно, откако ЦЕВ ја формираше Европската лига во 2014, нашата репрезентација учествуваше петпати едноподруго и освои три сребрени (2015, 2016 и 2017) и еден бронзен медал (2014). Во 2018 завршивме четврти, во 2019 не бевме дел од оваа конкуренција, а лани немаше натпревари поради пандемијата. Оттука, овој пат целта е да се освои првото злато во Европската (сребрена) лига, а тоа да биде вовед кон нов успешен резултат на континенталните самити. Шансите за тоа се зголемени затоа што македонските одбојкари сигурно ќе играат на завршниот турнир за титулата со оглед дека ОФМ ја доби довербата за организација на полуфиналните и на средбите за медал, а исто така, кај нас ќе биде одржан и првиот турнир од групната фаза. Во периодот од 21-23 мај во салата „Парк“ ќе гостуваат Израелците, Кипарците и Данците, кои се домаќини на вториот турнир од 28-30 мај во Шлагелсе. Најдобрите четири екипи во натпреварувањето ќе се надмудруваат за медалите на турнирот во Струмица на 5-ти и на 6-ти јуни.

Уште едно ЕП за македонските одбојкари, ОФМ ќе биде коорганизатор на машкото сениорско Европско првенство 2023

 

Македонската одбојка ја доби честа и одговорноста да организира една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023, а тоа значи дека македонските одбојкари третпат по ред ќе учествуваат на континенталните самити. Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев, на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, како и на челниците на македонската одбојка, претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Стојан Иванов и генералниот секретар Зоран Карановиќ, лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ. На денешниот состанок во Владата, премиерот Заев даде целосна поддршка за организација на еврошампионат, по што Административниот борд на ЦЕВ треба само формално да ја потврди одлуката.

 

„Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, рече Боричиќ.

 

Успехот на ОФМ да ја заработи довербата на ЦЕВ и да добие поддршка од Владата значи резултатска постојаност и отвора нови опции за развојот на одбојката кај нас. По двете победи на премиерниот настап на големите турнири, меѓу кои и онаа над континенталниот вицепрвак од 2019 – Словенија, како и пласманот на претстојното Европско првенство во септември годинава, доделената организација на една од групите на Европскиот шампионат во 2023 ќе му овозможи на македонскиот национален состав повторно да биде во елитното друштво.

 

„Силно го поздравуваме лидерството на Одбојкарската федерација на Македонија предводена од Петар Јовановски за активното учество во европската конфедерација. Со помош на Владата, тие успеаја да ја направат Федерацијата пофункционална, да го зголемат капацитетот за организирање врвни настани и да овозможат подобри резултати за своите спортисти“, изјави претседателот на ЦЕВ по средбата со премиерот Заев.

 

„Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица“, рече македонскиот премиер Заев.

 

Добрата вест од ЦЕВ е предвесник на периодот предвиден за машката сениорска репрезентацијата којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот тунрир од неа од 21-23 мај, како и завршниот на 5 и на 6.јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал. Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.

Кулминација на сезоната кај одбојкарките, мајсторката меѓу Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода на МРТ-3 од 17 и 25

 

По вкупно шест меѓусебни пресметки сезонава, една од нив во финалето на купот и три во финалната серија од првенството, одбојкарките на Вардар жени 2019 и на Јанта волеј Кисела вода за шампионскиот престол ќе решаваат во еден единствен натпревар. Мајсторката во финалето на Првата лига е во населбата Ченто во Скопје, а кој ќе победи денеска ќе ја заработи привилегијата да го крене пехарот. За црвено-црните би бил прв во кратката историја на клубот, а за ривалот трет по двата во 2017 и 2019.

 

Јанта волеј Кисела вода во понеделникот имаше меч-топка да ја заврши низата со 3-1 во победи и да ја запечати двојната круна за натпреварувачката 2020/21. Не успеа, вардарки се извлекоа и ја задржаа предноста на домашен терен во битката за врвот. Откако загубија на три средби едноподруго, иако не блескаа, триумфираа во Кисела вода, израмнија на 2-2 во финалето прекинувајќи ја успешната низа на противничките од три победи во меѓусебните соочувања. Параметрите покажуваат дека е тешко да се прогнозира, вардарки имаат персонални проблеми, неизвесно е дали и колку воопшто може да придонесе Марија Лазарова, која се повреди на претходниот дуел, но дури и да може да игра без ограничување, извесно е дека домашниот состав нема да ја формира најдобрата двојка на блокерската позиција. Јанта волеј Кисела вода има подобри бројки во сите елементи освен во грешките на сервис, па тоа е една од нијансите којашто може значително да влијае на резултатот. Освојувачките на годинашниот куп делуваат подобро во одбрана, па доколку успеат да го нападнат противничкиот прием, а со тоа да оневозможат организиран напад, тогаш ќе бидат многу поблиску до успехот. Но како и да е, многу работи ќе зависат и од психолошката подготовка, затоа што на претходните мечеви имаше премногу осцилации не само во текот на еден натпревар, туку и во сетовите, па постојаноста во играта е уште еден предуслов за решение, како што без сомневање се и подарените поени.

 

Според сево ова, пред нас е интересен натпревар во којшто секој поен може да го одреди текот на мајсторката од финалната серија во разигрувањето. Во него Вардар жени 2019 влезе со почетна предност од 1-0 како подобар тим од полуфиналната двојка 1-4, но потоа Јанта волеј Кисела вода славеше двапати, а црвено-црните израмнија на 2-2. Сезоната кулминира денеска, а преносот е на МРТ-3 од 17 часот и 25 минути.

Џио Струмица повторно на врвот, осма шампионска титула во клупската историја

 

Одбојкарите на Џио Струмица ја продолжија доминацијата во македонската одбојка откако ја освоија шампионската титула и во сезоната 2020/21. Во вториот натпревар од финалето на Првата лига, тие го совладаа Универзитет во Тетово со 3:1 (25:21, 25:18, 20:25 25:15) и со 3-0 во победи ја затворија серијата во којашто влегоа со почетна предност од 1-0 заработена поради тоа што беа победничка екипа од полуфиналната двојка 1-4.

 

За разлика од натпреварот во петокот во Тетово, Џио Струмица денеска почна со видлива решителност да ја заврши работата и на домашен терен во салата „Парк“ осмипат да се качи на шампиониот трон. Два од четирите сета минаа во целосна доминација на струмичани кои го прославија 16.пехар во клупските витрини. Од 2021 досега, во седум од вкупно деветте сезони Џио Струмица ја заработи двојната круна како што беше и во оваа сезона. Универзитет го одигра првото лигашко финале, вкупно трето сметајќи го и купот, но се уште нема сили да ја запре неприкосновеноста на ривалот којшто беше подобар во сите три финални соочувања (две во купот и едно во првенството).

 

На вечерашниот натпревар најефикасен беше Марјан Урдов со 17 поени, два помалку забележа Владо Милев, двоцифрен беше и Ристо Николов со 13, а за составот на Џио Струмица Славе Наков придонесе со 9, Васе Михаилов со 8 и Ефтим Ричлиев со 5. Кај Универзитет во Тетово Јовица Симовски имаше 16, Ристо Клопчевски 13, Мирковиќ 12, Бериша 10, а Ѓоргески 2 поена.

 

Во Струмица денеска заврши 28.сезона во македонската клупска одбојка, а по неа ќе почне репрезентативниот период со настап на црвено-жолтиот национален тим во Европската сребрена лига во мај и во јуни, а потоа и на Европското првенство во септември, второ во историјата на македонската селекција.

Џио Струмица за осми шампионски пехар, Универзитет во Тетово за продоолжување на финалето

 

Вториот натпревар од финалната серија во Првата македонска машка одбојкарска лига може да биде и последен сезонава доколку Џио Струмица уште еднаш го совлада Универзитет во Тетово. Во таков случај, струмичани ќе ја прослават осмата шампионска титула со триумф со 3-0 во победи против ривалот во последната етапа од разигрувањето. Токму затоа тетовци немаат избор и денеска во салата „Парк“ од 19 часот пред камерите на Македонската радиотелевизија (МРТ-3 канал) треба да слават, затоа што тоа е единствениот начин за нив да ја продолжат низата и да се изборат за нов дуел, в петок на свој терен.

 

Калкулациите се јасни во пресрет на денешното соочување, вкупно осмо меѓу двете најдобри екипи кај нас во тековното првенство. Џио Струмица се радуваше на пет, а загуби само две пресметки и тоа оние коишто немаа влијание на пласманот во основниот дел. Но токму фактот што во финалето тетовци влегоа со две лигашки победи по ред, даде основа дека оваа серија може да биде долга, а не да заврши во најкраток рок. Сепак, во петокот на гостински терен, струмичките одбојкари остварија успех во пет сета и со оглед на почетната предност од 1-0 во победи заработена поради тоа што беа подобра екипа во полуфиналната двојка 1-4, дојдоа на чекор до тронот. Ако им се остварат желбите, тие уште денеска ќе го освојат осмиот лигашки пехар, седми од 2012 досега. Тие се први шампиони на независна Македонија, а во минатите девет сезони сметајќи ја и ланската којшто што не заврши поради пандемијата, имаат шест првенствени трофеи. Впрочем, Џио Струмиа не беше на врвот само двапати во последните осум одиграни првенства. Од друга страна, пак, Универзитет во Тетово го игра првото лигашко финале, а во двете во купот не успеа да се избори за премиерниот пехар во клупските витрини. Виновник за тоа е токму Џио Струмица која во 2019 и годинава го совлада ривалот во завршниот куп-меч.

 

Вкупниот биланс во меѓусебните дуели е 9-2 во полза на струмичани, кои со победа и на 12.натпревар ќе означат крај на клупската сезона 2020/21. По неа, ќе почне репрезентативниот период со настап на македонскиот национелен состав во Европската сребрена лига во мај и во јуни, а потоа и со подготовките и со учеството на Европското првенство во септември.